Идентитетот, евроинтеграциите, минималната плата, животниот стандард и енергетиката беа меѓу клучните теми на седницата за пратенички прашања во Собранието на Северна Македонија, која беше обележана со остри обвинувања и контраобвинувања меѓу власта и опозицијата.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратенички прашања, посочи дека според последната анализа на економскиот институт „Фајнанс Тинк“, граѓаните на Северна Македонија имаат подобар животен стандард од граѓаните во неколку земји од Европската унија и регионот, вклучително и Португалија, Грција, Србија, Црна Гора и Албанија.
„Ние сме подобри од една Португалија, подобри сме од Грција, подобри сме од Црна Гора, подобри сме од Србија, подобри сме од Албанија. Можам да го покажам слајдот со бројките – тоа не се наши податоци, туку од реномирана институција“, изјави Мицкоски, додавајќи дека бројките „пред кои и боговите молчат“ се доказ за економските успеси на владата.
Тој ја обвини опозицијата, како и еден од синдикатите кои учествуваа на вчерашната седница на Економско-социјалниот совет, за политизирање на економските теми и пренебрегнување на фактите.
Стара реторика за нови конфликти
Седницата доби дополнителен тон на политичка поларизација кога пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулески, ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за враќање на реториката на поделба меѓу „предавници и патриоти“, велејќи дека таквиот дискурс служи за прикривање на неспособноста на владата да испорача реални резултати.
„Се ми се чини дека историјата се повторува како фарса. Вие и Груевски сте патриотите, а сите ние од опозицијата клетите предавници и соработници на Бугарија“, рече Трајчулески. Тој посочи дека СДСМ е идеолошки наследник на антифашистичките вредности од АСНОМ, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ за флуидна идеологија, која се колеба меѓу фигури како Ванчо Михајлов, Тодор Александров и Гоце Делчев.
Дебатата се прошири и на прашањата поврзани со евроинтеграциите и односите со Бугарија. Мицкоски повтори дека негаторските позиции на официјална Софија за македонскиот јазик и идентитет не се новина, туку се дел од долгорочна политика што, според него, ја прифатила претходната власт.
„Она што не успеа да го направи Батенберг, егзархот Јосиф и Тодор Живков – вие го прифативте. Доброволно потпишавте, лажејќи во овој Парламент, да ги асимилирате Македонците“, рече премиерот, обвинувајќи ја опозицијата дека молчела кога, според него, во европските извештаи биле маргинализирани идентитетските прашања.
Фокус на економија и енергетика
Голем дел од расправата беше посветен и на економските предизвици, енергетската независност и минималната плата. Мицкоски рече дека Владата работи на нови енергетски проекти и најави дополнителни инвестиции во патната инфраструктура, вклучително и на Коридорите 8 и 10д, како дел од пошироката стратегија за економски раст.
Според анализата која ја презентираше, Северна Македонија се наоѓа во „златната средина“ на табелата за сооднос меѓу минималната плата и трошоците за живот, веднаш зад Германија, која е водечка по тој параметар.
Собраниската седница, иако формално посветена на прашањата од јавен интерес, откри длабоката политичка и идеолошка поделеност во државата, особено во контекст на продолжениот евроинтегративен процес и притисоците однадвор. И додека власта се обидува да прикаже економски прогрес и стабилност, опозицијата го оспорува легитимитетот на тие тврдења, предупредувајќи за назадување во демократските стандарди и обид за ревизија на историјата.
Собранието очекува продолжение на ваквите дебати и во наредниот период, во време кога земјата се соочува со сериозни предизвици – и надворешни и внатрешни.

