Претседателот на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), Трајче Стојчевски, во саботата обвини дека бил преместен на работно место оддалечено 100 километри од неговата досегашна работна позиција поради неговите јавни политички ставови и критики кон Владата.
На прес-конференција, Стојчевски оцени дека станува збор за „класичен партиски реваншизам“ и притисок врз младите кои јавно ги изразуваат своите политички ставови.
„Под казна ме префрлија на 100 километри подалеку од моето работно место. Само затоа што гласно зборувам за оваа влада“, рече Стојчевски.
Тој тврди дека ваквите случаи не се изолирани и дека голем број млади професионалци во јавниот сектор се соочуваат со политички притисоци и дискриминација поради нивните ставови.
„Ова не е моја лична приказна, туку секојдневие на многу млади луѓе во Македонија“, изјави претседателот на СДММ.
Стојчевски додаде дека, според него, реваншизмот ги погодува младите службеници, наставници, лекари и други професионалци кои одбиваат партиска послушност.
Тој повика на, како што рече, заеднички отпор против политичките притисоци во институциите и работните средини, оценувајќи дека државата треба да изгради професионален систем во кој вработувањето и напредувањето ќе зависат од стручноста, а не од политичката припадност.

