Вештачката интелигенција може за неколку секунди да му заврши на новинарот работа за која претходно биле потребни денови, но некритичкото преземање на нејзините содржини може да ги „убие“ новинарскиот стил и љубопитноста, оценува истакнатиот македонски новинар, уредник и колумнист, Ѕвездан Георгиевски.
Во интервју за СКУП, Георгиевски вели дека ВИ ја користи во својата работа и ја смета за напредна и корисна алатка, но предупредува дека нејзините одговори мора задолжително да се проверуваат. Тој вели дека повеќепати ја „фатил“ ВИ како дава погрешни или контрадикторни информации.
За Георгиевски, сепак, иднината на македонското новинарство не зависи само од технологијата. Многу поголем проблем, според него, е економскиот модел на медиумите и прашањето кој ја плаќа информацијата – читателите, маркетингот или политичките центри.
СКУП: Со оглед на вашето богато новинарско и уредничко искуство, кои се главните предизвици во употребата на вештачката интелигенција во новинарството?
Ѕвездан Георгиевски: Некритичноста и мрзеливоста. Гледам дека помладите колеги, веројатно за да си ја олеснат работата или во трка со времето, некритички ги преземаат содржините што им ги нуди ВИ на тацна.
Тоа, во крајна линија, го „убива“ новинарскиот стил и ја потиснува новинарската љубопитност, што е секако една од најпосакуваните новинарски особини. Медиумските содржини стануваат сè помеханички и дехуманизирани и практично отуѓени од реалноста што нè опкружува.
СКУП: Постојано се зборува за етичка употреба на алатките за вештачка интелигенција. Каде се границите на етичкото и професионалното во споредба со она што го нуди вештачката интелигенција?
Ѕвездан Георгиевски: Можеби сум престар за овие новини, ама искрено, тука не гледам некој особен проблем со ВИ. Оние што и до појавата на ВИ практикувале таканаречено „копи/пејст“ новинарство, тоа ќе го прават и со вештачката интелигенција.
Оние, пак, што ги практикувале професионалните стандарди, ќе ги практикуваат и сега. Тоа не зависи од ВИ, туку од професионалниот капацитет на секој новинар поединечно, а особено од професионалните капацитети на уредниците.
СКУП: Колку може и треба да им се верува на информациите што ги добиваме преку интернет, а се генерирани од вештачката интелигенција?
Ѕвездан Георгиевски: Јас сум од таканаречената „стара новинарска школа“. Во времето кога студирав, значи пред четири и кусур децении, важеше едно правило: „Ако ти каже мајка ти дека те сака, треба да пронајдеш два независни извора што ќе ја потврдат таа информација“.
Значи, секоја информација, добиена на кој било начин, па и преку ВИ, не треба, туку мора да се провери.
Лично, во моите текстови ги користам услугите на ВИ и мислам дека многу ја олеснуваат работата. На пример, ќе ја прашам: „Како се движела линијата на фронтот во руско-украинската војна во 2026 година?“ и ќе добијам одговор буквално за неколку секунди. А тоа е работа за која ми требаат барем два дена „рачно копање“ по интернетот.
И кога веќе ќе добијам некаков одговор, проверката на тие факти оди многу полесно и побрзо.
Од друга страна, повеќепати сум ја „фатил“ ВИ како ми дава погрешни или контрадикторни информации. И кога ќе ѝ го предочам тоа, го добивам оној „славен“ одговор: „Одлична забелешка, Ѕвездан…“ или „Во право си, Ѕвездан, сега ќе ја поправам грешката“.
Во таа смисла, ВИ е една унапредена и корисна алатка, ама сепак само алатка, подложна на задолжителна проверка.
СКУП: Дали брзината на информациите понекогаш треба да биде на штета на квалитетот?
Ѕвездан Георгиевски: Зависи од тоа што подразбираме под „квалитет“ и, секако, од карактерот на информацијата. Квалитетна информација е онаа што ќе изнесе што е можно повеќе факти за одреден настан.
Ако станува збор за вести од, на пример, природни катастрофи, тогаш брзината на протокот на информациите е од клучна важност.
На крајот на краиштата, иако лично го почитувам новинарскиот стил, основата на новинарството не е литература, туку информација.
Да кажеме, еден од најпознатите новинарски потфати беше откритието на „Аферата Вотергејт“ од страна на Вудворд и Бернстајн од „Вашингтон пост“. Никој никогаш не го поставил прашањето дали нивните текстови биле квалитетно напишани. Не. Важно е дека се вистинити.
СКУП: Каде ја гледате иднината на македонското новинарство?
Ѕвездан Георгиевски: Не знам. Според мене, македонското новинарство има структурен проблем. Не постои бесплатна информација. Информацијата е стока, како и секоја друга. Онаа што е со подобар квалитет е поскапа. Поевтината, се разбира, е помалку квалитетна, а бесплатната е најлоша.
Сакам да кажам дека информацијата, значи трошоците за телефони, кирии, опрема, превоз, плати, хонорари, репроматеријали, дописничка мрежа итн., мора некој да ги плати.
Имате три избора: или ќе ги платат читателите, или маркетингот, или политиката.
Ако читателите ви ги плаќаат трошоците, тогаш тие и го уредуваат вашиот медиум, односно работите во нивен интерес. Ако ви ги плаќа маркетингот, тогаш веќе не сте медиум, туку пропагандно гласило што работи на принципот на „кликови“. Во овој случај вие не ја продавате информацијата на читателите, туку читателите им ги продавате на фирмите. Небаре се компири.
Ако ве плаќа некој политички центар, тогаш сте партиски пропагандист. Никој не дава пари без да очекува некаков поврат.
За жал, ние го одбравме патот до новинарскиот пекол и ги навикнавме читателите да добиваат бесплатни информации како на шведска маса. Е, сега, на таа шведска маса не значи дека сè е квалитетно. Напротив. И тука читателот, да не кажам јавноста, може лесно да се изманипулира.
Има, се разбира, и квалитетни медиуми, но тие се главно финансирани од независни, најчесто странски извори. Меѓутоа, и тие извори не се непресушни. Видовме што направи американскиот претседател Доналд Трамп кога го доби вториот мандат.
Така што, навистина не знам што ќе се случува со македонското новинарство.

