Пишува: Трифун Костовски
Во јавноста одекна информацијата дека конкурсот распишан од актуелната влада за идниот судија, којшто треба да го заземе местото во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, е поништен без никакво образложение.
Одекна и реакцијата на госпоѓата судијка, Ленче Ристоска, една од кандидатите за оваа функција, во која што таа укажува на низа неправилности во конкурсот од страна на актуелната влада.
Специјалното Јавно обвинителство е минато во Македонија. Денеска се толкува како црна дупка во нашиот судски систем. Причините за ваквата перцепција меѓу луѓето е токму поради корупцијата во која беше вмешан првиот човек на ова Специјално Јавно обвинителство, госпоѓата Катица Јанева, поставена како прв човек на ова јавно обвинителство токму од политичките партии во Република Македонија.
Во времето кога се оформи и почна со работа ова јавно обвинителство , ние граѓаните бевме горди на двете судијки, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска. Впечатливо беше што на мошне елоквентен и професионален начин ја извршуваа својата функција споделувајќи ги со јавноста сите криминални дејства со кои се занимаваше ова обвинителство.
За прв пат во нашата независна Македонија, ние граѓаните почувствувавме дека е отворена вистинска борба против организираниот криминал и корупција.
Овие две судијки, кои професионално и чесно си ја извршуваа својата функција во Специјалното јавно обвинителство, беа на одреден начин жигосани од останатите нивни колеги, бидејќи токму тие беа избрани да бидат тим во новоформираното Специјално јавно обвинителство.
Сведоци сме дека во периодот по затварањето на ова обвинителство, двете обвинителки мака мачеа да го најдат своето место во правосудниот систем на нашата држава.
Ленче Ристоска беше одбиена за Виш јавен обвинител, под образложение дека е премлада, додека нејзината колешка Фатиме Фетаи, две години помлада од неа, ја доби истата функција.
Двете судијки и денес во очите на јавноста имаат силен респект поради нивната професионалност до крај.
Едната од нив беше прифатена од Јавното обвинителство, а другата беше приморана да се вработи како Обвинител за врски на Република Македонија во Eurojust, агенција на Европската Унија за координација на кривично-правна соработка.
Прашувам отворено: „кому му пречи Ленче Ристоска”? Професионалец како Ленче Ристоска, којашто јавноста ја доживува како врвна и чесна судијка, неопходно му е потребна на нашиот судски систем, доколку навистина сакаме да се бориме против организираниот криминал и корупција.
Очигледно има нешто гнило во нашата држава. Стануваме држава во која професионалноста и чесноста не се битни квалитети во нашето секојдневие. До кога вака ќе функционираме? Дајте му шанса на секој чесен и стручен професионалец кој си ја сака својата татковина и достоинствено си ја врши својата функција! Правдата ќе завладее токму тогаш кога целиот судски систем ќе биде комплетиран од чесни професионалци. Треба многу време, но долга е раката на правдата…

