Само 26 отсто од 15-годишните ученици во Северна Македонија го достигнуваат минималното функционално ниво по читање, 32 отсто по математика и 36 отсто по природни науки, покажуваат резултатите од ПИСА 2025, со што земјата останува значително под просекот на ОЕЦД во сите три области.
ПИСА го дефинира ниво 2 како основен праг на функционална писменост – способност ученикот да разбере главна идеја во текст, да реши едноставен математички проблем или да препознае научно објаснување врз основа на дадени податоци.
Во земјите на ОЕЦД, ова ниво го достигнуваат во просек 69 отсто од учениците по читање, 65 отсто по математика и 74 отсто по природни науки.
Во Северна Македонија, тоа значи дека околу три четвртини од учениците се под основното ниво по читање, околу две третини по математика и речиси две третини по природни науки.
Речиси нема ученици со врвни резултати
Уште поизразен е јазот кај најуспешните ученици.
Ниту еден ученик од Северна Македонија не достигнал ниво 5 или 6 по читање и природни науки, додека само околу 1 отсто ги достигнал највисоките нивоа по математика.
Во просекот на ОЕЦД, уделот на најуспешните ученици е околу 6 отсто по читање, 7 отсто по природни науки и 8 отсто по математика.
Овие нивоа подразбираат способност за решавање сложени проблеми, работа со апстрактни концепти и критичко оценување информации.
Математиката назадува
Резултатите по математика во 2025 година се полоши отколку во 2022 година, додека читањето и природните науки останале приближно на исто ниво.
Воедно, се зголемил и јазот меѓу 10 отсто најуспешни и 10 отсто најслаби ученици во сите три области.
Тоа укажува дека проблемот не е само нискиот просек, туку и растечката нееднаквост во знаењето меѓу учениците.
Словенија најавува реформа по сопствениот пад
Резултатите од ПИСА предизвикаа реакции и во регионот.
Словенечкиот министер за образование Борут Рончевиќ најави сеопфатна реформа на образовниот систем, вклучително и укинување на деветгодишното и постепено враќање на осумгодишното основно образование од учебната 2028/2029 година.
Словенија исто така бележи пад на резултатите, но и покрај тоа нејзините ученици остануваат значително пред македонските.
Основното ниво по математика таму го достигнуваат 65 отсто од учениците, по читање 64 отсто, а по природни науки 76 отсто.
Во Северна Македонија соодветните бројки се 32, 26 и 36 отсто.
Разликата покажува дека и земја која е блиску до просекот на ОЕЦД реагира со системска реформа, додека македонскиот образовен систем се соочува со далеку подлабок проблем.
Мобилните телефони и дигиталната расеаност
ПИСА покажува и силна поврзаност меѓу дигиталната расеаност и послабите резултати.
Околу 33 отсто од македонските ученици рекле дека нивните соученици често се расеани од дигитални уреди за време на часовите по природни науки.
Учениците кои пријавиле таква расеаност постигнале во просек 22 поени помалку по природни науки.
Околу 60 отсто од училиштата веќе вовеле некаква форма на забрана за користење мобилни телефони.
Вештачката интелигенција веќе е во училниците
Истовремено, 44 отсто од македонските ученици велат дека користат AI чет-ботови за училишни задачи најмалку еднаш неделно.
Ги користат за истражување теми, сумирање текстови и подготовка на писмени задачи.
Тоа е блиску до просекот на ОЕЦД од 46 отсто и покажува дека вештачката интелигенција веќе е дел од секојдневното учење, иако образовниот систем сè уште се обидува да утврди како да ја интегрира.
Секој четврти ученик мисли дека училиштето е губење време
Околу 24 отсто од учениците сметаат дека училиштето е губење време.
Само 55 отсто веруваат дека интелигенцијата може да се развива преку труд, работа и повратни информации, наспроти 69 отсто во ОЕЦД.
Проблем се и отсуствата.
Околу 35 отсто од учениците изјавиле дека пропуштиле најмалку еден цел училиштен ден во двете недели пред тестирањето, 41 отсто пропуштиле најмалку еден час, а 57 отсто задоцниле на училиште.
Сите три показатели се полоши отколку во 2022 година.
Наставниците добиваат подобри оценки од системот
И покрај слабите резултати, учениците релативно позитивно ги оценуваат наставниците.
Околу 80 отсто велат дека наставниците покажуваат интерес за нивното учење, 77 отсто дека продолжуваат со објаснување додека материјалот не биде разбран, а околу 80 отсто дека добиваат дополнителна помош кога им е потребна.
Тоа укажува дека слабите резултати не можат да се сведат само на работата на наставниците, туку се поврзани и со наставните програми, дисциплината, дигиталните навики, семејната поддршка и пошироката организација на образовниот систем.
ПИСА 2025 во Северна Македонија опфати 6.977 ученици од 124 училишта, што претставува околу 90 отсто од популацијата на 15-годишници.

