Демократската унија за интеграција (ДУИ) соопшти дека вербалниот напад на министерот Иван Стоилковиќ врз пратеничката Арбана Пашоли не е изолиран инцидент, туку, според партијата, ја отсликува политиката на владината коалиција кон албанските претставници.
Во реакцијата ДУИ наведува дека Стоилковиќ, кого го опишува како политичар со претходни антиалбански изјави, добил уште повлијателна министерска функција, што, според партијата, не придонесува за меѓуетнички дијалог.
Партијата исто така ја критикува коалицијата ВЛЕН, оценувајќи дека нејзините пратеници сносат политичка одговорност бидејќи го поддржале изборот на Стоилковиќ.
„Денес цел на вербален напад беше албанска пратеничка. Утре, според истата логика, може да биде нападнат секој што нема да ѝ служи на оваа Влада“, се наведува во соопштението.
ДУИ изрази целосна поддршка за Арбана Пашоли и побара премиерот Христијан Мицкоски да се произнесе за случајот.
Според партијата, молчењето на премиерот би можело да се протолкува како одобрување на говорот на омраза и навредите кон албанските пратеници.
ДУИ повика на политичка одговорност, оценувајќи дека навредите кон избрани претставници не смеат да станат прифатлив стандард во политичкиот живот.

