Пет лица се приведени по истрага на Царинската управа за меѓународна група осомничена за шверц на дрога, откако на граничниот премин Дојран бил спречен транспорт на 79 килограми марихуана наменета за турскиот пазар.
Според Царинската управа, акцијата почнала по добиена разузнавачка информација, по што мобилни тимови презеле оперативни активности.
На излез од државата, на Дојран, бил запрен камион во кој биле пронајдени 79 килограми марихуана. Возачот, државјанин на Босна и Херцеговина, бил приведен.
По заплената, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, во соработка со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, започнало предистражна постапка за утврдување на сите лица вклучени во случајот.
Според досегашната истрага, камионот влегол во Северна Македонија натоварен со железни профили што требало да бидат транспортирани во Грција.
Царината соопшти дека, по претходен договор со лица од Македонија, на однапред договорена локација во камионот била претоварена марихуаната.
По претоварот, камионот бил пломбиран со пломба што возачот ја имал кај себе и продолжил кон Грција преку Дојран, каде бил пресретнат од мобилните царински единици.
Пет лица се приведени, а против нив е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.
Од Царинската управа велат дека истрагата е дел од пошироките активности за сузбивање на меѓународната трговија со дрога.

