11.8 C
Скопје
4 ноември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНА

Народната банка за Инбокс7: За мерките против Алта банка во Србија дознавме по нивното јавно објавување

Народната банка на Северна Македонија потврди дека согласноста за влез на Алта банка АД Белград во Стопанска банка АД Битола била издадена на 1 септември 2025 година, по постапка во која биле проверени финансиската состојба на инвеститорот, доставената документација и законските критериуми.

Сепак, за мерките што подоцна ги презела Народната банка на Србија против Алта банка Белград, македонскиот регулатор дознал дури по нивното јавно објавување.

Ова произлегува од писмените одговори што Народната банка ги достави до Инбокс7 на седум прашања поврзани со преземањето на банката во Битола, супервизорската комуникација со Србија, ограничувањата за депонентите и можната продажба на акциите.

Согласноста за Алта банка била издадена на 1 септември 2025 година

На прашањето кога била издадена согласноста и кои критериуми биле применети, Народната банка одговори:

„Народната банка издаде претходна согласност за стекнување квалификувано учество на АЛТА банка АД Белград во Стопанска банка АД Битола на 1 септември 2025 година. Согласноста е донесена по спроведена сеопфатна постапка, во која се оценува исполнувањето на законски утврдените критериуми и официјално достапните податоци за потенцијалниот стекнувач. Во процесот на лиценцирање, се спроведе детална анализа и проверка на сите доставени документи согласно барањата на законската регулатива. Во моментот на донесувањето на одлуката, АЛТА банка АД Белград имаше важечка дозвола за работа издадена од надлежниот супервизорски орган на Република Србија и беше дел од финансискиот систем на таа земја.“

Финансиските извештаи, се вели во одговорот, биле ревидирани од страна на Друштво за ревизија и „упатуваа на банкарска институција којашто е во добра финансиска кондиција и може да го поддржи идното работење на Банката од финансиски и оперативен аспект“. „Притоа, треба да се има предвид дека, до преземањето од страна на Алта банка АД Белград, Стопанска банка АД Битола имаше раситнета акционерска структура, за дел од акционерите имаше одредени правни постапки, со што беа отежнати и можностите за поддршка на банката, во случај на евентуална потреба.“

Инбокс7 побара објаснување дали Народната банка на Северна Македонија добила официјално известување од Народната банка на Србија за евентуално влошување на финансиската состојба или за преземени супервизорски мерки против Алта банка Белград.

Одговорот на регулаторот гласи: „За мерките на Народната банка на Србија, кои беа јавно објавени, Народната банка на Република Северна Македонија дозна откако тие станаа достапни како јавна информација.“

Во одговорот не се прецизира дали пред објавувањето на мерките имало друга комуникација меѓу двете централни банки за финансиската состојба на српскиот инвеститор.

Неделен лимит од 10.000 денари и посебна мерка за пензионерите

Народната банка објасни дека ограничувањата се воведени врз основа на Законот за банки, кој овозможува привремено ограничување на платежните услуги во банка под администрација.

„Согласно Законот за банки, со решението за воведување администрација во банка, Извршниот одбор на Народната банка може да ги ограничи активностите на банката во однос на давањето платежни услуги или за одреден период да ѝ забрани давање платежни услуги. Врз основа на оваа законска надлежност, а со цел заштита на средствата на депонентите, во моментов се утврдени следниве ограничувања:

  • За физичките лица: неделен лимит од 10.000 денари по физичко лице за готовински подигања и плаќања кај трговци со платежните картички издадени од Банката. Внатрешните плаќања во рамките на Банката се неограничени.
  • За правните лица: можат да вршат внатрешни плаќања во рамките на Банката, кон сметките на други правни и физички лица, без ограничување на износот. Преносите на средства надвор од Банката се привремено ограничени.
  • За трансакциите со странство: приливите преку СЕПА и кореспондентното банкарство се одвиваат непречено, додека одливните плаќања кон странство се привремено недостапни.

Мерката е привремена, со времетраење до три месеци, и ќе се разгледува во согласност со развојот на настаните. Се работи на воспоставување на електронското и мобилното банкарство, а за достапните канали јавноста ќе биде навремено информирана.

За граѓаните без платежни картички, пензионери и корисници на социјална помош, од утре ќе бидат отворени шалтерите во главната филијала во Битола на банката, со можност за подигнување до 20.000 денари еднократно. Се бараат решенија и за компаниите што треба да ги исплатат платите и да ги подмират обврските за даноци и придонеси, имајќи предвид дека законскиот рок е до 15-ти во месецот. Јавноста ќе биде информирана веднаш штом ќе бидат утврдени деталите.“

Според најавата доставена на 4 ноември, посебната можност за еднократно подигање средства треба да започне на 5 ноември.

Без одговор за вкупните депозити и бројот на депоненти

Инбокс7 побара информации за вкупниот износ на депозитите, бројот на депоненти и делот од средствата покриен со законското осигурување. Народната банка не достави конкретни бројки, но нагласи дека банката продолжува да работи. „Во однос на осигурувањето на депозитите, важно е да се нагласи дека на АЛТА банка АД Битола не ѝ е одземена дозволата за работа и не е отворена ликвидациска или стечајна постапка. Банката продолжува да работи, а средствата на клиентите остануваат на нивните сметки. Сите штедачи и други доверители ги задржуваат своите побарувања во целосен износ, односно не постои ограничување на нивните права по однос на вкупниот износ на средствата што ги имаат во Банката. Привремените ограничувања се однесуваат единствено на динамиката и начинот на располагање со средствата.“

Оттука, ограничувањата се однесуваат на пристапот до средствата, а не на сопственичките права на депонентите врз нив. Сепак, не е соопштен бројот на засегнати клиенти.

Народната банка не ја открива изложеноста кон српскиот акционер

На прашањето за директната и индиректната финансиска изложеност на Алта банка Битола кон Алта банка Белград и другите поврзани субјекти, регулаторот одговори дека поединечните супервизорски податоци не се јавно достапни. Истовремено, институцијата објави конкретни бројки за прекуграничните трансакции по 26 октомври.

„Народната банка континуирано ја следи изложеноста на банките кон поврзани лица и субјекти во рамките на нивните групации, во согласност со законските и супервизорските барања. Поединечните супервизорски податоци за банките не се предмет на јавно објавување.

Во однос на шпекулациите за значителни приливи или одливи на средства поврзани со акционерот, гувернерот на Народната банка објави конкретни податоци. По 26 октомври вкупните одливи од клиентите на АЛТА банка АД Битола кон Србија изнесуваат околу 180.000 евра, а приливите од Србија во земјава во истиот период околу 16.000 евра. Станува збор за редовни плаќања на клиентите поврзани со нивното работење, меѓу кои и плаќања за увоз на стоки од мали бизниси во земјава. Не се евидентирани милионски трансфери на средства од Србија, ниту податоци што би ги потврдиле тврдењата за такви одливи и перење пари. Ако се појават нови сознанија, ќе постапиме согласно закон.“

Инбокс7 праша кои мерливи услови треба да бидат исполнети за укинување на привремената администрација и кога ќе се преиспитуваат воведените ограничувања.

Народната банка одговори: „Воведувањето администрација е заштитна и временски ограничена мерка, за која согласно со решението донесено од Извршниот одбор е определен временски период од 3 месеци. Ограничувањата ќе се преиспитуваат во согласност со развојот на состојбите, а Народната банка ќе ја информира јавноста за сите релевантни промени и одлуки.“

Повеќе инвеститори заинтересирани за преземање на банката

На прашањето за евентуалната продажба на Алта банка Битола и дали постојат формални понуди, Народната банка потврди дека постои интерес од неколку инвеститори, но не го откри нивниот идентитет.

„Како што беше посочено и на прес-конференцијата на гувернерот, постои интерес од неколку потенцијални инвеститори од земјата и од странство за преземање на акциите на Банката. Согласно со законските ограничувања, Народната банка не може да изнесува податоци за идентитетот на потенцијалните заинтересирани инвеститори. Постапката за продажба на акциите ќе се спроведе во согласност со законската регулатива и надлежностите на Народната банка. Целта е да се обезбедат услови за избор на соодветен инвеститор, кој ќе ги исполнува законските и супервизорските критериуми за стекнување квалификувано учество и ќе придонесе за долгорочна стабилност и непречено работење на Банката.“

Регулаторот не прецизира дали веќе се доставени формални понуди или постојат конкретни рокови за избор на нов инвеститор.

И покрај дадените објаснувања, остануваат отворени прашањата за вкупните депозити во Алта банка Битола, бројот на засегнати депоненти, финансиската поврзаност со српскиот акционер и конкретните услови за укинување на привремената администрација.

Одговорите на Народната банка потврдуваат дека согласноста за српскиот инвеститор била дадена врз основа на тогаш достапните финансиски и регулаторни информации, но оставаат отворени повеќе прашања за супервизорската комуникација меѓу двете земји, финансиската изложеност на банката и условите под кои ќе бидат укинати ограничувањата.

Засега, Алта банка Битола продолжува со работа под привремена администрација, додека нејзините клиенти можат да располагаат со средствата само во рамки на утврдените ограничувања.

Related posts

Тајниот план за мир – САД и Украина постигнуваат пробив, Русија се сомнева

admin

Од Белград студентските протести се шират во регионот

admin

Овој е најопасниот хакер на светот

admin

ВМРО-ДПМНЕ: Изборот на Фрчкоски во Извршниот одбор покажува дека СДСМ не нуди реформи

admin

Зеленски напорно го продава својот „план за победа“ во САД

admin

Касами: Груби се залага Груевски да го врати во Македонија!

admin