Во Гранд Рапидс, Мичиген, се одржува судски процес на четворица мажи обвинети за заговор за киднапирање на гувернерката на Мичиген, Гретчен Витмер во 2020-та.
Обвинителите и адвокатите на одбраната во четвртокот ги презентираа изјавите додека судењето, кое беше отворено претходно оваа недела, продолжи со изнесувањето на обвинителните акти.
Министерството за правда на САД ги обвини жителите на сојузната држава Мичиген, Адам Фокс, Бери Крофт, Џуниор, Даниел Харис и Брендон Касерта за заговор да го киднапираат демократскиот гувернер во октомври 2020 година. Фокс, Крофт и Харис се соочуваат со дополнителни обвиненија за заговор за употреба на оружје, вклучително и експлозивни направи, според судските документи.
Крофт и Харис, исто така, се обвинети за поседување деструктивни направи – точките додадени во второто обвинение во април 2021 година. Сите четворица се изјаснија за невини.
Обвинителите истакнаа дека мажите, вознемирени поради мерките за социјално дистанцирање поради Ковид -19 регрутирале членови на десничарска пара-милиција за да го реализираат заговорот што вклучува возење до викендицата на гувернерката во северен Мичиген, за да ја киднапираат, да ја врзат, и потоа да разнесат мост, за да побегнат од полицијата.
Главни сведоци на обвинителството се Таџ Гарбин и Калеб Франкс, кои исто така, беа обвинети, но се изјаснија за виновни за заговорот. Тие ќе сведочат од страната на обвинителството.