Соработници и финансиски советници на рускиот милијардер Роман Абрамович со години изработувале документи со датуми од минатото за да создадат впечаток дека финансиски трансакции и договори биле склучени порано отколку што навистина биле, објави „Гардијан“, повикувајќи се на анализа на протечени корпоративни документи.
Истрагата се темели на „Cyprus Confidential“, збирка од повеќе од 500.000 документи првично доставени до Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ), а анализирани од повеќе медиуми и истражувачки организации.
Документите, според „Гардијан“, укажуваат на долготрајна практика на датирање документи наназад со која биле реорганизирани средства вредни милијарди фунти од деловната империја на поранешниот сопственик на фудбалскиот клуб Челзи.
Абрамович и неговите соработници негираат незаконско постапување.
Како исчезнале две милијарди долари од билансот
Еден од најзначајните случаи се однесува на кипарската компанија Kravin Investments.
Компанијата во мај 2003 година добила околу три милијарди долари, од кои задржала приближно две милијарди. Средствата биле поврзани со богатството создадено преку руската нафтена компанија Sibneft.
Парите во теорија создавале приход од камати што можел да биде предмет на оданочување во Кипар.
Но, според протечената документација, во 2005 година финансиските советници почнале да бараат начин да ја елиминираат потенцијално големата даночна обврска.
Документи и договори изработени најмалку две години подоцна биле означени со датуми од 2003 година, создавајќи впечаток дека Kravin само ги чувала и инвестирала милијардите како повереник за друга компанија регистрирана на Британските Девствени Острови.
Последицата била значајна: околу две милијарди долари исчезнале од билансот на Kravin, а со нив и потенцијалната даночна обврска, според анализата.
Експертот за финансиски криминал и даночно право Ендрју Мичел КЦ, цитиран од „Гардијан“, оценил дека доколку документите го покажуваат она што изгледа дека го покажуваат, станува збор за избегнување легитимно оданочување.
Улогата на Deloitte Cyprus под лупа
Истрагата отвора прашања и за улогата на Deloitte Cyprus.
Според протечените електронски пораки, луѓе поврзани со компанијата учествувале во дискусии за промени во сметководствените записи и финансиските извештаи.
Деметрис Јоанидес, тогашен претседател на Deloitte Cyprus, а подоцна основач на финансиската советодавна фирма Meritservus, бил еден од клучните луѓе кои управувале со финансиските структури поврзани со Абрамович.
Велика Британија во 2023 година ги санкционираше Јоанидес и Meritservus поради нивната улога во обезбедување финансиски услуги за руски олигарси.
Deloitte Cyprus за „Гардијан“ соопштил дека работи во согласност со важечките закони. Компанијата навела дека по повеќе од 20 години веќе нема пристап до релевантниот материјал и затоа не може да утврди дали протечените документи се целосни или точни.
Шема од речиси 100 милиони долари
Друг случај опишан во истрагата се однесува на речиси 100 милиони долари кои Абрамович наводно сакал да ги извлече од кипарски компании што поседувале удели во Sibneft.
Според документите, била создадена сложена структура со консултантски договори што оставале впечаток дека една посредничка компанија добила 98 милиони долари за советодавни услуги, а потоа 99,9% од парите му ги префрлила на Абрамович како провизија.
Проблемот бил што трансакциите за кои наводно биле дадени советите веќе биле завршени.
Според истрагата, решението било користење постоечка кипарска компанија и изработка на документи со датуми од претходниот период.
Протечените документи содржат 50 задолжници поврзани со трансакциите, а барањата за нивна исплата го носат потписот на Абрамович, пишува „Гардијан“.
Исчезнале и вили, јахти, авиони и хеликоптери
Слична техника наводно била користена и за луксузниот имот на милијардерот.
Во 2005 година, имот вреден околу 650 милиони долари – меѓу кој недвижности, јахти, авиони, хеликоптери и луксузни автомобили – бил запишан во кипарската компанија Amiscan Investments.
Поради новите правила за финансиско известување во Кипар, имотот требало да биде прикажан во сметките на компанијата.
Но, според протечените документи, договорите биле датирани наназад за да создадат впечаток дека имотот уште на почетокот на 2003 година бил префрлен на компанија од Британските Девствени Острови.
Кога финансиските извештаи биле поднесени, имотот повеќе не се појавувал во билансот на кипарската компанија.
Дали бил доведен во заблуда и британски суд?
Истрагата отвора и посериозно правно прашање.
Во судска постапка во Велика Британија во 2008 година, долгогодишниот соработник на Абрамович, Јуџин Тененбаум, изјавил дека немал сознанија за одредени трансакции поврзани со заеднички нафтен бизнис пред 2004 година.
Протечените документи, според „Гардијан“, покажуваат дека Тененбаум претходно одобрил договори поврзани со дел од трансакциите за кои пред судот рекол дека не знаел.
Дополнително, дел од документите доставени во судската постапка наводно биле датирани наназад.
Адвокатите на Тененбаум категорично негираат дека тој го довел судот во заблуда и велат дека сведочел чесно и во добра верба.
Абрамович ги негира обвинувањата
Адвокатите на Абрамович ги отфрлија наводите дека тој избегнувал данок или се обидувал да ги измами кипарските власти.
Тие велат дека компаниите поврзани со него се потпирале на стручните совети на професионални советници, вклучувајќи го Deloitte Cyprus, и дека Абрамович не бил вклучен во нивното секојдневно управување.
Тененбаум исто така негира незаконско постапување и вели дека се потпирал на професионални финансиски и правни советници.
Експертите цитирани во истрагата признаваат дека датирањето договори наназад само по себе не мора секогаш да биде незаконско. Но, доколку се користи за создавање лажна претстава за тоа кога се случила трансакцијата, може да отвори прашања за измама и даночно затајување.
„Гардијан“ наведува дека анализата на протечените записи укажува оти повеќе од 1.000 документи поврзани со финансиската империја на Абрамович биле датирани наназад.

