25.8 C
Скопје
5 октомври, 2026
Inbox7.mk
НАУКА

Микроквалификациите и дуалното образование го менуваат концептот за универзитетот

Универзитетите треба да имаат поголема улога во економскиот развој, но нивното влијание во моментов е недоволно, оценува Марјан Бојаџиев од ИХОН-С. Според него, земјата се соочува и со проблемот на заминување на младите кадри, додека универзитетот на иднината ќе биде пофлексибилен и сè повеќе ќе се потпира на микроквалификации, микроакредитации и дуално образование.

Говорејќи за улогата на универзитетите во економскиот раст, Бојаџиев оценува дека нивното влијание треба да биде значително, но во практиката тоа останува недоволно.

“Треба да влијаат, но за жал влијаат недоволно“, вели Бојаџиев.

Тој ова прашање го поврзува со потребата од поголеми инвестиции во науката и образованието, осврнувајќи се и на дискусиите на европско ниво за економската и технолошката конкурентност.

Според него, инвестициите во образованието и науката се неопходни доколку се сака економијата да го следи чекорот со индустрискиот и иновативниот развој во светот.

Еден од проблемите што тој го издвојува е заминувањето на најдобрите млади кадри од земјата. Бојаџиев смета дека тоа е и последица на претходните политики, кога државата финансираше студии на младите на престижни универзитети во странство.

“Делумно да. За жал, имавме една многу чудна политика“, вели тој. Според Бојаџиев, инвестицијата во образованието на овие млади луѓе не била проследена со доволно механизми за нивно враќање во земјата.

“Од времето на Груевски се финансираа студии на најпрестижните универзитети во светот. Проблемот е што тие луѓе заминаа, се вработија во големи компании и повеќето не се вратија“, истакнува тој.

 

Затоа, според него, државата треба да креира конкретни политики за враќање на кадрите.

“Треба да најдеме начин да ги стимулираме младите да се вратат. Само преку стимулација може да се постигне тоа“, оценува Бојаџиев.

Во однос на односот меѓу универзитетската автономија и државната контрола, Бојаџиев истакнува дека автономијата во земјата е релативно широка.

“Мислам дека автономијата кај нас е доста широка“, вели тој, наведувајќи го и своето лично искуство како студент во периодот на социјализмот.

Во однос на критериумите на Scopus и Web of Science, Бојаџиев го разгледува прашањето од две перспективи.

Тој го поставува прашањето дали приватните компании треба да имаат улога во утврдувањето на стандардите за академски квалитет.

“Тука постојат две гледишта. Едното е дека приватните компании не треба да одлучуваат за академскиот квалитет“, објаснува тој.

“Бојаџиев посочува дека Scopus и Web of Science се приватни компании и токму тоа отвора принципиелна дилема околу нивната улога во академското оценување.

Од друга страна, тој признава дека индексирањето може да претставува важен показател.

“Од друга страна, секое индексирање претставува одреден показател на квалитетот“, вели тој.

Но, според него, објавувањето трудови и нивното презентирање на локални конференции не се доволни за силен научен систем.

“Не е доволно само да се пишуваат трудови и да се презентираат на локални конференции“, нагласува Бојаџиев.

Говорејќи за тоа како би можел да изгледа универзитетот по десет години, Бојаџиев предвидува многу пофлексибилен систем на високо образование.

“Сигурно ќе биде многу пофлексибилен“, вели тој.

Во тој контекст, тој го издвојува развојот на микроквалификациите и микроакредитациите, кои стануваат сè поважен дел од современото образование.

“Веќе навлегуваме во концептот на микроквалификации и микроакредитации“, истакнува Бојаџиев.

Друг развој што тој го смета за значаен е дуалното образование. Според него, Стопанската комора, каде што е потпретседател, веќе подолго време работи на развојот на овој модел според германскиот пример.

“Стопанската комора, каде што сум потпретседател, веќе подолго време го развива концептот на дуално образование според германскиот модел“, вели Бојаџиев, додавајќи дека овој модел сè повеќе се шири и во Франција.

 

 

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас. 

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

Related posts

Пет начини како вештачката интелигенција може да го уништи светот

admin

Маск: Вештачката интелигенција ќе ја реши должничката криза на САД за три години

admin

Шест табори се борат за иднината на ВИ: Едни бараат забрзување, други предупредуваат на исчезнување на човештвото

admin

Што (не) значат новите Американски препораки за вакцини за Македонија?

admin

Во Кина, ентузијазмот за „OpenClaw“ се шири – од ученици до пензионери кои „одгледуваат јастози“

admin

Кога случаите стануваат епидемија?

admin