Советот на Европската Унија одобри 10 милиони евра дополнителна помош за Балканските медицински наменски сили (БМНС), со цел зголемување на нивната оперативна подготвеност за меѓународни операции, но и за помош на цивилното население при природни и катастрофи предизвикани од човекот.
Новата помош се обезбедува преку Европскиот мировен фонд, инструмент преку кој ЕУ финансира активности поврзани со безбедноста и одбраната. Со оваа одлука, вкупната поддршка на ЕУ за Балканските медицински наменски сили достигнува 16 милиони евра.
Средствата ќе бидат насочени кон опрема за полски болници, воено-медицински возила и комуникациски и информациски системи. Предвидени се и дополнителни материјали, услуги и техничка обука.
Седиштето е во Скопје
Балканските медицински наменски сили се мултинационална воено-медицинска единица во која учествуваат Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Словенија.
Постојаното седиште на организацијата е во касарната „Илинден“ во Скопје.
Тоа ѝ дава на Северна Македонија посебна позиција во регионалната структура.
Основната оперативна способност на силите е мобилна полска болница од ниво „Role 2“, која може да обезбеди итна медицинска помош, интензивна нега и хируршки интервенции. Според самата организација, единицата има НАТО-сертификација и може да биде распоредена во регионот во рок од 72 часа.
Од шесте членки, Северна Македонија, Србија и Словенија располагаат со капацитет за ваква полска болница и можат ротирачки да ја преземаат улогата на рамковна држава на силите.
Од воени операции до земјотреси и поплави
Иако станува збор за воена структура, нејзината функција не е ограничена на воени операции.
ЕУ нагласува дека новата опрема треба да ја подобри способноста на силите да му помогнат на цивилното население при природни катастрофи или несреќи предизвикани од човекот.
Тоа значи дека мобилните медицински капацитети може да бидат активирани при земјотреси, поплави, големи несреќи и други кризни ситуации во кои националните здравствени капацитети не се доволни.
Балканските медицински наменски сили веќе учествуваат во заеднички воени вежби со цел персоналот од различните земји да може да функционира како една единица.
ЕУ ја зголемува безбедносната улога на Западен Балкан
Одлуката има и поширока политичка и безбедносна димензија.
Советот на ЕУ оценува дека новата помош го потврдува продолжениот ангажман на Унијата и нејзините земји членки со партнерите од Западен Балкан во областа на безбедноста и одбраната.
Европскиот мировен фонд беше воспоставен во 2021 година и овозможува финансирање на воени и одбранбени капацитети на партнерски земји и меѓународни и регионални организации.
Балканските медицински наменски сили се еден од поретките регионални механизми во кои заедно функционираат армии на шест балкански држави, меѓу кои има и членки и земји што не се членки на ЕУ и НАТО.
Единицата годинава одбележа десет години од своето формирање. На церемонијата во Скопје во јули присуствуваа претставници на шесте земји учеснички, како и на ЕУ, САД и Норвешка.
Со новите 10 милиони евра, Брисел сега инвестира не само во медицинска опрема, туку и во способноста шест национални армии да реагираат заеднички кога кризата ќе ги надмине границите на една држава.

