Истражувачки модел на „Антропик“ дизајнирал стотици илјади протеински молекули насочени кон опасни невротоксини од скорпии, а лабораториските тестови потврдиле дека 17 од 211 избрани дизајни успешно се врзуваат за целните токсини.
Компанијата соопшти дека проектот бил дел од експеримент за тоа дали вештачката интелигенција може да го забрза откривањето нови терапии, особено за занемарени болести и состојби за кои има мал комерцијален интерес.
Истражувањето било спроведено со Клод, во соработка со „Citrini Research“, а лабораториските тестови ги извршиле „Adaptyv Bio“ и „Twist Bioscience“.
„Антропик“ нагласува дека резултатите не значат дека е создаден противотров. Потврдено е само врзувањето на протеините за токсините, но не и нивната способност да го неутрализираат отровот во клетки или кај живи организми.
Од 318.484 дизајни до 17 лабораториски потврдени врзувачи
Во текот на 64 часа, Клод генерирал 318.484 протеински дизајни и анализирал повеќе од 553.000 комбинации меѓу дизајнираните протеини и токсините.
Моделот избрал 180 кандидати за тестирање, а истражувачите додале уште 31, со што вкупно 211 дизајни биле испратени во лабораторија.
Од нив, 17 ги исполниле критериумите за успешно врзување за барем еден токсин.
Седум дизајни се врзале за токсин Cn2, четири за AaH II, четири за AaH I и два за LqhIII.
Меѓу 60-те дизајни направени специјално за еден токсин, 11 биле успешни, што е стапка од околу 18 отсто.
Целта – поевтини и подостапни противотрови
Проектот бил насочен кон пет невротоксини од четири региони: Мексико, Бразил, Северна Африка и Блискиот Исток.
Овие токсини ги напаѓаат натриумските канали во нервните клетки и можат да предизвикаат тешки нарушувања на нервниот и кардиоваскуларниот систем.
Според „Антропик“, скорпиите годишно каснуваат или боцкаат најмалку 1,2 милиони луѓе, а повеќе од 3.250 случаи завршуваат со смрт, најчесто кај деца во посиромашни региони со ограничен пристап до медицинска помош.
Традиционалните противотрови најчесто се произведуваат со имунизација на животни, процес што е бавен, скап и зависен од достапноста на отров и лабораториска инфраструктура.
Најсилните кандидати се врзуваат многу цврсто
Двата најуспешни протеини, означени како Cn2-B1 и Cn2-B2, се насочени кон токсин од мексиканскиот скорпион Centruroides noxius.
Тие покажале силно врзување во двете лаборатории, со афинитет во едноцифрен наномоларен опсег.
Дополнителните експерименти покажале дека овие протеини веројатно се врзуваат на или во близина на истото место на токсинот што го препознава антитело за кое претходно е покажано дека го неутрализира Cn2 кај глувци.
Сепак, самата компанија нагласува дека тоа не е доказ дека новите протеини навистина ќе го неутрализираат токсинот.
Следните чекори би вклучувале тестирање со токсин изолиран од вистински отров, тестови во клетки и потоа експерименти кај животни.
Клод не успеал со мултитоксинските дизајни
Еден од поамбициозните цели бил создавање единствен протеин што би се врзувал за повеќе различни токсини истовремено.
Ниту еден од дизајните направени за повеќе токсини не ги исполнил критериумите за врзување за повеќе од една цел.
„Антропик“ наведува дека причината може да биде комбинација од ограничувањата на моделот, начинот на поставување на задачата, достапните алатки или самата биолошка сложеност на проблемот.
Компанијата ќе ги објави сите 211 дизајни и нивните експериментални податоци за други истражувачи да можат да ги користат.

