Поранешната обвинителка Ленче Ристоска соопшти дека не се точни изјавите на државниот јавен обвинител Ненад Савески оти предметот „Талир 2“ би останал во нејзина надлежност доколку не поднела оставка.
Во објава на социјалните мрежи, Ристоска наведе дека како обвинител за врски можела да постапува по предмети надвор од Канцеларијата за врски само врз основа на посебно овластување од државниот јавен обвинител.
Според неа, предметот „Талир 2“ не бил во надлежност на Канцеларијата за врски, туку го водела врз основа на такво овластување, а со неговото повлекување престанал и правниот основ за нејзино понатамошно постапување.
Ристоска тврди дека пред да ја поднесе оставката лично го информирала Савески дека, доколку ѝ бидат повлечени овластувањата за предметите на кои работела, ќе поднесе оставка, како и дека му ги образложила причините за таквата одлука.
Претходно, Савески изјави дека „Талир 2“ бил во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје и дека, доколку Ристоска не поднела оставка, ќе продолжела да постапува по предметот. Тој додаде дека нејзината оставка била лична одлука и дека повлекувањето на овластувањата не било причина за одземање на предметот.

