18.8 C
Скопје
22 септември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

Ибраими до новите студенти на ЈИЕУ: Во ерата на ВИ најважно е критичкото размислување

Новата генерација студенти на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) ја започна академската година во време кога вештачката интелигенција брзо ги менува образованието и пазарот на трудот.  Ректорот Садудин Ибраими ги повика студентите да се фокусираат на критичкото размислување, поставувањето прашања и способноста за приспособување.

„Студентите ги започнуваат своите студии во време на брзи технолошки промени, особено под влијание на вештачката интелигенција“, порача Ибраими на официјалниот прием на новите студенти во кампусите на УЈИЕ во Тетово и Скопје.

Тој ги охрабри да развиваат критичко размислување, да поставуваат прашања, да соработуваат и да бидат подготвени да се приспособуваат на промените што технологијата ги носи во образованието и професиите.

Универзитетот не е само предавална

Ибраими ги повика студентите активно да се вклучат во универзитетскиот живот преку проекти, студентски организации, меѓународни размени, професионална пракса и волонтерски активности.

Посебно им посака добредојде на меѓународните студенти, оценувајќи дека тие придонесуваат за различноста на универзитетската заедница.

Во кампусот во Скопје, новата генерација ја пречека проректорот за планирање, истражување и претприемништво Веланд Рамадани.

Тој ги повика студентите да ги користат можностите што ги нуди универзитетот не само за академски, туку и за професионален и личен развој.

„Поставувајте прашања и тестирајте нови идеи“

Во име на студентите се обрати претседателот на Студентскиот парламент и асоцијација, Бесјан Реџепи.

Тој ги охрабри бруцошите да бидат активни, да поставуваат прашања и да тестираат нови идеи.

Реџепи рече дека гласот на студентите има значење и дека Студентскиот парламент треба да биде место каде тие можат да побараат поддршка во текот на студирањето.

По официјалниот прием, новите студенти учествуваа на факултетски средби и академска ориентација.

Тие беа запознаени со студиските програми, универзитетските услуги и можностите за вклучување во студентски активности, а преку студентските советници и административните тимови добија практични информации за почетокот на студирањето.

 

Related posts

Како ќе се определи Алијанса – за промени или како досега?

admin

КИППЕР тврдеше дека „Ланд“ е безбеден, сега Косово повлекува серија произведена од „Вита“

admin

Лекови, поткуп и перење пари: Што досега се знае за големата акција во Скопје, Тетово и Гевгелија

admin

Ангеловски: Одреден квантум на вработени од јавниот сектор да се преусмерат во приватниот сектор

admin

Украина пресмета колку чини еден руски војник: Бројката открива како се менува војната

admin

По „ходникот“ со Рубио, официјална средба со Ландау: Што навистина донесе Мицкоски од САД?

admin