Пишува: проф. Радица Таскова
Книжевен критичар, книжевен рецензент, уредник и автор
Не ги уништуваат детствата само насилниците. Ги уништуваат и оние што гледаат, знаат, а избираат да молчат.
Срамота е да живееме во општество во кое детето мора да собира храброст за да оди на училиште, да се плаши од училишниот одмор, да ги крие солзите и да размислува дали утре повторно ќе биде понижено. Срамота е родителите да стравуваат што ќе им се случи на нивните деца, додека возрасните се занимаваат со тоа чија репутација ќе биде нарушена ако вистината излезе на виделина.
Да престанеме да се лажеме: врсничкото насилство не е детска шега! Тоа не е фаза, не е игра и не е обично недоразбирање меѓу деца. Кога едно дете постојано е навредувано, заплашувано, удирано, исмевано или изолирано, тоа не е конфликт. Тоа е насилство. И за насилството мора да има одговорност.
Но каде се возрасните кога едно дете плаче зад затворена врата? Каде се институциите кога родителот бара помош? Каде е училиштето кога ученикот со денови трпи понижување? И зошто толку често се бара од жртвата да биде трпелива, додека одговорните добиваат уште една можност да се извлечат?
Најстрашно не е само насилството. Најстрашно е неговото оправдување.
„Деца се, ќе им помине.“
„Не правете голем проблем.“
„И моето дете е добро.“
„Не сакаме да правиме скандал.“
Токму во тие реченици се крие опасноста. Зад секое такво премолчување може да стои дете што ја губи довербата во возрасните. Дете што почнува да верува дека никој нема да му помогне.
А родителите? И тие мора да се соочат со вистината. Љубовта кон сопственото дете не значи слепо оправдување на секоја негова постапка. Ако вашето дете повредува друго дете, не му правите услуга бранејќи го по секоја цена. Му нанесувате уште поголема штета. Воспитувањето не е навивање за сопственото дете, туку учење да разликува добро од зло и да преземе одговорност.
И училиштата мора да разберат дека угледот на една институција не се брани со прикривање проблеми. Се брани со храброст да се соочат со нив. Не се доволни протоколи во фиока, декларации против насилство и пригодни говори на училишни приредби. Потребни се навремени реакции, стручна помош, заштита на жртвата и конкретни мерки кон сторителите, согласно законот.
Никој не бара од децата да бидат совршени. Но бараме возрасните да бидат одговорни!
И уште нешто: не смееме да заборавиме дека и детето што врши насилство е дете на кое му се потребни граници, воспитување и стручна поддршка. Но неговата возраст не смее да биде изговор за игнорирање на болката што му ја предизвикува на друго дете.
Доста е од префрлање одговорност! Доста е од затворање очи! Доста е од општество во кое сите се загрижени за тоа како изгледа случајот во јавноста, а премалку за тоа како се чувствува детето што го преживува!
Децата не се родени за да ги плаќаат сметките на нашата неодговорност. Не се родени за да ги лекуваат комплексите на возрасните, да ја трпат нашата агресија и да учат дека неправдата е нормална појава.
Ако не можеме да заштитиме едно дете од насилство, тогаш не зборувајте ни за морал, ни за воспитување, ни за иднина!
Зашто вистинскиот срам не е кога ќе се објави дека во едно училиште има насилство. Вистинскиот срам е кога сите знаат, а никој не презема ништо.
Едно дете може да заборави многу лекции од учебниците. Но никогаш нема лесно да заборави кој го повредил, кој го понижил и кој можел да го заштити, а не го направил тоа.
Детството нема реприза. А нашето молчење може да остави последици за цел живот.

