Пишува: Ристе Костовски
Оптимизацијата е концепт со кој се максимизираат очекуваните резултати при одредени услови. Во економска смисла на зборот, оптимална е онаа солуција која дава максимален аутпут со најниско ниво на инпут. Во тој контекст, во Република Северна Македонија потребна е оптимизација на јавната администрација.
Секако моделите на оптимизација претходно се базираат на сериозна анализа на дадени податоци, индикатори и суб-индикатори. Најпрво во оваа насока ќе го разгледаме Government Effectivness Index т.е негова временска серија почнувајќи од 1996 година.
Методолошки, овој индикатор го мери квалитетот на јавните услуги, граѓанските услуги, капацитетот за креирање услуги и кредибилноста на ветувањата.
Процесите на оптимизација може да се направат со помош на алатки на вештачката интелигенција, со претходно дефинирани перформанс индикатори.
Имено, со помош на аи алатки може да се подобри капацитетот за креирање политики на администрацијата. Исто така со процесите на дигитализација, може да се намали политичкото влијание и управувањето со човечките ресурси со што би се подобрила независноста и кредибилитетот на ветувањата.
Во однос на квалитетот на јавните услуги, треба да се земе предвид оперативната димензија т.е да се зголеми ефикасноста на креирањето на услугите и намалување на јавноадминистративните процедури со што би се подобрил и квалитетот на крајната услуга.
Во однос на управувањето со човечките ресурси и оптималниот број на вработени, потребно е мапирање на потребното ниво на човечки инпут за производство на единица услуга и на тој начин да се направи реорганизација на јавната администрација со помош на менторски програми со цел да нема негативни ефекти врз вработените и помек процес на трансформација.
Оптимизирајќи ги и процесите и севкупниот модел на работа на јавната администрација ќе се надминат јазовите т.е би можело да се екипираат и местата каде што недостигаат инспектори и други профили на јавната администрација со цел овој сектор да генерира конкурентност.


