Канадскиот премиер Марк Карни ја поздрави иницијативата Канада да стане првата земја со статус на „придружна членка“ на Европската унија, отворајќи можност за досега невидено политичко и економско приближување меѓу Брисел и Отава, додека американскиот претседател Доналд Трамп се закани со „многу сериозни царини“ доколку планот продолжи.
Во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур, Карни рече дека Канада ја поздравува идејата што претходно ја предложи претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Канада и Европа треба да ја обезбедат својата стратешка автономија преку длабока соработка“, рече Карни.
Тој посочи дека соработката би можела да опфати критични минерали, одбранбена индустрија, вештачка интелигенција и компјутерски технологии, енергетска безбедност, вселенски технологии и платежни системи.
Карни рече дека истражувањата покажуваат оти големо мнозинство Канаѓани поддржуваат многу поблиски односи со Европа.
Фон дер Лајен сака односите на „највисоко можно ниво“
Фон дер Лајен во средата ја повика Канада да стане првата придружна членка на ЕУ, велејќи дека сака односите меѓу двете страни да бидат подигнати на „највисокото можно ниво“.
Таква категорија, сепак, во моментов не постои во договорите на Европската унија.
Ниту една држава досега не добила формална понуда за ваков статус. Германскиот канцелар Фридрих Мерц претходно годинава ја спомена можноста за придружно членство на Украина како преодна фаза кон полноправно членство, но идејата не доби поддршка од другите членки.
Земјите на ЕУ генерално поддржуваат продлабочување на односите со Канада, но дел од нив се резервирани кон самиот термин „придружно членство“.
Карни рече дека името на новиот однос е помалку важно од неговата содржина.
Тој нагласи дека Канада ниту е во позиција, ниту бара да стане полноправна членка на Европската унија.
Конечниот модел на односите треба да биде предмет и на дебата и гласање во канадскиот парламент.
Трамп: Можни се многу високи царини
Иницијативата предизвика остра реакција од Вашингтон.
Трамп ја нарече идејата „смешна“ и предупреди дека САД би можеле да воведат „многу сериозни царини“ или да ја ограничат трговијата со Европа доколку планот биде реализиран.
Карни возврати дека други држави нема да одлучуваат со кого Канада може да склучува меѓународни договори.
„Никој нема да ни диктира со кого можеме да склучуваме договори на меѓународно ниво“, рече канадскиот премиер.
Тој, сепак, инсистираше дека приближувањето кон ЕУ не е реакција на политиката на Вашингтон, туку „позитивна иницијатива“.
Канада и ЕУ веќе имаат развиена мрежа на трговски и секторски договори, но во последните месеци настојуваат дополнително да ги продлабочат врските во услови на трговски тензии со САД.
Канада во Еразмус+ и нова програма за младите
Карни предложи и конкретни мерки што директно би ги доближиле канадските и европските граѓани.
Меѓу нив е членство на Канада во Еразмус+, европската програма за образование, обука, млади и спорт.
Тој предложи и посебна програма преку која младите од Канада и ЕУ би можеле полесно да студираат, работат и живеат од двете страни на Атлантикот.
Во економијата, Карни повика и на практично непречена дигитална трговија со неаграрни производи и широк спектар услуги.
„Не создаваме трет блок“
Канадскиот премиер ја претстави иницијативата како обид средните сили да ја намалат зависноста од големите геополитички центри.
„Канада и Европа се силни одделно. Европа и Канада се посилни заедно“, рече Карни.
Според него, целта не е економска самодоволност, туку „колективна отпорност“.
Тој истовремено отфрли дека Канада и ЕУ се обидуваат да создадат нов геополитички блок што би им конкурирал на САД, Кина или другите големи сили.
„Не предлагам трет блок за да станеме ривал на големите сили, само со подобри манири“, рече Карни.
Доколку иницијативата добие конкретна правна форма, таа би создала нов модел на односи со ЕУ – подлабок од класично партнерство, но без Канада да стане полноправна членка на Унијата.

