Претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, изјави дека партијата ја поддржува иницијативата за разговори со Бугарија, но дека нема да прифати прашањата за македонскиот идентитет, јазик и култура да бидат предмет на преговори.
На партиски настан во Гостивар, во рамки на отчетот под мотото „Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија“, Димитриевски рече дека европската интеграција останува стратешка определба, но дека билатералните прашања не треба да се претвораат во дополнителни услови во пристапниот процес.
„Ние сме за разговор, за средба и за добрососедски односи со Бугарија. Но, да бидеме јасни, за идентитетот, јазикот и културата на македонскиот народ нема да преговараме“, рече Димитриевски.
Тој ја обвини претходната власт дека дозволила билатералниот спор со Бугарија да стане дел од европскиот процес и рече дека ЗНАМ нема да поддржи повторување на таков пристап.
„Македонија ќе оди кон Европската Унија, но во Европа ќе влеземе како Македонци, со македонски јазик, македонска култура и сопствен национален идентитет“, рече Димитриевски.
ЗНАМ го врзува европскиот курс со „црвени линии“
Димитриевски рече дека ставот што ЗНАМ го застапува од основањето на партијата денес е дел и од владината и државната позиција.
Тој го поддржа продолжувањето на дијалогот со Софија, но инсистираше дека разговорите не треба да водат кон нови условувања поврзани со идентитетски прашања.
Изјавата доаѓа во период кога Владата бара поголемо присуство на ЕУ, а премиерот Христијан Мицкоски спомена и НАТО како можен дополнителен формат во идните разговори со Бугарија.
Отчет и за инфраструктурата и платите
На средбата во Гостивар, Димитриевски говореше и за инфраструктурните проекти и животниот стандард.
Тој рече дека во изминатиот период биле поддржани повеќе од 1.200 проекти во општините, меѓу кои улици, водоводи, канализации, училишта, спортски објекти и друга инфраструктура.
„Кога зборуваме за резултати, зборуваме за нешто што граѓаните можат да го видат и почувствуваат“, рече Димитриевски.
Тој посочи и на зголемувањето на платите во јавниот сектор, наведувајќи ги администрацијата, образованието, здравството и безбедносниот сектор.
Според него, економскиот раст треба директно да се почувствува во семејните буџети.
На панелот говореа и пратеникот Павле Арсовски, поранешниот министер за правда Игор Филков и заменик-министерот за дигитална трансформација Радислав Настасијевиќ Варџиски.

