Осум лица загинаа, меѓу кои две деца, а 18 беа повредени откако трикатна станбена зграда се урна во њујоршкиот кварт Флетбуш во Бруклин, додека на соседната парцела се изведувале градежни работи.
Спасувачката операција заврши во четвртокот, околу 24 часа по уривањето, откако противпожарните служби утврдија дека под урнатините нема други жртви.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изјави дека шест лица биле прогласени за мртви на местото на несреќата, додека две починале во болница.
Меѓу загинатите се шест возрасни лица и две деца на возраст од девет и десет години. Двајца од загинатите биле градежни работници.
Четворица од повредените се пожарникари, а едно лице кое сè уште е хоспитализирано се наоѓа во критична состојба.
ИСТРАГА ЗА МОЖНА КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ
Зградата на авенијата Флетбуш 1321, изградена во 1930-тите години, се урна во средата околу 16 часот по локално време.
Во објектот имало станови и продавница, а зградата била целосно населена во моментот на несреќата.
На соседната парцела се изведувале ископувања за изградба на нов објект со 64 станбени единици и супермаркет на приземјето.
Според првичните информации, дел од зградата паднал во градежната јама, затрупувајќи ги работниците кои се наоѓале таму.
Властите сè уште не ја утврдиле причината за уривањето, ниту дали градежните работи на соседната локација придонеле за несреќата.
Обвинителот на Бруклин, Ерик Гонзалез, изјави дека неговата канцеларија соработува со градскиот Оддел за градежништво и полицијата за да утврди дали евентуално кривично дело придонело за трагедијата.
Градоначалникот Мамдани најави истрага за сите субјекти поврзани со зградата и со соседниот градежен проект.
Повеќе од 100 други локации во Њујорк, поврзани со инвеститорот на градежниот проект, исто така ќе бидат предмет на проверки, изјави раководителот на градскиот Оддел за градежништво, Ахмед Тигани.
Според него, пред уривањето не биле евидентирани прекршувања на градежните прописи во зградата, а инвеститорот имал важечки дозволи за ископување и изведување темелни работи на соседната парцела.
ПОВЕЌЕ ОД 250 ПОЖАРНИКАРИ ВО СПАСУВАЧКАТА ОПЕРАЦИЈА
Повеќе од 250 пожарникари учествуваа во потрагата по преживеани, работејќи во текот на целата ноќ.
Мамдани изјави дека дел од градежните работници кои едвај ја преживеале несреќата се вратиле во урнатините за да им помогнат на затрупаните.
Комесарката на њујоршката противпожарна служба, Лилијан Бонсињоре, рече дека пожарникарите пристигнале на местото на несреќата за неколку минути и ги пофали нивните спасувачки напори.
Сведоците опишаа силен тресок, облаци од прашина и крици непосредно по уривањето.
Еден доставувач на пратки изјави дека бил во зградата само неколку минути пред таа да се урне.
„Живеам веднаш зад зградата. Се слушна силен тресок, а потоа многу крици“, изјави жителката Емануела Карилус за „Њујорк тајмс“.
Меѓу спасените е и жена која е во шестиот месец од бременоста.
„Таа е жива. Многу сум среќен. Ви благодарам на сите“, изјави нејзиниот сопруг за Си-би-ес њуз.
МЕЃУ ЖРТВИТЕ И ИМИГРАНТИ
Полицијата идентификуваше петмина од загинатите како жители на урнатата зграда, додека другите тројца живееле во различни делови на Њујорк.
Меѓу жртвите се и двајца државјани на Еквадор, потврди генералната конзулка на таа земја, Гисела Андраде.
Таа изјави дека телото на 26-годишниот Хозе Луис Кагуана Коскиљо ќе биде пренесено во Еквадор за погреб.
„Тие беа наши пријатели и соседи. Наши родители и деца. Млади семејства кои го градеа својот живот во нашиот град“, рече Мамдани.
По завршувањето на спасувачката операција, локацијата беше предадена на градскиот Оддел за градежништво и на њујоршката полиција, кои ја продолжуваат истрагата.

