Автор: Бенита Белешкова
Деновиве си поставив едно прашање: Како љубопитноста за луѓето нè води до книжевноста, а книжевноста повторно нè враќа кај луѓето?
Кога нешто ќе почне да ме мачи, имам професионална навика да истражувам. Најчесто станува збор за правен проблем, со јасно утврдена надлежност, рок и можност за жалба. Овојпат немаше ниту надлежен орган ниту рок за одговор, а жалбата можев да ја поднесам само до сопствената љубопитност.
Во работата секојдневно комуницирам и со Македонци и со Албанци. Разговараме, соработуваме, решаваме проблеми, спогодуваме, понекогаш се согласуваме, но понекогаш не. Но да запознаеш човек не значи автоматски да го запознаеш и светот од кој доаѓа. За тоа понекогаш не е доволен разговорот. Треба да се посегне и по книгите.
Така мојата професионална љубопитност, во слободното време, почна да се однесува како да добила сопствен работен договор. Ме одведе до албанската книжевност, нејзините автори, историски трауми, митови и интелектуални расправи. Колку повеќе читав, толку поедноставно, а воедно и понепријатно, стануваше прашањето: како е можно толку долго да живееме едни покрај други, а толку малку да се познаваме преку она најдлабокото што го создале нашите писатели?
Не е дека не се среќаваме. Се среќаваме секој ден, како станари во иста зграда што со години се разминуваат во лифтот, разменуваат пристојно „добар ден“, но не знаат што чита соседот од третиот кат. Сè додека не се расипе лифтот. Тогаш сите стануваат експерти за заедничкото живеење, а некој неизбежно предлага да се формира комисија.
Митот има извонреден менаџмент.
Во истражувањето стигнав и до академик Али Алиу и неговото дело „Балканскиот мит кај Кадаре“ (Miti ballkanik te Kadareja). Преку неговото читање на Исмаил Кадаре почнав поинаку да размислувам за митот: не само како за наследство што народите го чуваат, туку и како за приказна што толку долго ја повторуваат што на крајот забораваат да проверат што навистина се случило.
Кадаре покажува дека минатото никогаш не останува сосема во минатото. Тоа се преселува во легендите, стравовите и колективните претстави, понекогаш и во политиката. Митот може да биде чувар на меморијата, но и нејзин затвор. На Балканот, во секој случај, има одличен менаџмент: ги преживува системите, границите и генерациите, а никогаш не мора да одговара за претходните изјави.
Ние му веруваме и затоа што го наследивме од дедовците. А со дедовците тешко се расправаш,особено ако веќе не се тука за да одговорат на дополнителните прашања. Писателот, меѓутоа, може да го отвори наследството и да праша за тоа кој ја раскажува приказната, зошто токму така, кого прави херој, кого непријател, а кого едноставно го изоставува?
Тука книжевноста станува поинтересна од националната самоувереност. Таа не бара да се откажеме од меморијата, туку да престанеме да ја третираме како документ што не смее да се отвори.
Две книжевности, повеќе од една ветерница
Додека ги истражував овие прашања, ми се наметна и една македонско-албанска паралела. Ако албанската книжевност има свои големи борби за јазикот, идентитетот и историското самопрепознавање и македонската носи свои, различни, но на одредени места сродни искуства.
Од Крсте Мисирков до Блаже Конески, прашањето за македонскиот јазик никогаш не било само граматика. Зад него стоела потребата еден народ да го именува светот на свој начин, да ја зачува својата меморија и да создава книжевност на јазикот во кој ја препознава сопствената душа. Во албанската книжевна традиција, Али Алиу ни помага да ги читаме авторите низ нивните историски и идентитетски дилеми; во македонската, академик Гане Тодоровски е едно од имињата преку кои ја разбираме врската меѓу книжевноста, јазикот и културната самосвест.
Не тврдам дека нивните биографии се исти или дека историите на двата народа можат да се стават во една рамка. Тоа би било премногу лесно, дури и за Балканот, кој одамна има доволно лесни објаснувања и недостиг од луѓе подготвени да ги проверат.
Ме интересира што би се случило ако овие два интелектуални света ги читаме еден покрај друг ама не за да утврдиме кој има поголема историска заслуга, туку за да откриеме како различни книжевни традиции се справувале со слични човечки прашања.
Можеби Дон Кихот, витезот што се бори со ветерници, има многу роднини на Балканот. Некои се борат за јазикот, други за правото на сопствената историја, трети за признавањето на културата што ја наследиле. На современиците понекогаш им изгледаат смешно, сè додека времето не покаже дека нивната борба имала смисла.
Само што кај нас, ако двајца Дон Кихотовци се сретнат од различни страни на границата, пред да разговараат за ветерниците веројатно ќе мора да утврдат чија е ветерницата. Ако разговорот тргне добро, ќе формираат заедничка комисија. Ако не, секој ќе си напише сопствен еп и тоа со ветерница, предавник и историска фуснота.
Кафето што недостига
Али Алиу и Гане Тодоровски се важни не само поради сопствените дела, туку и затоа што нивното споредување отвора пошироко прашање односно за тоа колку сме подготвени да ги запознаеме луѓето што размислувале за нашите соседни светови? Не сакам да составувам натпреварувачка табела на нивните заслуги. Културата не е олимписка дисциплина, иако понекогаш се однесуваме како да се доделуваат медали за најстар јазик, најголем поет и најпострадан народ.
Не тврдам дека овие интелектуалци не се познавале или дека меѓу нив немало контакти; за таков заклучок би било потребно посебно истражување. Но за многумина од нас нивните дела сè уште не се дел од заеднички читателски простор. Тоа е доволна причина да се прашаме колку книги останале непреведени, колку средби не се случиле и колку автори не сме ги побарале затоа што никој не ни рекол дека треба.
Вистината е дека живееме во преводна блокада. Ни недостигаат заеднички книжевни проекти и автентични јавни разговори, каде македонските и албанските интелектуалци ќе зборуваат за духовните вредности кои ги допреле, а не за темите кои служат како политички фитиљ. Уморни сме од дебати со предвидливо сценарио во кои секој си ја брани својата тврдина. Ни треба вистинска средба на мислите, а таа средба често почнува наједноставно,со едно обично кафе без протокол.
Звучи едноставно, речиси сомнително едноставно. На Балканот сме потрошиле многу повеќе време на историски расправи отколку на прашањето што чита соседот и за што размислува. Ако кафето не успее, барем ќе знаеме дека проблемот не бил во шеќерот.
Не мислам дека македонските и албанските писатели треба да создадат еден заеднички мит, ниту дека разликите треба да се разматат во балканска супа од пригодни говори. За да се сретнеме, најнапред треба да ги познаваме сопствените разлики. Но разликата не мора да биде ѕид, туку може да биде прозорец ама под услов да не го отвориме само за да провериме кој ни гледа во дворот.
Мојата љубопитност тргна од професионалниот живот, ме одведе до книги и идеи, а потоа ме врати кај човекот што го среќавам секој ден, но чиј внатрешен свет допрва треба да го откријам. И сеуште ми стои прашањето неодговорено за тоа што е најголемиот балкански мит и тоа дека недоволно се познаваме иако живееме блиску.
Да се прочитаме едни со други, па потоа да разговараме за прочитаното. Без натпревар за тоа чиј е митот и без комисија за ветерници. А ако некој сепак инсистира да ја води седницата, нека барем го донесе кафето.

