(или меѓу она што го учиме и она што ни треба)
Автор: Теодор Катру
Работам од 19 години. Прво волонтерски, што значи дека прилично рано ја научив поговорката „џабе работи, џабе не седи“. Паралелно студирав на Економскиот факултет во Скопје, дипломирав и оттогаш веќе десет години работам во финансии. Ако образованието го мериме според наједноставната формула, студираш нешто, се вработуваш во струката и од тоа живееш, тогаш би требало да кажам дека во мојот случај системот си ја завршил работата. Само што со текот на времето сè помалку сум сигурен дека тоа е доволно. Можеби затоа што работев и додека студирав, многу рано почнав да ја забележувам разликата меѓу она што го учиме и она што од нас го бара реалниот свет. И тука не мислам само на практични знаења. Нормално е дека факултетот нема да нè подготви за секоја ситуација што ќе ни се случи на работа.
Повеќе мислам на некои други работи: како комуницираме, како соработуваме, како се однесуваме кога не сме најпаметните во просторијата, како прифаќаме критика и дали воопшто знаеме да го слушнеме човекот спроти нас. Ова последново ми е особено интересно затоа што ни самиот не сум баш добар пример. Со години учам да слушам. Се трудам. Често, додека некој зборува, јас веќе го подготвувам одговорот. Или мислам дека знам што ќе каже до крај. Со текот на времето сфатив дека тоа е многу потешка вештина отколку што изгледа. Можеш да имаш знаење, искуство и добри аргументи, а сепак да пропуштиш нешто важно само затоа што си бил премногу зафатен со сопствената мисла.
И некаде тука за мене почнува прашањето што всушност значи да бидеш образован. Низ работата сум сретнал многу луѓе со сериозни дипломи, титули, магистратури и докторати. Луѓе кои неспорно знаат многу во својата област. А сепак, веројатно едно од моите поголеми изненадувања низ годините е сознанието дека високото образование не мора да значи и широчина. И не мислам на тоа дали некој оди во театар и чита книги. Мислам на љубопитност за нешто што не е твоја област. На начинот на кој разговараш со човек со кого не се согласуваш. На способноста да кажеш „не знам“. На односот кон луѓето од кои немаш никаква корист. На интересот за тоа што се случува надвор од твојот мал професионален круг. И, повторно, на способноста да слушаш.
Се разбира, не мислам дека факултетот може да нè научи на сето ова. Ниту дека треба да преземе одговорност за тоа какви луѓе ќе станеме. Но, тогаш вреди да се прашаме што точно очекуваме од високото образование?
Јас, на пример, не очекувам економски факултет да произведе готов финансиски директор на 22 години. Тоа не е ниту возможно. Огромен дел од она што денес го знам сум го научил работејќи. И веројатно така е во повеќето професии.
Но, можеби токму затоа факултетот треба помалку да го гледаме како последна станица на образованието, а повеќе како прва станица на професионалниот живот. А тука мислам дека кај нас постои еден прилично неискористен простор – врската меѓу факултетите и компаниите. Кога зборуваме за таа врска, најчесто зборуваме за студентска пракса. Компанијата ќе прими неколку студенти, тие ќе поминат одредено време таму, ќе добијат потврда и сите формално сме ја исполниле задачата. Има, секако, и одлични примери, но не сум сигурен дека самиот модел на пракса е сè што можеме да смислиме.
Зошто, на пример, компаниите да не носат вистински проблеми на факултет?
Една банка сака да разбере како младите користат финансиски услуги. Производствена компанија размислува за инвестиција. Мал бизнис се обидува да го испланира растот. Некоја компанија има многу податоци, а малку време да ги анализира. Зошто дел од тие реални проблеми да не влезат на факултет? Да станат семинарски задачи, истражувања, студентски проекти или теми на кои заедно ќе работат студенти, професори и луѓе од компаниите. Тука гледам многу поинтересна размена. Компанијата добива неколку млади луѓе кои можеби ќе го погледнат нејзиниот проблем од агол што таа одамна го изгубила. Факултетот добива директен контакт со она што навистина се случува во економијата. Професорите добиваат реални случаи за истражување и настава. А студентот, наместо уште една оценка во индекс, добива чувство дека она што го учи има некаква употребна вредност.
И компаниите треба да имаат конкретна причина да бидат дел од тоа. Не само затоа што „помагаат на младите“ и тоа добро изгледа во годишен извештај. Можат да добијат пристап до истражувања, студентски тимови, заеднички проекти, кратки специјализирани програми за своите вработени, па и можност порано да препознаат луѓе што еден ден би сакале да ги вработат. Факултетите, од друга страна, преку компаниите можат многу побрзо да видат кои знаења и вештини се менуваат и што навистина се случува надвор од амфитеатарот. Тоа не значи дека бизнисот треба да одредува што ќе се учи на факултет. Баш напротив. Универзитетот мора да биде поширок од моменталните потреби на пазарот на труд. Ако образованието го сведеме само на тоа што ѝ треба на некоја компанија денес, за десет години веројатно повторно ќе доцниме.
Но, не гледам корист ниту од другата крајност, факултетите и економијата да живеат во два паралелни света кои повремено ќе се сретнат на конференција, ќе се согласат дека треба „поголема соработка“ и ќе потпишат уште еден меморандум. По десет години во финансии и уште неколку години работно искуство пред тоа, едно ми станува прилично јасно: знаењето има краток рок на траење ако престанеме да го надградуваме. Дел од работите што ги научив на факултет денес ги правам поинаку. Дел од она што денес го работам, за пет или десет години веројатно ќе го прави некој софтвер побрзо и подобро од мене. Ќе треба да научам нешто друго. И можеби затоа денес од факултетот би очекувал нешто малку поинакво отколку кога имав дваесет години. Не да ми даде што повеќе информации, туку да ме научи што да правам кога информациите што ги имам повеќе не се доволни. Да ме натера да бидам љубопитен и за нешта што не се економија. Да ме соочи со луѓе што размислуваат поинаку од мене. Да ме научи да поставам добро прашање, а не само да го знам точниот одговор.
И, ако може, малку подобро да слушам. Можеби затоа денес малку поинаку ја разбирам онаа „џабе работи, џабе не седи“ од почетокот. Не е работата само да не седиш. Важно е што учиш додека работиш. Што гледаш околу себе. Дали сè уште те интересира нешто што не го знаеш. И дали понекогаш ќе успееш да замолчиш доволно долго за навистина да го слушнеш другиот. Дипломата е важна. Работното искуство исто така. Но, изгледа дека ни едното ни другото не ја завршуваат работата наместо нас.
*Теодор Катру, дипломиран економист, сметководител
Колумната е изработена во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“ кој го спроведуваат Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС, а финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас. Содржината на овој текст е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

