Пишува: Ристе Костовски
Платата е основна категорија во економијата на труд, како надомест кој што го добиваат вработените за вложениот труд. Платите ја играат најважната улога во градењето благосостојба во едно општество.
Она што е важно за динамиката на раст на платите е самиот систем на плати да биде поставен на одржливи основи т.е. платите да растат следствено на растот на продуктивноста. Ова на долг рок ќе ја зголеми вкупната факторска продуктивност, а со тоа и конкурентноста и капацитетите за раст на самата економија.
Во продолжение ќе следи кратка квантитативна анализа на платите во нашата економија.
Табела број еден движење на вкупната просечна плата од 1999 до 2025 година
| Година | просечна плата |
| 1999 | 10,029 |
| 2000 | 10,526 |
| 2001 | 10,592 |
| 2002 | 11,550 |
| 2003 | 11,955 |
| 2004 | 12,534 |
| 2005 | 13,125 |
| 2006 | 13,854 |
| 2007 | 14,586 |
| 2008 | 16,095 |
| 2009 | 19,958 |
| 2010 | 20,554 |
| 2011 | 20,848 |
| 2012 | 20,903 |
| 2013 | 21,146 |
| 2014 | 21,394 |
| 2015 | 21,904 |
| 2016 | 22,342 |
| 2017 | 22,927 |
| 2018 | 24,276 |
| 2019 | 25,215 |
| 2020 | 27,184 |
| 2021 | 28,717 |
| 2022 | 31,868 |
| 2023 | 36,622 |
| 2024 | 41,246 |
| 2025 | 45,202 |
Извор: НБРМ
Од табелата може да се забележи континуиран раст на вкупната просечна плата за периодот од 1999 до 2025 година. Тука треба да се има во предвид дека станува збор за просечна нето плата, така што важна димензија на таа анализа е како оваа плата е дистрибуирана (распределена) т.е. колкав процент од населението прима просечна плата, каква е алокацијата по сектори итн.
Графикон број 1. Квартална анализа на движењето на просечната плата 2006-2026
Извор: НБРМ
Од приложениот графикон може да се забележи континуиран раст на вкупната просечна плата почнувајќи од 2006 до 2026 година. Во однос на интензитетот за растот на платата може да се забележи дека законското воведување на минимална плата во одредена мера има ефект на нивото на вкупната просечна плата.
Имајќи ја во предвид поврзаноста на платите и продуктивноста, во продолжение е даден графикон на кој е прикажано движењето на продуктивноста по квартали од 2018 до 2026 година.
Извор: НБРМ
Од графиконот може да се забележи дека во одредени години каде продуктивноста опаѓа вкупната просечна плата расте. Она на што може да биде последица растот на просечната плата во години во кои опаѓа продуктивноста е растот на минималната плата. Тука сериозно треба да се постави прашањето за поставеноста на моделот на раст на минималната плата.
Во продолжение, со цел конзистентност на анализата, ќе го анализираме движењето на минималната плата, која што меѓу другото е и социјална категорија.
| Година | Минимална плата |
| 2012 | 8050 |
| 2013 | 8050 |
| 2014 | 8800 |
| 2015 | 9590 |
| 2016 | 10080 |
| 2017 | 12000 |
| 2018 | 12165 |
| 2019 | 12507 |
| 2020 | 14934 |
| 2021 | 15194 |
| 2022 | 18000 |
| 2023 | 20175 |
| 2024 | 22567 |
| 2025 | 24379 |
Извор : Собрание на РМ
Од табелата може да се забележи континуиран раст на минималната плата. Прашање кое е важно тука да се постави е дали порастот на минималната плата води до раст на продуктивноста преку покачување на таргетите и нормите во приватниот сектор. Оттука, неопходна е декомпозиција т.е. потребно е да се квантифицира продуктивноста на работниците на кои е покачена минималната плата.
Понатаму, дали поставениот модел на минимална плата врши компресија на платите во компаниите, како и прашањето дали во континуитет се зголемува контингентот на вработени кои примаат минимална плата. Овие прашања може да дадат одговор за оптималноста на системот на минимална плата во нашата економија.
Понатаму, доколку анализата ја деривираме на регионално ниво, може да се забележат диспропорции во просечните плати по дадени региони што индицира за диспропорции во самиот регионален развој. Според тоа ефектите на минималната плата т.е. нејзиниот раст веројатно се хетерогени во самите региони.
Просечна исплатена нето-плата по вработен, 2021 година
| Вардарски регион | Источен | Југозападен | Југоисточен | Пелагониски | Полошки | Североисточен | Скопски |
| 23959 | 23541 | 25615 | 22961 | 26663 | 26011 | 23117 | 32769 |
Извор: ДЗС
Во тој контекст говорат и податоците на ДЗС, каде што имаме одредени разлики во просечно исплатената плата по региони.
Во крајна инстанца прашање кое треба да се постави и на кое треба да се даде одговор за нашата економија е дали и колку расте вкупната факторска продуктивност (TFP), која симплифицирано може да се дефинира како коефициент меѓу агрегатниот аутпут и агрегатниот инпут. Секако, претставувањето на вкупната факторска продуктивност во моделите на економски раст е многу комплексно, но во основа таа е индикатор за агрегатната ефикасност.
Заклучок
Покачувањето на минималната плата е позитивно за најниските слоеви бидејќи може да влијае врз намалување на ризикот од сиромаштија, меѓутоа голем јаз меѓу продуктивноста и минималната плата може во основа да влијае врз некои инфлаторни тенденции. Затоа е важна оптималноста на политиките.



