Домашна и меѓународна експертска комисија утврдиле сомнежи за непотребни кардиолошки и кардиохируршки интервенции кај девет пациенти во Македонија, соопшти министерот за здравство Азир Алиу, најавувајќи системски промени и нови механизми за контрола во здравството.
Алиу на прес-конференција изјави дека странската комисија, составена од експерти од Италија и Словенија, во значителен дел ги потврдила наодите на домашната интерна комисија.
Од вкупно 13 анализирани случаи поврзани со сомнежи за непотребни операции или упатувања на хируршки интервенции, кај четворица пациенти било утврдено дека третманот бил „медицински соодветен, навремен и во согласност со прифатените стандарди на клиничка пракса“.
Кај останатите девет пациенти, според Алиу, експертите констатирале „сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација“, вклучително и несогласување меѓу ангиографските наоди и писмените извештаи, по што следувале, како што наведе, „несоодветни индикации за процедури“.
„Одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваниот професионален стандард и можеби неповолно влијаеле врз клиничкиот исход“, рече Алиу, цитирајќи делови од извештајот.
Случаите опфаќаат интервенции извршени во повеќе јавни и приватни здравствени установи, меѓу кои Клиниката за кардиологија, Државната кардиохирургија, болницата „8 Септември“, Клиничката болница во Штип, како и приватните болници „Жан Митрев“ и „Систина“.
Министерот рече дека извештаите ќе бидат доставени до Владата, Јавното обвинителство, Фондот за здравствено осигурување, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Државната комисија за спречување на корупцијата.
Тој нагласи дека наодите не треба да се користат за дискредитација на целата медицинска професија, но оцени дека случајот покажува оти здравствениот систем мора да се зајакне.
Министерството веќе почнало ревизија на протоколите за кардиолошки и кардиохируршки интервенции, а најавено е и формирање национален „харт-тим“ составен од девет кардиолози и кардиохирурзи.
Дополнително, ќе се формира национална листа за кардиохируршки операции со цел поголема транспарентност, контрола и сигурност за пациентите.
Случајот повторно го отвори прашањето за медицинската етика и контролата на сложените хируршки процедури, кои носат сериозни ризици по животот и здравјето на пациентите.

