22.8 C
Скопје
29 септември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Квотите функционираат во Собранието, но не и во Владата: Само три министерки од 20

Жените сочинуваат мнозинство од вработените во јавниот сектор, но остануваат значително помалку застапени на највисоките раководни позиции, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија за периодот 2020–2024 година.

Ревизорите заклучиле дека државата нема воспоставено доволно ефективни политики и мерки за зајакнување на улогата на жените на лидерски и раководни позиции во органите на централната власт.

Најголемата разлика се гледа меѓу Собранието и извршната власт.

Во 2024 година, жените сочинувале 39,2 отсто од пратениците, што ревизијата го поврзува со законски обврзувачките родови квоти на изборните листи.

Во Владата, пак, од 20 министри со ресор само три се жени, или 15 отсто, а меѓу петте вицепремиери нема ниту една жена.

Од независноста досега, ниту една жена не била претседателка на Владата или претседателка на Собранието.

Квотите функционираат таму каде што се задолжителни

Ревизијата покажува дека поголемата застапеност на жените во парламентот не е случајна.

Изборните листи мора да ги почитуваат законските квоти, а во спротивно можат да бидат одбиени.

Таков механизам не постои при изборот на министри и други раководни позиции во извршната власт.

Според извештајот, Законот за Владата и Деловникот не предвидуваат родов принцип при изборот на министри.

Ревизорите посочуваат и на честото именување вршители на должност без јавен оглас, што според нив ја намалува транспарентноста и создава ризици за квалитетот на изборот.

Од 30 директори на центри за социјална работа, 27 се вршители на должност.

Сите девет директори на јавни установи во социјалната заштита, исто така, се в.д. директори.

Во здравството, од 28 јавни здравствени установи само седум имаат директорки, односно 25 отсто, иако жените се побројни меѓу вработените во секторот.

Само 16 од 58 позиции именувани од Собранието ги водат жени

Собранието има именувано жени на 16 од вкупно 58 раководни позиции, што претставува 28 отсто.

Во собраниските комисии, жени претседаваат со шест од 22 комисии, наспроти осум од 24 во претходниот состав.

Во дипломатијата, уделот на жените се движи меѓу 17 и 35 отсто кај амбасадорите и меѓу 12 и 43 отсто кај генералните конзули, во зависност од периодот.

Ревизијата утврдила дека Владата нема назначено координатор и заменик-координатор за еднакви можности и нема единствен систем за собирање родово разделени податоци за именуваните лица.

Поради тоа, според ревизорите, не може секогаш навремено и прецизно да се утврди колку жени и мажи има на раководни позиции.

Ресурсниот центар за родово одговорно креирање политики, исто така, не спровел посебни обуки за жени лидери, иако такви активности биле планирани за 2024 година.

Законот за високи раководители сè уште не е донесен

Предлог-законот за високи раководители е доставен до Собранието на 27 мај 2026 година, но сè уште не е усвоен.

Предлогот предвидува именување врз основа на заслуги и вклучување на принципот на родова еднаквост.

Ревизијата покажува и дека политичките партии формално ја поддржуваат родовата еднаквост, но само една од десетте анкетирани партии има жена претседател, а само две имаат внатрепартиски квоти.

20 препораки за институциите

Државниот завод за ревизија дал 20 препораки, меѓу кои донесување на законот за високи раководители, задолжителни јавни огласи за раководни позиции, назначување координатори за еднакви можности и воспоставување систем за родово разделени податоци.

„Државата мора да преземе одговорност и да воспостави одржлив систем што на жените ќе им обезбеди сигурна средина и фер третман“, се наведува во извештајот.

 

Related posts

Е3 – нов воен сојуз за “независност” од САД

admin

Таравари: Ноќните пазари излегуваат на виделина

admin

Битката за уставни измени може да трае до редовните избори

admin

Проф. Бојаџиевска за „Трилинг”: Дел од интелектуалците паднаа во замката на политичко-манипулативната игра

admin

Немири во Белград по студентски протест; полицијата употреби сила и солзавец

admin

Русија гласа по четири години војна: Антивоената партија тргната од листата, Путин бара „победа“

admin