Северна Македонија следната недела ќе побара директна средба со Бугарија во обид да го придвижи блокираниот европски процес, по разговорите во Скопје меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Мицкоски рече дека, по совет на Фон дер Лајен, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски ќе побара билатерална средба со бугарската колешка Велислава Петрова-Чамова за време на посетата на Софија следната недела.
„Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка и да почнеме процесот од некаде да го движиме“, рече Мицкоски.
Фон дер Лајен го опиша договореното како „прв нов чекор“ кон деблокирање на процесот.
„Се договоривме да имаме прв нов чекор следната недела и да се обидеме да го деблокираме процесот, односно да го претвориме во процес“, рече таа.
Мицкоски бара ЕУ посилно да се вклучи
Македонскиот премиер побара Европската Унија поактивно да се вклучи во надминувањето на спорот со Бугарија, без, како што рече, да зазема страна.
„Не бараме од Унијата да заземе страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања“, рече Мицкоски.
Според него, секој договор треба да обезбеди сигурност дека исполнувањето на една обврска затвора една фаза и отвора следна, без дополнителни барања.
„Ако од нас се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да очекуваме и јасна европска перспектива за она што следи потоа“, рече тој.
Мицкоски оцени дека „дошло време“ земјата да добие посилна политичка поддршка од европските институции.
Фон дер Лајен: Останува уште еден клучен чекор
Фон дер Лајен, сепак, јасно порача дека позицијата на Европската Унија околу следниот формален чекор не е променета.
„Сега има само еден клучен чекор што треба да го направите за да можете да се придвижите напред и да го отворите првиот кластер Основи“, рече таа.
Станува збор за уставните измени предвидени во рамката за пристапување.
И официјалните документи на Европската комисија го наведуваат исполнувањето на договорените уставни измени како услов за придвижување кон отворање на првиот кластер.
„Ќе ве пречекаме со вашиот идентитет и јазик“
Фон дер Лајен се осврна и на едно од најчувствителните прашања во домашната дебата – македонскиот идентитет и јазик.
„Ќе ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик“, рече таа.
„Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат нашата Унија побогата.“
Таа рече дека Северна Македонија „припаѓа на масата во Европската Унија“ и ги посочи Преспанскиот договор, соработката во европската безбедност и помошта за Украина како примери за политички одлуки што Брисел ги цени.
Патоказ кога ќе се деблокира процесот
Едно од најважните прашања на прес-конференцијата беше зошто Северна Македонија не се најде меѓу земјите за кои Европската комисија подготвува појасни патокази кон членство.
Во последните денови Брисел најави такви планови за Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија.
Фон дер Лајен рече дека и Северна Македонија може да добие таков патоказ – но по деблокирањето на процесот.
„Во моментот кога ќе ја деблокираме ситуацијата тука, моето лично мислење е дека можеме да бидеме мошне брзи со Северна Македонија“, рече таа.
„Сега се фокусираме да ја деблокираме ситуацијата за да можеме да дојдеме со патоказ и во Северна Македонија.“
Постепена интеграција додека трае спорот
Додека трае политичкиот застој, и Мицкоски и Фон дер Лајен го истакнаа значењето на постепената интеграција.
Тоа подразбира земјата да добива дел од придобивките од членството уште пред формалниот влез во ЕУ – преку единствениот пазар, инфраструктурно поврзување, инвестиции и европски програми.
Токму постепената интеграција и Планот за раст се меѓу главните теми на актуелната турнеја на Фон дер Лајен низ Западен Балкан. Европската комисија ја опиша посетата како фокусирана на следните чекори кон членство и на постепената интеграција на земјите од регионот.
Мицкоски го посочи Коридорот 8 како пример како европската интеграција може да се претвори од политичка цел во инфраструктура, трговија и економска поврзаност.
Следниот тест е во Софија
По денешната средба во Скопје, тежиштето сега се префрла во Софија.
Муцунски следната недела патува таму поради проектите поврзани со Коридорот 8, а Владата ќе побара во рамките на посетата да се одржи и билатерална средба со бугарската министерка за надворешни работи.
Средбата сама по себе нема да значи дека спорот е решен.
Но таа би била првиот конкретен дипломатски тест за новиот обид што Фон дер Лајен и Мицкоски денеска го најавија во Скопје: директен македонско-бугарски разговор со поголемо политичко присуство на Европската Унија.

