Директорот на Мосад, Давид Барнеа, изјави дека мисијата на израелската разузнавачка служба не е завршена и дека ќе продолжи сè додека не дојде до промена на режимот во Иран.
Говорејќи на церемонија за одбележување на Холокаустот, Барнеа рече дека агенцијата планирала долгорочна стратегија која ќе продолжи и по завршувањето на воените операции.
„Нашата мисија не е завршена. Ќе продолжиме и по нападите врз Техеран“, изјави тој.
Ова е првпат Барнеа јавно да се осврне на улогата на Мосад во контекст на евентуална промена на режимот во Иран.
Изјавата доаѓа во време кога дел од израелските и американските функционери ја критикуваа разузнавачката служба поради тоа што не дошло до брза промена на режимот, и покрај војната и последователниот прекин на огнот.
Според извештаи, Мосад оценил дека таква промена може да се случи само по завршување на војната, а не за време на активен конфликт.
Барнеа нагласи дека војната создала услови за потенцијални промени, но дека ќе биде потребна дополнителна работа во наредниот период.
Тој претходно оценил дека промена на режимот би можела да се случи во рок од една година.
Во своето обраќање, Барнеа ги истакна и активностите на Мосад во слабеењето на иранската нуклеарна и балистичка програма, како и улогата на агенцијата во психолошките операции против иранските власти.
Тој призна дека во последниот конфликт Мосад бил помал партнер во однос на израелската армија и американските сили, но додаде дека агенцијата одиграла значајна улога.
Барнеа треба да се повлече од функцијата на 1 јуни, кога ќе биде заменет од Роман Гофман.

