ДУИ побара од градоначалникот на Тетово, Билал Касами, да објави договори, изјави за интереси и податоци за евентуален конфликт на интереси поврзан со физибилити-студија за проект на парцелата кај противпожарната станица, изнесувајќи сомнежи за можни деловни и семејни врски меѓу лица вклучени во проектот.
Партијата тврди дека проф. д-р Раметулла Ферати е наведен како еден од изработувачите на студијата, задолжен за делот што се однесува на „јавниот интерес и финансиската анализа“.
ДУИ наведува дека во јавниот профил на компанијата „Про Инженеринг“ како контакт е наведена електронска адреса што го содржи името Раметулла и побара објаснување каква е врската меѓу Ферати и компанијата.
Партијата истовремено тврди дека „Про Инженеринг“ работи на дополнителен објект на Општина Тетово вреден 1,35 милиони евра, со површина од околу 1.400 квадратни метри.
Според пресметката што ја изнесе ДУИ, тоа е околу 964 евра по квадратен метар, поради што партијата побара да биде објавен деталниот предмер и пресметка за објектот.
ДУИ посочува и на имотни врски
ДУИ се повикува и на имотен лист број 38951 во катастарската општина Тетово-вон град, во кој, според партијата, „Про Инженеринг“ и „Мурана-Компани“ се наведени како носители на права врз ист недвижен имот.
Партијата дополнително тврди дека директор на „Мурана-Компани“ е Ракип Алији, кого го посочува како вујко на Касами.
Во реакцијата ДУИ поставува и прашање дали Ибраим Ферати од „Про Инженеринг“ е брат на професорот Раметулла Ферати, кој бил ангажиран на физибилити-студијата.
Партијата наведува дека, доколку таквата поврзаност постои, треба да се утврди дали била пријавена и дали бил разгледан можен конфликт на интереси.
„Дали се декларирани овие врски? Дали е разгледан можниот конфликт на интереси? Кој ја оценувал независноста на експертите?“, прашува ДУИ.
Барање за објавување документи
ДУИ побара Касами да ги објави договорите за ангажман на експертите, евентуалните изјави за интереси и проценките за можен конфликт на интереси, како и деталниот предмер за дополнителниот објект на Општина Тетово.
Партијата соопшти дека документите на кои се повикува ги става на увид на јавноста и побара одговори од градоначалникот.
Во реакцијата не е приложен одговор од Касами или од Општина Тетово на наведените тврдења.

