Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ги отфрли обвинувањата дека со години ѝ пренесувал доверливи информации од Европската Унија на Русија, оценувајќи ги како „лажни и манипулативни“.
Обвинувањата, кои предизвикаа нови тензии во односите меѓу Унгарија и дел од партнерите во Европската Унија, сугерираат дека унгарскиот дипломатски врв споделувал чувствителни информации од состаноци со претставници на ЕУ со Москва.
Сијарто категорично ги негираше наводите, без да даде дополнителни детали, додека официјална Будимпешта се најде под зголемен притисок да одговори на прашањата од европските институции.
Во меѓувреме, унгарскиот премиер Виктор Орбан нареди истрага за наводно прислушување на министерот за надворешни работи, опишувајќи го случајот како „сериозен напад врз Унгарија“.
Европската комисија побара од унгарските власти објаснување за обвинувањата, додека дел од европските лидери изразија загриженост за можни безбедносни ризици и недостиг на доверба во рамките на ЕУ.
Случајот дополнително ги заострува политичките тензии меѓу Будимпешта и Брисел, во време на веќе чувствителни односи околу надворешната политика и безбедносните прашања.

