31.9 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Случајот „Safe City“: Може ли дигитализацијата да ја спаси државата од самата себе?

Пишува: Џелал Незири

Додека излегував од Скопје во правец на Тетово, пред приклучокот на автопатот во близина на Сарај, добив порака од Министерството за внатрешни работи (МВР). „Евидентиран е сообраќаен прекршок за возилото со регистарски таблички… Записникот го имате на оваа врска“. Забележав дека истата порака ми пристигнала и на електронската пошта. Во прилог беше доставен и записникот, во кој детално беше опишано како, каде и зошто е регистриран прекршокот.

Пораката што ја добив навистина ме изненади пријатно, иако стануваше збор за опомена што би требало да ме загрижи. Ме изненади затоа што, конечно, нешто изгледа функционира како што треба кога станува збор за толку споменуваната дигитализација на јавните услуги.

Овој термин многу често се слуша, особено од претставници на ЕУ, која токму дигитализацијата и зелената енергија ги има како фокус на својата долгорочна стратегија. Надвор од бројните дефиниции, дигитализацијата подразбира заменување на човекот со технологија во односот меѓу граѓанинот (како даночен обврзник) и државата. Во овој однос, човечкиот фактор често се покажал како пречка за владеење на правото, поради можниот селективен пристап. На пример, кога станува збор за сообраќајни казни, ретко се наоѓа полицаец што би казнил државен или партиски функционер, додека квотата најчесто се исполнува со казнување на граѓаните без политичка моќ. На дигитализацијата не ѝ е важно кој си, од која етничка заедница, партија или пол доаѓаш. Таа функционира според законските правила и основниот принцип дека сите се еднакви пред законот.

Оттука проектот „Safe City“ е најголемото достигнување на оваа влада во овие 16 месеци функционирање. Тој е алатка која може да ја промовира дигитализацијата како лек против етничка, партиска, родова или било каква друга дискриминација, која овде е присутна уште од независноста на Северна Македонија.

Бидејќи проектот сè уште е во тест-фаза, сметам дека има доволно време да се интервенира во неговиот софтвер со цел дигитализацијата да не биде алатка за непочитување на правната рамка на државата, усвоена од народните пратеници:

Прво, употребата на јазиците согласно релевантниот закон: Она што го забележав во опомената што ја добив на електронската пошта, како и во пораката, беше изостанокот на албанскиот јазик, кој е законска и уставна обврска. Ако Уставот и Законот за употреба на јазиците јасно ја регулираат употребата на јазиците во односот меѓу државата и граѓанинот, тогаш дигитализацијата мора да се прилагоди за да го спроведува владеењето на правото, а не да се однесува како одредени административци кои по сопствена волја одлучуваат дали ќе ги почитуваат овие обврски.

 

Второ, надминувањето на брзината: До 10 километри на час е прекршок што речиси насекаде во светот се толерира, бидејќи возачот пред сè треба да го следи патот, а не постојано да гледа во мерачот на брзината.

Трето, употреба на камерите за санкционирање неправилно паркирање: Во многу градови во земјава имаме целосно блокирање на сообраќајот во одредени делови од денот (во некои градови и во текот на целиот ден) поради неправилни паркирања на десната лента, при што целиот булевар функционира со една лента. Прекршоците се толку бројни што и илјадници сообраќајни полицајци не би можеле да ги ослободат улиците, бидејќи за секое неправилно паркирање мораат лично да се занимаваат со сопствениците на возилата. Доколку и полициските возила бидат опремени со интелигентни камери како оние за брзина, тогаш со едно поминување низ градот би се регулирал целиот сообраќај.

И четврто, непочитувањето на користењето на името на државата во согласност со Уставот изменет во 2018 година, кога земјата беше преименувана во Северна Македонија. Правната држава не е супермаркет каде можеш да избереш што сакаш и што не сакаш, туку обврска за извршната власт и администрацијата да го спроведуваат додека е во сила.

Ако „Safe City“ се покаже како успешен проект (а нема причина зошто да не биде успешен проект), тој може да биде проследен со поттикнување дигитализација и во издавањето документи од локалната или централната власт, во плаќањето даноци, во функционирањето на бизнисот и во многу други сфери, со цел подобрување на квалитетот на демократијата. Значи, дигитализацијата треба да се гледа како алатка за спроведување на законите и Уставот, односно за владеење на правото без да биде премногу под влијание на човечкиот фактор. Само на тој начин ќе имаме вистинска борба против корупцијата, искоренување на дискриминацијата, зголемување на ефикасноста и подобрување на квалитетот на демократијата во целина.

Related posts

Америка нема повторно да не спасува

admin

Што бараат граѓаните, а што им нудиме ние?

admin

Како станав реалист

admin

Дали Скопје навистина сака во ЕУ?

admin

Меката моќ на Србија во Северна Македонија станува се посилна

admin

Стокхолмски и други синдроми

admin