Опозицискиот СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека намерно ја изолира Македонија од Европската Унија и дека таквата политика оди во прилог на интересите на Србија и Русија, откако земјата, според партијата, е изоставена од акционите планови што Брисел ги подготвува за кандидатите најблиску до членство.
СДСМ тврди дека патокази со конкретни рокови и обврски се подготвуваат за Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија, додека Македонија, заедно со Србија, Косово и Босна и Херцеговина, останува надвор од оваа група.
„Како земји што не мрднале“, оценува СДСМ, наведувајќи дека Македонија била меѓу првите земји во регионот што го започнале европскиот процес, но сега повторно останува во чекалната.
„Кому му одговара? Само на Вучиќ и Русија“
Опозициската партија тврди дека застојот не е случаен, туку резултат на политиките на Владата.
„Кому му одговара Македонија да биде изолирана? Само на Вучиќ и Русија“, наведува СДСМ.
Според партијата, на Москва ѝ одговара Македонија да остане надвор од Европската Унија како „тампон-зона кон ЕУ“, додека за српскиот претседател Александар Вучиќ земјата би била „отстапница“.
СДСМ оди чекор понатаму и директно го обвинува Мицкоски дека дејствува во интерес на Москва.
„Мицкоски е руски прокси играч“, тврди партијата, додавајќи дека политичките структури што ги нарекува негови „сателити“ имаат иста задача – Македонија да стои во место.
СДСМ ја посочува и Левица
Во ист контекст опозициската партија ја напаѓа и Левица, нарекувајќи ја „руска партија“ со анти-НАТО, анти-ЕУ и антиамериканска политика.
„Трите сили се споија. Цел: земјата да стои во место“, наведува СДСМ.
Партијата ја поврзува оваа теза и со надворешната политика на Владата, тврдејќи дека односите со Вашингтон се сведуваат на „слики по ходници, не дела“.
Истовремено, СДСМ обвинува за засилено присуство на кинески капитал и за она што го нарекува „Орбанови кредити“, како и за промоција на Кина и кинески проекти преку вицепремиерот Иван Стоилковиќ и лица кои во соопштението ги нарекува „други играчи на БИА“.
„Изолацијата не падна од небо. Ја работи кабинетот“, наведува партијата.
Обвинувања за блокирани реформи
СДСМ причината за европскиот застој ја гледа и во, како што тврди, неисполнувањето на реформските обврски од страна на Владата.
„Доби рок. Го продолжи за една година. Вети 1 јуни. Од тогаш ни глас“, се наведува во соопштението.
Партијата ги поврзува европските интеграции и со состојбата во правосудството и полицијата.
„Судство на телефон. Обвинител на далечинско. Полицијата партиска. Извештајот на ЕК катастрофален“, обвинува СДСМ.
Според опозицијата, токму состојбата во институциите е една од причините Македонија да не биде третирана како земја што е подготвена за забрзување на европскиот процес.
„Патоказот не се дава на банда. Се дава на институција“, наведува СДСМ.
„Кој ја запира Европа, ја предава земјата за туѓа агенда“
Партијата тврди дека блокирањето на реформите и европскиот застој се дел од иста политичка насока.
„Кој ги запира реформите, ја запира Европа. Кој ја запира Европа, ја предава земјата за туѓа агенда“, се наведува во соопштението.
СДСМ порачува дека Македонија не смее да стане „депонија“ или „тампон“, туку треба да остане, како што наведува партијата, „татковина“.
Соопштението завршува со директна политичка порака до Владата:
„Патоказот ќе дојде кога бандата ќе си оди.“

