Северна Македонија се искачила на 30. место во светот според Националниот индекс за сајбер-безбедност, што е напредок од 29 позиции во споредба со 2023 година, соопшти ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека резултатот е последица на новите политики и законски решенија во оваа област.
Според партијата, земјата освоила 84,17 поени и е рангирана на 30. место меѓу 155 држави опфатени со индексот што го изработува естонската Академија за е-управување. Во 2023 година Северна Македонија била на 59. позиција.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека напредокот покажува оти Владата воспоставува „сериозен, организиран и системски пристап“ кон сајбер-безбедноста.
Како еден од клучните чекори партијата ја посочува новата законска рамка, со која се дефинираат надлежностите на Министерството за дигитална трансформација во безбедноста на мрежните и информациските системи.
Според соопштението, со законските решенија се утврдуваат правила за управување со сајбер-ризиците, обврски за пријавување безбедносни инциденти и механизми за заштита на субјектите и инфраструктурата од клучно значење.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека целта е системот да се префрли од реагирање по сајбер-инциденти кон превенција, рано откривање и навремена реакција.
Партијата оценува дека за граѓаните тоа треба да значи побезбедни дигитални јавни услуги, поголема заштита на личните податоци и поголема отпорност на критичната инфраструктура.
„Напредокот од 29 позиции и пласманот на 30. место во светот претставуваат значајна потврда дека Македонија прави сериозни чекори напред“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

