30.8 C
Скопје
24 август, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗАСТАВ

Зошто приватниот сектор во Македонија малку инвестира?

Пишува: Ристе Костовски

За развој на која било економија и за креирање економија базирана на знаење, која создава работни места, неопходни се инвестиции. Инвестициите се клучни за растот на бизнисот, неговиот развој и економската трансформација воопшто.

Одличен макроекономски показател во оваа област е бруто-инвестициската стапка.

Доколку ги погледнеме податоците, односно временската серија од 1990 до 2025 година, може да се забележат умерен раст и флуктуации во одредени периоди, секако во согласност со економскиот циклус, но сепак нивото на бруто-инвестиции останува ниско.

Клучното прашање што треба да си го постават креаторите на политиките, коморите и академската заедница е: зошто имаме ниско ниво на инвестиции во приватниот сектор?

Во овој контекст, секако, најважно е окружувањето. Имено, секој стопанственик бара стабилен амбиент за влегување во каков било инвестициски потфат. Особено важна е ефикасноста на администрацијата, со цел да се овозможи побрзо и поефикасно процесирање на проектите.

Во однос на намалувањето на јазот во финансирањето на инвестициските проекти, државата треба да помогне во процесот на инвестициски менаџмент и управувањето со инвестициските проекти, со цел стопанството полесно да дојде до финансиски ресурси од различни инвестициски фондови.

Следното клучно прашање е секторскиот пристап: во кои сектори имаме повеќе, а во кои помалку инвестиции, како и поддршката во насока на изработка на секторски инвестициски планови, програми и проекти. На овој начин нема да имаме неискористени финансиски средства, а од друга страна ќе се диверзифицира стопанската структура и, што е најважно, на среден и долг рок ќе се зајакне извозната конкурентност и ќе се диверзифицира извозот.

Во овој дел важна е и кохерентноста меѓу домашните и странските компании, особено компаниите од технолошко-индустриските развојни зони. Имено, долг период се говори за недоволна интегрираност меѓу овие два сегмента. Токму во овој дел е потребно да се развијат соодветни модели и да се обезбеди техничка, експертска и финансиска поддршка за нивно подобро интегрирање.

За надминување на технолошките јазови потребно е да се обезбеди развојно финансирање. На овој начин мултипликативниот ефект на странските директни инвестиции ќе биде поголем, а со тоа ќе се изгради и подобра база за привлекување нови инвестиции.

Related posts

Важноста на интегрирањето во ЕУ од аспект на премијата за ризик

admin

Советот на обвинители прокоцка златна шанса

admin

Демократската тиранија

admin

Венецуела: Кога ќе се обезглави една држава нема лесно пресадување со друга глава

admin

Влијанието на „геоекономијата“ расте

admin

Ерата на американскиот унилатерализам

admin