28.8 C
Скопје
17 септември, 2026
Inbox7.mk
СТАВ

Антрополошкото размислување во образованието

Автор: Илир Салиу

Зошто постојат зградите и мостовите што ги проектираат и градат инженерите? А програмите што ги создаваат компјутерските научници? Што е со најновите достигнувања во медицината, биологијата, хемијата и физиката? Кому му служат студиските области од STEM?

Факт е дека овие области, кои со години и кај нас во колективната свест се сметаат за „најпосакувани области за успех во животот“, се меѓу најпривлечните и најбараните кај младите студенти, благодарение на финансиските примања, професионалната сигурност и престижот што ги носат.

Сепак, колку и да се благородни и извонредни, можеме да заклучиме дека нивната крајна цел е да му служат на човештвото. На крајот на краиштата, мостот нема вредност без луѓе што ќе минуваат преку него, програмата е безначајна ако не им носи корист на луѓето што ја користат, а медицината не значи ништо ако не е ставена во служба на болните.

Со напредокот на вештачката интелигенција, се отвораат бројни прашања во врска со овие науки. Впрочем, кога станува збор за пресметки, побрзо му веруваме на калкулаторот отколку на самите себе. Слично на тоа, вештачката интелигенција може побрзо да создаде компјутерска програма отколку професионалните програмери. Таа веќе донесе извонредни достигнувања и во медицината, како што е случајот со AlphaFold, додека познатите системи како ChatGPT, Claude и Gemini постојано стануваат сè подобри во дијагностицирањето заболувања. Оттука, „природните“ науки се наоѓаат во криза.

За жал, постои традиција науките да се делат на „општествени“ и „природни“, а ми се чини дека токму тоа доведе до една поделба во колективната свест според која овие области не се совпаѓаат: едната се занимава со општеството, со субјективните и променливите нешта, додека другата се занимава со природата, со објективните и трајните нешта. Но што се случува кога и оваа втора област почнува да биде доминирана од вештачката интелигенција и машините? Што треба да прават луѓето што работат во овие науки?

Верувам дека одговорот лежи во приближувањето на природните науки кон методологиите, практиките, чувствителностите и перспективите на општествените науки. На STEM му е потребно повеќе антрополошко размислување.

Антропологијата е научна област што го става човекот во центарот: anthropos – човек и logos – наука. Кај нас оваа наука е малку позната, а уште помалку изучувана. Често, кога ќе им кажам на луѓето што сум студирал, добивам зачудени погледи и прашања од типот: „А што е тоа?“ Други, пак, мислат дека станува збор исклучиво за проучување на праисториските општества или древните цивилизации. Секако, тоа се само недоразбирања, но жално е што една наука која се наоѓа во срцето на разбирањето на човештвото е толку запоставена и останува целосно одвоена од егзактните науки. Сепак, иднината за антропологијата изгледа посветла.

Што всушност подразбираме под „антрополошко размислување“?

Станува збор за збир на интелектуални навики, меѓу кои би го издвоил холизмот – гледиште што го разбира човечкиот живот како целина, неразделно поврзана со сè што нè опкружува; културниот релативизам – разбирање на човечкото однесување во неговиот сопствен контекст, наместо негово толкување преку наметнати надворешни значења; критичкото размислување – способноста да се разложат длабоките врски што луѓето ги имаат со себе и со светот и постојано да се преиспитуваат ставовите што и самите можеме да ги носиме; и, пред сè, непосредното набљудување – обидот да се разбере човечкиот свет додека истовремено сме и негов дел и негови набљудувачи.

Токму ова последново е клучно за соработката меѓу природните и општествените науки. Вклучувањето на ваквиот начин на размислување во природните науки значи постојано да поставуваме прашања за луѓето за кои градиме, програмираме или создаваме статистики – да разбереме како науката најдобро може да им служи, како зградите можат да им служат на луѓето што ќе живеат во нив, но и на пошироката заедница во која се наоѓаат.

Вреди да се спомене дека овој пристап веќе го најде својот пат и до „тврдите“ науки. Се појавија нови дисциплини, како што е „антропологијата на дизајнот“, токму затоа што на инженерите и технолозите им е потребен метод со кој ќе разберат како луѓето ја приспособуваат технологијата или се откажуваат од неа во секојдневниот живот. Универзитетот Стенфорд во 2019 година го основаше Институтот за вештачка интелигенција насочена кон човекот, со цел образованието за вештачката интелигенција да биде водено од нејзиното влијание врз луѓето. Нивната програма „Human-Centered Artificial Intelligence“ намерно ги поврзува компјутерските науки со општествените науки, и тоа директно во самата образовна програма.

А резултатите се јасни: практиките на дизајн насочен кон човекот ги намалиле грешките по објавувањето на производите за дури 80 отсто во инженерски и технолошки контексти, додека во дигиталната сфера, дисциплини како UX Research & Design директно применуваат антрополошки техники при создавањето технологии. Меѓу безброј други примери, јасно е дека „егзактните“ науки имаат огромна корист од вклучувањето на антрополошкото размислување.

Најголемата иронија е што токму луѓето што ја градат технолошката иднина се меѓу првите што го упатуваат овој повик. Даниела Амодеи, претседателка на Anthropic, изјави дека квалитетите што нè прават луѓе „ќе стануваат многу поважни, а не помалку важни“ со напредокот на вештачката интелигенција. Според неа, кога Anthropic денес вработува луѓе, бара „одлични комуникатори, со висока емоционална интелигенција, емпатични и љубопитни“ – вештини што се клучен дел од антрополошката обука. Уште поважно, таа отворено вели: „Мислам дека изучувањето на науките за човекот ќе биде поважно од кога било“, бидејќи, иако моделите на вештачка интелигенција се „многу добри во STEM“, квалитетите што нè прават „особено човечки“ засекогаш ќе останат важни.

Кога самите творци на вештачката интелигенција признаваат дека вистинската граница на сложеноста се наоѓа во човечката димензија, зарем и ние, во Македонија, не треба да ја третираме таа димензија како суштинска во техничкото и научното образование?

Ако најмоќните технолошки универзитети во светот сфатиле дека техничкиот капацитет без човечка длабочина е зграда без темели, тогаш образовниот систем на Северна Македонија треба да одговори на времето во кое живееме, спојувајќи го STEM со антрополошката длабочина.

Ако продолжиме да ги учиме нашите студенти како да градат, без да ги учиме за кого градат, ќе создадеме технички извонредни експерти, но слепи за целта на сопствената работа.

Колумната е изработена во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“ кој го спроведуваат Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС, а финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  Содржината на овој текст е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

Related posts

Албанскиот јазик меѓу македонскиот чекан и наковална

admin

Менуваме закон или ја менуваме иднината?

admin

Стратешкото лидерство клучно за раст и развој

admin

Анализа: Реформата во високото образование под лупа

admin

ПРЕДИЗБОРНО: Гестикулации и мимики

admin

Кошта беше јасен: Нема “план Б” и “креативни решенија”

admin