Министерството за здравство информира дека, поради дефект на мамографскиот апарат во Клиничката болница во Штип, е воспоставена координирана организација за непречено обезбедување мамографски прегледи за жените од источниот регион.
Во таа насока, директорите на Клиничката болница во Штип и Општата болница во Кочани договорија заедничко решение со кое се обезбедува континуитет на услугата.
Мамографските прегледи ќе се извршуваат во Општата болница во Кочани, додека снимките ќе ги чита и интерпретира стручниот тим на Клиничката болница во Штип.
„Согласно медицинските индикации, пациентките кај кои ќе биде потребен дополнителен ехо-преглед на дојка ќе се упатуваат и ќе се прегледуваат во Штип. Правиме напори за обезбедување нов мамограф за Штип, по соодветните проценки во изминатиот период дека постојниот апарат не може да се поправи“, изјави директорот на Клиничката болница во Штип, д-р Владко Захариев.
За пациентките од другите градови во источниот регион е предвиден посебен ден за прегледи, со цел подобра организација и поголема достапност.
Директорот на Клиничката болница во Штип информира дека со оваа организација ќе се овозможи околу 100 пациентки месечно да добијат мамографски преглед.
Директорката на Општата болница во Кочани, д-р Катерина Мирчовска, истакна дека ќе биде воведена втора смена за да им се излезе во пресрет на жените од источниот регион.
„Отворивме зголемен број термини, со цел да одговориме на потребите и да обезбедиме што поголем опфат на жените од целиот источен регион со оваа важна здравствена услуга“, рече Мирчовска.
Министерството за здравство посочува дека останува посветено на обезбедување навремена и достапна здравствена заштита за сите граѓани.
„Институционално се мобилизиравме и, во координација со двете здравствени установи, овозможивме оваа услуга, како привремено решение, да биде достапна за пациентките од овој регион. Ова е начинот на кој системот треба да функционира кога се соочува со предизвик“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.

