Американците покажуваат рекордно ниско ниво на доверба во економијата, иако официјалните економски показатели не укажуваат на класична рецесија, пишува Ени Лоури во анализа за „Атлантик“.
Според текстот, индексот на потрошувачка доверба на Универзитетот Мичиген овој месец паднал на најниско ниво од 1952 година, кога започнало мерењето.
Истовремено, анкета меѓу потенцијални гласачи на Републиканската партија покажала дека само 43 проценти ја оценуваат економијата како „одлична“ или „добра“, додека 55 проценти ја сметаат за „лоша“ или „просечна“.
Кај потенцијалните гласачи на Демократската партија, само 5 проценти имаат позитивна оценка за економијата, додека 94 проценти ја оценуваат негативно.
Лоури наведува дека чувството на економска несигурност е присутно кај сите категории граѓани — сиромашни и богати, млади и пензионери, жители на рурални и урбани средини.
„Луѓето се загрижени за сегашноста и иднината. Загрижени се за себе и за своите соседи“, пишува авторката.
Според анализата, домаќинствата денес се чувствуваат полошо за своите финансии и за состојбата на економијата отколку за време на Големата инфлација од 1970-тите, кога цените на храната драстично растеа и владата воведе рационализација на горивото.
Негативното расположение е поголемо и отколку за време на таканаречениот „Волкеров шок“ од 1979 до 1982 година, кога каматните стапки за 30-годишни хипотеки достигнале 18,6 проценти, а САД влегле во две последователни рецесии.
Авторката наведува дека Американците денес се почувствувале понесигурно и отколку во првите месеци од ковид-пандемијата, кога невработеноста достигна речиси 15 проценти, а голем број производи исчезнаа од продавниците.
Според текстот, чувството на „трајна рецесија“ не е резултат само на економски бројки, туку и на долготрајна психолошка исцрпеност, политичка поларизација и страв од иднината.
Лоури оценува дека многу Американци имаат впечаток дека економскиот систем повеќе не им гарантира стабилност, дури и кога формално нема рецесија.
Таа наведува дека луѓето сè повеќе чувствуваат дека трошоците за живот растат побрзо од нивните приходи, а сигурноста за работните места, домувањето и пензиите слабее.
Според анализата, токму тоа чувство на постојана економска несигурност создава нов феномен што авторката го нарекува „пермарецесија“ — состојба во која граѓаните имаат чувство дека кризата никогаш не завршува.

