Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја поздрави изјавата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека евроинтеграцијата на земјата треба да се темели на реформи и исполнување на Копенхашките критериуми, а не на историски спорови.
Во објава на социјалната мрежа X, Филипче оцени дека ставовите на претседателката се совпаѓаат со позициите што СДСМ и граѓанскиот „Фронт за вистина и правда“ ги застапуваат подолг период.
„По прв пат некој од ВМРО јавно го кажува она што ние во СДСМ, а сега и во големиот граѓански фронт, го повторуваме веќе долго време“, напиша Филипче.
Тој нагласи дека историските спорови со Бугарија и работата на Заедничката историска комисија не се дел од европските услови за продолжување на преговорите со Европската Унија.
„Тоа е билатерално прашање меѓу Македонија и Бугарија, а не европски услов“, наведе Филипче.
Реакцијата следува откако Сиљановска-Давкова изјави дека земјата треба да се фокусира на европеизација преку реформи, владеење на правото и усогласување со Копенхашките критериуми.
„Оставете нѐ да се европеизираме на патот, да станеме компатибилни со она што го бараат Копенхашките критериуми, не губејќи време на решавање историски прашања“, изјави претседателката.
Филипче оцени дека реформите не претставуваат закана за македонскиот јазик, култура и национален идентитет и ја повика владата да се фокусира на европската агенда.
„Гордана, ви благодарам за вистината. Како професорка по право, се надевам дека наскоро ќе бидете и на страната на правдата“, напиша лидерот на СДСМ.
Тој истовремено го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека со „лаги и пропаганда“ ја оддалечува земјата од европскиот пат и ја продлабочува политичката поларизација.

