Владината идеја за формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите е опасен преседан. На новинарството не му треба политичко старателство.
Пишува Соња Крамарска
Владата донела одлука за формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, што ќе има задача да ја следи состојбата со безбедноста на медиумските работници. А и да ја унапредува соработката меѓу институциите и медиумската заедница. Притоа Владата ќе изработи и национален акциски план за заштита и безбедност на новинарите.
И досега имало обиди за додворување на политиката кон новинарството, но овој обид е преседан.
Некогаш таквата вест ќе беше дочекана со бурни критики, а предлогот ќе беше одбиен како непристоен. Сега, не се знае. Можеби ќе биде и поздравен како добар чекор во насока на заштита на новинарите.
А, кој треба да ги штити новинарите, ќе прашате. Па пред сѐ, самите медиумски куќи треба да ги штитат со добри плати, осигурување за повреда или напад на работно место или за време на извршување на работна задача, со соодветна опрема за известување од демонстрации и воени дејствија, со возила кои безбедно и сигурно ќе ги превезуваат кога има потреба од тоа. Дури и во случај на загрозена безбедност новинарот пријавува кај својата матична куќа а таа понатаму презема мерки во соработка со полиција и други органи. И секако, новинарите се штитат со добри закони, но не закони кои ги ставаат над другите категории работници, туку со закони кои важат и за секој друг граѓанин или работник.
Новинарството си ги знае „непријателите“
Е, сега дојде време Владата да ги брани новинарите. Од кого? Добро знаеме дека новинарите се најмногу на удар на политичарите и на бизнис центрите на моќ со кои по правило политиката е во спрега. Нивните влогови се најголеми, тие имаат најмногу што да изгубат, за нивните работи постои најголем интерес во јавноста. Тие се „непријателите“ на новинарите, ако сакаме чесно да зборуваме.
Затоа овој владин штит треба љубезно да биде одбиен. На новинарите не им треба владин громобран кога добро знаеме од каде најмногу грми и светка и каде најчесто удираат громовите. Непријателство кон медиумот не е само ако физички е нападнат новинарот, туку е и кога ќе му биде игнорирано барањето за интервју. Не одбиено, туку игнорирано. А Владата тоа го прави. Непријателство е и кога на еден медиум или на неговиот сопственик ќе му го понудиш министерот да гостува вечер во централниот дневник затоа што дента имало скандал за неговата работа, па да се искористи медиумот како „машина за перење“. На такви појави сме сведоци веќе секој ден.
Владата, наводно сака да воспостави институционален механизам чија цел е унапредување на безбедноста на новинарите, превенција од закани и напади и создавање услови за слободно и непречено вршење на новинарската професија. Но новинарите, можат и сами да се штитат. Новинарите се седмата сила. Го имаат најмоќното оружје што може да се замисли, перото, микрофонот и слободата да напишат или да кажат што мислат.
Некому можеби тоа му звучи цинично, но тоа е вистинска моќ па дури и привилегија која ја нема речиси ниту една друга професија.
Не тајна туку апла спрега
Инаку, добро е познато и дека тој што наводно те штити тој и те контролира. Кој ќе одлучува под кои услови новинарот ќе биде заштитен и од какви дејствија? Зарем нема закони за лична и службена безбедност на секој еден човек и професионалец, па сега Владата ќе ја земе во свои раце заштитата и безбедноста на новинарите. Зошто токму на новинарите? Зошто не ги заштити младите од партиските вработувања, зошто сите нас не нѐ заштити од загадениот воздух, од безмилосните трговци и високите цени, од урбаната мафија што дивее низ Скопје и гради згради на секоја педа земја. Зошто не нѐ заштита од психичката тортура што се врши врз населението со по 20 партиски соопштенија на ден?
Зошто Владата решила да ги штити токму новинарите. Знаеме зошто. Тоа секому му е јасно. Идејата за формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, што ќе има задача да ја следи состојбата со безбедноста на медиумските работници е само понуда за тајна спрега меѓу новинарството и Владата. Всушност, не тајна спрега, туку апла спрега.
Новинарството може само да се штити, и не му треба никаква заштита, а најмалку пак заштита под закрила на власта.
Овој најнов потег на Владата не може поинаку да се сфати освен како Тројански коњ против слобода на говорот. Новинарите не се беспомошна категорија на која и треба старателство од извршната власт. Новинарите и Владата, се наоѓаат на спротивни страни. Улогата на новинарството е да ја контролира, критикува и повикува власта на одговорност. Ако некој физички нападнал новинар државата нема потреба од нов орган за заштита туку има обврска регулирана во закон да го уапси напаѓачот а судот да го осуди според важечките закони.
Најдобар начин Владата да ги заштити новинарите е да престане со етикетирање на оние што ја критикуваат, да обезбеди владеење на правото за сите подеднакво и да ги остави слободно да си ја работат својата работа. Сѐ друго се само задни намери. (DW)

