Околу 1.000 нови случаи на рак на дојка се регистрираат годишно во земјата, а околу 7.000 пациентки во моментов се лекуваат или претходно биле лекувани, изјави министерот за здравство Сашо Клековски, најавувајќи преиспитување на сегашната скрининг-програма.
На настанот „Розов пикник појадок“, организиран од ХЕМА-ОНКО во Градскиот парк во Скопје, Клековски рече дека раното откривање останува клучно за успешно лекување, но дека постојниот модел на скрининг треба да се менува.
„Мораме комплетно да го премислиме концептот и се надевам многу бргу заедно со ХЕМА-ОНКО ќе промовираме нов концепт за скрининг-програмата“, рече Клековски.
Тој се повика на извештајот на Државниот завод за ревизија, според кој сегашната програма не ги дала очекуваните резултати.
Два лека префрлени на позитивната листа
Клековски рече дека два лека за рак на дојка се префрлени на позитивната листа, со што пациентките на хронична терапија можат да ги подигнуваат во аптеките наместо да одат на Клиниката за онкологија.
Според него, снабдувањето со лекови во моментов е стабилно, но Министерството анализира дополнителни мерки за да се намалат можните прекини во испораката на терапијата.
Министерот рече и дека од минатата година е обезбедена дополнителна финансиска поддршка за Клиниката за торакална хирургија и Клиниката за пластична хирургија, со цел реконструктивните интервенции да се прават веднаш по оперативниот третман.
„За нас тоа не е само естетско прашање, туку прашање на психофизичкото здравје и квалитетот на живот на жените кои се соочиле со оваа болест“, рече Клековски.
ХЕМА-ОНКО: Потребни се рано откривање и редовни контроли
Ана Марјановиќ од ХЕМА-ОНКО рече дека раното откривање значително ги зголемува шансите за успешно лекување и повика жените редовно да го следат своето здравје и навреме да се јавуваат кај лекар при забележани промени.
Таа рече дека во моментов државата нема функционална скрининг-програма и оцени дека е потребно посистемско организирање на превенцијата и раната дијагностика.
Марјановиќ информираше и дека годинава е воведен тумор-борд за рак на дојка, во кој одлуките за третман треба да ги носи мултидисциплинарен тим составен од онколози, торакални хирурзи, радиолози и патолози.
Таа изрази надеж дека следната година во тимот ќе биде вклучена и Клиниката за пластична хирургија.
Пациентките повикаа да не се молчи за болеста
На настанот свои искуства споделија и пациентки кои се лекуваат од рак на дојка.
Марина Камберска, која осум и пол години живее со дијагнозата, повика жените да не се изолираат и отворено да зборуваат за болеста и да бараат поддршка.
Тереза Балаловска, која се лекува од 2019 година, рече дека болеста ја открила преку самопреглед и порача дека здравствената култура, редовните прегледи и отворениот разговор можат да придонесат за порано откривање.
Настанот беше поддржан и од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а организаторите порачаа дека јавните кампањи треба да помогнат во намалување на стигмата и поттикнување на жените навреме да побараат медицинска помош.

