Федералното истражно биро (ФБИ) соопшти дека спречило заговор за напад врз настан на УФЦ организиран во Белата куќа и уапсило пет лица осомничени дека планирале напади со дронови, снајперисти и експлозиви.
Според Министерството за правда на САД, осомничените планирале да нападнат високи политички личности и други присутни на настанот што се одржа во неделата на јужниот тревник на Белата куќа.
Обвинителите наведуваат дека заговорниците сакале со дронови натоварени со експлозив да погодат околни објекти и да предизвикаат паника меѓу посетителите, по што снајперисти требало да отворат оган врз однапред избрани цели. Според истрагата, била планирана и втора фаза во која напаѓачите ќе се обиделе да ја пробијат оградата на Белата куќа.
Директорот на ФБИ, Каш Пател, изјави дека планираните напади биле спречени во координирана операција спроведена во повеќе американски држави.
Меѓу уапсените се лица од Охајо, Калифорнија, Мисури и Небраска, кои се обвинети за заговор за убиство и други кривични дела. Доколку бидат прогласени за виновни, им се заканува доживотен затвор.
Истрагата започнала откако мајката на еден од осомничените ги известила локалните власти за неговите неодамнешни набавки на оружје и комуникација со група која, според обвинителите, промовирала антидржавни и екстремистички ставови.
Судските документи покажуваат дека групата дискутирала за напади врз политичари, бизнисмени и други јавни личности. Меѓу потенцијалните цели, според истрагата, биле претседателот Доналд Трамп, потпретседателот Џеј Ди Венс, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, претприемачот Илон Маск и повеќе избрани функционери.
Осомничените комуницирале преку социјалните мрежи и шифрирани апликации, а истражителите пронашле мапи на Вашингтон со означени позиции за снајперисти, точки за лансирање дронови и потенцијални цели во енергетската инфраструктура.
На настанот присуствувале околу 4.300 гости, додека десетици илјади луѓе го следеле од околните зони.
Американските власти соопштија дека истрагата продолжува и дека се разгледуваат можни врски на осомничените со пошироки екстремистички мрежи.

