Пишува: Ристе Костовски
Една од стратешките цели на компаниите е нивниот раст и развој. Имено, растот и развојот на компаниите се постигнуваат преку инвестиции во инфраструктура и физички капитал, но клучен фактор се инвестициите во обука и развој на вработените.
Овие инвестиции се клучни за подобрување на перформансите на компаниите. Емпириските истражувања покажуваат позитивна корелација меѓу инвестициите во обука и развој и индивидуалните и организациските перформанси. Sundaram (2015) во својот труд забележува позитивно влијание на обуката и развојот врз перформансите на вработените и организациите. Оттука, објаснувачките варијабли треба да се бараат во поголемата мотивираност на вработените да ја подобрат својата продуктивност.
Bekele (2021) во својот труд забележува дека постои позитивна корелација меѓу програмите за обука и развој на вработените и нивните перформанси. Во основа, целта на обуката и развојот на вработените треба да биде подобрување на нивната продуктивност. Продуктивноста, мерена на микроекономско и индивидуално ниво, е клучна за остварување на целите на самата организација и за зголемување на нејзината конкурентност.
Инвестициите во обука и развој на вработените, во овие динамични услови на пазарот на трудот, треба да се разгледуваат и да се конципираат како инструмент за стабилизирање на очекувањата и за креирање позитивни очекувања за раст и развој на вработените и компаниите, со цел намалување и стабилизирање на одливот на вработени од компаниите.
Имено, очекувањата се од клучно значење за економската динамика, како на макроекономско, така и на микроекономско ниво, и имаат суштинско влијание врз однесувањето на економските субјекти. Во овој контекст, очекувањата на вработените се од клучно значење за зголемување на продуктивноста и за градење лојалност кон одредена организација на среден и долг рок.
Оттука, програмите за обука и развој се важни за зголемување на довербата на вработените во компанијата, за создавање позитивни очекувања во однос на нејзиниот иден раст и развој, како и за градење поголема приврзаност и лојалност на вработените кон компанијата. Оваа поврзаност ќе овозможи стабилизирање на кадровската политика и ќе создаде поголеми можности за раст на продуктивноста на вработените.

