Под гестикулации спаѓа сѐ што една личност прави со рацете, со главата, со нозете, со целото тело. А под мимики, сѐ што прави со лицето, со очите, односно, целата фацијална експресија.
ЗА ЛУЃЕТО ИЛИ ЗОШТО ХОЛИВУД НИКОГАШ НЕ ГРЕШИ ВО КАСТИНГ?!
Претходно напишав дека на лицето се исцртани, така-речи, сите карактеристики на една личност. Кај таа личност, во приватниот живот, може да варираат уште околу 15% додадени карактеристики од самиот начин на живот, поднебјето во кое живее и делува, од избраната професија, значи, опкружувањето, образованието, системот, семејството, болести и трауми… и слично. Но! Телото го зазема обликот на душата и секое тело ја очитува, т.е. ја покажува нејзината моментална состојба. Според цртите на лицето се откриваат повеќе од половина карактерни особености на секој човек, но ако се земат в обзир и држењето на телото, па и неговата констититуција, тогаш може да се дојде до многу висок процент на откривање на личноста. Ако знаете да ги прочитате овие карактеристики, ничија елоквенција, ниту ерудиција, нема да може да ве заведе, замаи или измами.
Во форензиката има специјална дисциплина, форензичка антропологија, која ги открива причините на смртта, но уште поважно е да се успее да се детектира нечиј начин / стил на живот. Сте виделе по филмовите форензички цртач како ги скицира портретите на некој осомничен за нешто само според кажувања за таа личност?
Кога бев дете, постоеше една емисија КВИСКОТЕКА (во СФРЈ, повеќето сигурно се сеќавате) и имаше прашања до натпреварувачите да погодат која личност од присутните на сцената ја има “таа и таа” професија, па водителката прашуваше: “особа А, особа Б или особа Ц”? Го обожавав квизот и не правев “утка” ни тогаш, како дете.
Сега, по состаноци ме прашуваат: “што мислиш за мене, прв впечаток?” Кажувам по нешто, онака одоколу, зависно со кого разговарам. Но не сакам провокации, оти луѓето не се спремни да ја слушнат вистината. И кога разговарам со грото од луѓето ги прашувам дали сте вие од оние кои по секоја цена би сакале да ја знаат вистината? Само 0,1% ми одговориле дека по секоја цена би сакале да знаат вистината – No matter what! Па проценувам со кого – до каде – со вистината.
Првпат ме гледа на сосема случајна средба, ми вика: “ти си психолог? Му велам “не, блиску до тоа. “Имаш многу деструктивна енергија, мораш да работиш физичка работа и да се исцрпуваш до максимум, инаку ќе правиш проблеми наоколу” – му велам. Ми вика “од каде знаеш”? “Сѐ околу нас е енергија. Твојата е хаотична. Гледам како гестикулираш, со кој тон зборуваш, какви мимики правиш на лицето додека зборуваш, како го тресеш коленото додека седиш, какви зборови избираш, со какви мисли се храниш. Сѐ е видливо на тебе. Сѐ е видливо на секого. Можам и таблетарната терапија да ви ја погодам”. Треба само да знаеш да го видиш. Но и ако знаеш, треба ДА САКАШ да го видиш. Начинот на држење, стоење, движење, седење, целата гестикулација, фацијална мимика, боја на глас, висина на тон, сјајот во очите – не можат долго да се сокријат. Ниту една емотивна состојба не може да се сокрие, видлива е (за оној што умее да види, оној што не умее, ниту пишува, ниту чита вакви текстови). Секоја брчка ја изразува психофизичката состојба на еден човек. Загриженоста се гледа на челото. На вилиците – емоциите. Стиснати вилици и грч околу мускулатурата на устата – стиснати емоции; цинизам, лутина, бес, сарказам. Старите викале “лошотијата му излегува на носот”, но особено во очите. Добрината и лошотијата на човекот во најголема мера ја има во погледот. Тоа и кај животните е воочливо, а не па кај луѓето. Нема да продлабочувам. Само да кажам дека и по слика може да се детектира голем дел од карактеристиките на луѓето, а не пак од средбите во живо.
Не ми е јасно само како правите толку лоши проценки во сенешто?!

