Северна Македонија „падна“ во групата со Косово, Србија и БиХ за евроинтеграциите. За две години и три месеци од фронтален играч стана губитник.
Пишува: Соња Крамарска
Политиката на Владата за омекнување на Брисел и на Софија, заврши со неуспех. Судејќи според вестите Северна Македонија не се најде во групата земји Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, на кои Европската унија им подаде рака за продолжување на преговорите за членство. Веста дека од фронтален играч пред две и пол години се претворивме во губитник не изненади никого. Дека земјата се движи кон таков исход, беше јасно уште кога премиерот Мицкоски велеше дека додека е тој на функцијата нема да има уставни измени под зададените услови од преговарачката рамка.
Се чини дека сепак, оваа разочарувачка вест го погоди македонското раководство, затоа што последниве три дена прави обиди ситуацијата да се минимизира. Мицкоски вели дека екстремистичкиот бран во Германија и Франција ќе го запре проширувањето на ЕУ. Тој порача дека неуспешен референдум во Исланд за рестартирање на преговорите со ЕУ, трите изборни циклуси во покраини во Германија на кои победија екстремни партии, и подемот на Марин ле Пен во Франција, значат дека не и се пишува добро на ЕУ. Демек седете си овде и не се грижете за евроинтеграцијата бидејќи ЕУ се соочува со неизвесност за сопствената иднина.
Ќе се тешиме со Планот за раст
Но што значи сето тоа за Северна Македонија, и за нас како граѓани, премиерот не кажа. Иако е многу поважно да слушнеме од него како прв човек во државата како сето тоа ќе се одрази на иднината на нашата земја.
Мицкоски е зачуден што и покрај тоа што Северна Македонија е успешна во искористувањето на парите од Планот за раст, овој успех не ги мотивирал во Брисел да ја стават земјата на мапата за членство. Ние испорачавме, вели тој, најголем дел од реформите што се дел од Реформската агенда и од Планот за раст веќе во два извештајни периода и ако пристапувањето во ЕУ е процес кој се оценува врз основа на заслуги, за мене ова е нелогично. Затоа, додава премиерот, треба да видиме дали е така или не е, а неговите информации велат дека не е така. Односно не е точно дека нашата држава не е веќе во зоната на Брисел.
Шефот на дипломатијата, пак, Тимчо Муцунски вели дека земјава очекува вклучување во втората фаза од Планот за раст и порака од Фон Дер Лајен дека Брисел останува посветен на реформскиот напредок на регионот. Според Муцунски, кај европските институции и неколку влијателни земји членки веќе постои подготвеност да посредуваат и да овозможат гаранции дека процесот ќе донесе предвидливост наместо нови и непредвидливи условувања. „Нашите позиции се јавни, во овој момент нема услови за уставни измени поради начинот на кој Бугарија се позиционира“, порача тој.
Што понатаму?
Во меѓувреме едно е сигурно: Брисел не поверува на солзите на Скопје дека Северна Македонија е малтретирана на патот кон Европската унија. Добро би било нашето раководство да соопшти план како ќе продолжи државата понатаму. Затоа што, дури и да се остварат прогнозите на нашите челници дека ветувањата кон четирите земји не значат дека тие ќе станат членки (така рече Муцунски), нашата држава ќе имаше бенефит од самиот процес на преговори. Вака сме ни ваму ни таму, а поточно останавме со Косово, Србија и БиХ, што не зборува пофално за политиката на нашата влада.
Ќе биде трагично ако навистина ЕУ даде патоказ за четирите земји кандидатки Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина. Патоказот со рокови до кога треба да се завршат обврските и што ќе испорача Брисел за возврат за извршените обврски, е на некој начин гаранција што ја бараше раководството на Северна Македонија дека патот кон ЕУ нѝ е чист. Меѓутоа, според Политико, не се најдовме во групата држави во „периметарот“ на Европската унија за кои ќе важат овие патокази. (ДОЈЧЕ ВЕЛЕ)

