11 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Нетранспарентноста во јавните набавки, „главоболка“ за компаниите: Бизнисмените ретко се жалат кога се незадоволни од тендерите

Пишува: Вања Мицевска

Секој трет договор во јавните набавки со јавна институција е склучен во постапка каде учесник е само една фирма. Во топ три по вредност на склучени јавни набавки се три големи компании блиски до власта – ЕДС, Пуцко петрол и Марковски Компани Борче се меѓу десетте компании, кои склучиле 20 отсто од сите јавни набавки во државата. Тендери во четири очи, непочитување рокови за тендерски постапки за јавни набавки, дискриминаторски услови за тендери, се само дел од „дијагнозата“ од која боледува државниот систем за јавни набавки, детектиран од Центарот за граѓански комуникации.

Додека и граѓанскиот, но и бизнис секторот имаат забелешки за транспарентноста на ваквиот процес, антикорупционерите „мака мачат“ за да утврдат дали во него постои влијание.

Вкупно 26 милијарди денари е вредноста на договорите за јавни набавки кои лани биле склучени во постапка во која учествувала само една фирма. Станува збор за 9305 договори, што укажува дека на овој начин бил склучен секој трет договор за јавна набавка.

До вакви податоци дојде Центарот за граѓански комуникации кој нотираше дека конкуренцијата меѓу фирмите е намалена во однос на 2021 година. Тоа пак, го зголемува ризикот во тендерите да не се добие најдобрата вредност за потрошените пари.

Речиси половина од фирмите кои ги анкетирал Центарот за граѓански комуникации изјавиле дека има корупција во јавните набавки, а дури за 63 проценти, ’најниската цена‘ како критериум за избор е најчестиот проблем со којшто се соочуваат.

Техничките спецификации на тендерите не се гаранција за квалитетот на набавките

Од бизнис секторот се децидни дека „местењето“ на јавните набавки не е тајна и тоа често се коментира меѓу компаниите. Потпретседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски вели дека критериумите зависат од интересите. Тој реагира дека документацијата која се бара од компаниите е „скроена“ според однапред договорени параметри.

„Критериумите се скроени за дадено соодветно правно лице, така се прават тие параметри внатре коишто ги исполнува точно една компанија. Практично, таа компанија на крајот на краиштата може и да нема вработен, а ќе ја земе работата. Ќе биде во позиција да ја земе иако некој има можеби стотици вработени“, објаснува Ѓорѓиевски за ММС.

Со сличен став се и од државната Антикорупциска комисија, чија потпретседателка Катица Николовска смета дека е многу тешко да се утврди во кој дел на јавните набавки постои корупција, но сепак посочува оти најранливата точка во целата процедура е утврдувањето на критериумите.

Николовска вели дека тие треба да бидат утврдени така што со нив би се воспоставил натпревар меѓу економските оператори. Но како што додава, тие може да бидат и премногу благи или обратно – премногу строги со цел да бидат погодни за одреден економски оператор.

-Ако тој економски оператор е почетник, нова фирма која се бори за место на пазарот, нормално преку познанствата со луѓето кои можеби ги спроведуваат  јавните набавки, или преку некое одговорно лице во самата институција, може да издејствува критериумите да бидат едноставно – никакви. Само да имаат дозвола за работа, лиценца доколку е потребно и толку. Или пак, ако треба да се фаворизира некоја фирма која веќе одамна е етаблирана на пазарот и позната и докажана во дејноста, нормално ќе се постават други критериуми со финансиски параметри, со број на вработени, па со број на реализирани проекти и така натаму. Значи можно е да се доловува структурата односно „бекграундот“ на фирмата која треба да се фаворизира – додава Николовска во изјава за ММС.

Другиот дел на приказната како што вели таа, се техничките спецификации. Токму тие заедно со критериумите, според Николовска, се двата елемента кои оставаат најголеми можности за генерирање на корупција.

-Еве ќе посочам само еден класичен пример на јавна набавка односно набавка на хартија. Сите институции ја користат таа набавка и тука е многу тешко да се каже каква хартија нам ни е потребна – дали еден пакет тежи еден килограм или килограм и сто, дали хартијата е бела или сиво-бела…има „милион“ можности да се намести и да се прилагоди таа техничка спецификација на потребите на економскиот оператор. Едноставно во отсуство на стандарди за тоа каква хартија треба да се користи за сите печатачи и други потреби, тешко е да се каже дали договорниот орган намерно така ја конструирал техничката спецификација или тоа е општо прифатено правило – објаснува потпретседателката на ДКСК.

Извештајот од мониторингот на јавните набавки кој го објави Центарот за граѓански комуникации пак, утврди дека поставените услови во тендерската документација ги дискриминираат фирмите.

-Станува збор за дискриминаторско поставување на критериумите што треба да ги исполнат фирмите за да ја докажат својата способност, како и свесно избегнување во техничките спецификации да се наведе количината на стоките и опис на набавката, со цел да се фаворизира одреден производ или фирма – се вели во извештајот.

Доминантни 87 % од фирмите не се жалат на тендерите

Иако 54 отсто од анкетираните фирми сметаат дека постои меѓусебно договарање на тендерите, бизнис секторот ретко се охрабрува да се пожали до Државната комисија за жалби по јавните набавки.

Само 13 % од фирмите изјавиле дека секогаш (7 %) или често (6 %) се жалат до Државната комисија за жалби по јавни набавки во случаите кога не се задоволни од начинот на постапување на договорните органи на тендерите на коишто учествувале. Останатите 87 % истакнале дека никогаш (54 %) или ретко (34 %) доставуваат жалба до Комисијата.

Во текот на минатата година биле поднесени 751 жалба од фирмите или за 34 % помалку во споредба со претходната.

Потпретседателот на ССК, Ѓорѓиевски потенцира дека доколку Комисијата ја усвои жалбата, предметот се враќа на преразгледување во првобитното тело коешто ја правело таа јавна набавка. Но доколку ја одбие, фирмата има право да се жали до Управниот суд, чии одлуки не се мериторни, а за да се донесат може да помине и една година.

„Најинтересниот елемент е тука – ако таа јавна набавка веќе трае една година, а вие имате одлука на Управен суд за една година тогаш едноставно самата судска одлука е неефективна и неефикасна. Управниот суд кога ќе дојде време да одлучи, тој мериторно не одлучува. Постапката ја враќа на повторно разгледување во второстепената комисија за јавни набавки. Овие повторно ја враќаат до Управен суд и вие влегувате во еден лавиринт каде што на крајот добивате некоја морална сатисфакција дека сте биле во право меѓутоа таа нема ефективна и ефикасна финансиска компонента каде што треба некој да плати отштета поради изгубен тендер во однос на профитот којшто би се остварил“, реагира Ѓорѓиевски кој смета дека поднесувањето на жалба најчесто е на штета на тој што е жалител.

Ситуацијата дополнително ја проблематизира тоа што веќе не функционира Советот за јавни набавки – потенцира нашиот соговорник.

-До пред неколку години имаше таканаречено тело Совет за јавни набавки до кој се праќаше спремната документација. Чинам дека таму имаше десетина ротирачки членови или повеќе коишто се разбираат од сите области и практично, не се знаеше кои се тие лица кои членуваат во телото. Така што тие ги елиминираа можностите да се направи „custom made“ јавна набавка која би била скроена за одредено правно лице. Во таа ситуација се јавуваа неколку конкуренти, а понатака ќе се дојдеше до ситуација да се намали цената соодветно и за таа јавна набавка да имаме најквалитетен, најекономичен оператор којшто би ја извршувал – објаснува Ѓорѓиевски.

Тој нагласува дека не би можел да каже дали постои политичко влијание и моќ врз процесот на јавни набавки, но смета дека носењето на поинакви пресуди од Управниот суд би било добар механизам за поголема транспарентност на процесот.

„Кога Управниот суд би бил ефективен и ефикасен и би досудувал со пресуди каде што некој би се задолжил и би требало да го плати тој профит што го изгубила компанијата која требало да ја добие таа јавна набавка, тогаш би имало друга ситуација. Не би се осмелиле да се прават тие работи, но очигледно е дека поголемиот дел од тој систем темелно треба да се реконструира. Потребен е целосен ремонт на овој систем за јавни набавки за да се направи процесот транспарентен, ефикасен, ефективен и јавната набавка да дојде кај вистинското правно лице кое ќе ја направи по најекономична цена и најквалитетно ќе ја извршува на правичен начин“, заклучува Ѓорѓиевски.

Николовска од ДКСК порачува дека кога постои корупција значи дека постои и влијание. Таа вели дека со нејзините колеги добиваат пријави за разни состојби за кои пријавителот се сомнева за незаконитости или нерегуларности во јавните набавки, но има примери каде многу е тешко да се утврди дали постоело влијание.

„Влијанието е првиот чекор во корупцијата, меѓутоа кога постојат вакви укажувања за сомневања за наместени технички спецификации, верувајте и ние многу тешко можеме да го докажеме тоа. Ако се работи за јавна набавка на хартија, ние не знаеме дали договорниот орган ја имал потребата токму за тој вид хартија за печатење“, вели Николовска.

Таа информира и дека досега од ДКСК до Јавното обвинителство се испратени повеќе случаи за јавни набавки, меѓу кои и случај во кој економскиот оператор имал дојава врз основа на која постигнал многу поповолна цена од другите и така го добил тендерот.

„На нас тоа ни беше доста индикативно и сето тоа отиде до Обвинителството. Понатаму, Обвинителството ќе си каже за своето постапување“, додава таа.

Бирото за јавни набавки лани за првпат доставило два предмети до ДКСК за можни злоупотреби во јавните набавки

До Државната комисија за спречување на корупцијата лани пристигнале и две пријави од Бирото за јавни набавки, кои веќе се оформени како предмети.

„По едниот е постапено и веќе имаме донесено одлука. Меѓутоа, содржината на пријавата говори дека се исплаќани пари без спроведена јавна набавка, а тоа не е во наш домен. Тоа е чисто криминално дело, така што ние тоа го имаме препратено за надлежно постапување до МВР за тие да ги утврдат фактите. Верувам дека МВР ќе си ги исполни своите надлежности и ќе проследи до Обвинителството како што е редот во постапката. А за другата постапка се уште ги испитуваме состојбите и предметот е кај нас“, додава Николовска.

Таа вели дека неправилностите и незаконитостите се потврдуваат откако некој ќе пријави, а ингеренциите на Бирото за јавни набавки се сосема други. Ова тело не може да има сознанија дали некоја постапка не е во согласност со закон и дали постои фаворизирање, па оттука и малиот број на предмети доставени од него за можни злоупотреби на одредбите од јавните набавки – порачува нашата соговорничка.

Препораки за решавање на утврдените проблеми

Трите проблеми со кои фирмите најчесто се соочуваат кога се работи за јавните набавки, се провлекуваат во континуитет со години. Проблем број 1 е „најниската цена“ како критериум за избор на најповолната понуда. На второто место е обемноста на документите што се потребни за учество на тендерите. На трето место е стариот проблем со којшто се соочуваат фирмите, односно приспособувањето на условите за учество на тендерите кон одредени понудувачи.

Мониторингот на Центарот за граѓански комуникации покажа дека задоцнетото плаќање повторно се издигнува како актуелен проблем. Извештајот нотира дека фирмите во просек чекаат чекаат по шест месеци и 27 дена за наплата на побарувањата за спроведените тендери, додека лани просечното чекање изнесувало пет месеци и 18 дена.

Центарот излезе со низа препораки за тоа како да се унапредат регулативата и практиката, а преку тоа да се зголеми транспарентноста на процесот на јавни набавки.

-Институциите мора да работат врз стимулирање на конкуренцијата бидејќи само таа е гаранција за рационално трошење на јавните пари – препорача Центарот за граѓански комуникации додавајќи дека пазарот треба да се истражува потемелно, за да се постават посоодветни критериуми.

Понатаму, се препорачува институциите почесто да спроведуваат претходна проверка на пазарот преку т.н. технички дијалог со фирмите. Воедно, секоја институција која се соочува со голем број поништени постапки да преземе соодветни мерки за да ги воочи причините и да преземе соодветни мерки за надминување на констатираните проблеми.

Бирото за јавни набавки, во согласност со Законот за јавните набавки, треба позначајно да го прошири опсегот на контролата и на тендерите и да се вложат поголеми напори за јакнење на кадровските и на техничките капацитети на соодветното одделение за управна контрола – препорача ЦГК во својот најнов извештај за мониторингот на јавните набавки.

Вања Мицевска

Related posts

Две сценарија и едно прашање – не дали, туку кога?

admin

“Црните листи” со законска сила и во земјата, или само предизборна флоскула

admin

СОФИЈА СО КРИТИКИ ДО СКОПЈЕ ЗА ПРАВАТА НА БУГАРИТЕ

ninja

ТЕХНИЧКА СИМБОЛИКА ЗА ПРЕМИЕРОТ АЛБАНЕЦ

ninja

Уставните измени се само една од можните сопки кон влезот во ЕУ

admin

ЧЕШКИОТ ПРЕДЛОГ ЗА ВИЗНА ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈА ЗА КОСОВО НЕ Е УСВОЕН

ninja