10.8 C
Скопје
6 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

УЧЕСТВОТО НА ЖЕНИТЕ ВО ПОЛИТИЧКИОТ ЖИВОТ

Особено загрижува податокот што во моментот ниту една жена не извршува некоја од највисоките партиски функции во рамки на најголемите политички партии во државата. Имајќи го во предвид фактот дека токму политичките партии се појдовна точка од која понатаму се регрутираат кадри кои што ги извршуваат највисоките и најодговорни државни функции, можеме да заклучиме дека учеството на жената во партискиот живот има повеќе симболично значење со цел да се запази потребниот минимум и формалниот аспект на родовата еднаквост, наместо нејзиното реално учество и застапеност на највисоките партиски позиции во чии што рамки се носат партиските одлуки

Пишува: Катерина Топалова

Учеството на жените во политиката е признаено како човеково право неопходно за глобалниот напредок. На светско ниво, за прв пат е признаено во 1956 година и е гарантирано со Универзалната декларација за човекови права (ОН, 1956, Член 21). И покрај постепенот напредок остварен во последните дваесет години, резултатите се далеку од задоволителни, ако се има предвид дека денес жените сочинуваат 22,2% од националните парламенти. Само две земји имаат постигнато еднаквост, девет земји имаат застапеност помеѓу 40 и 50% и 28 земји имаат застапеност помеѓу 30 и 40% (ОН, 2015). Родовата еднаквост претставува исклучително актуелна тема која што се наметнува во секојдневниот живот. Оваа тема е присутна во бројни истражувања и анализи. Како илустрација, постоењето на разликите во родовата застапеност е нотирано во Извештајот за Глобалниот родов јаз (Global Gender Gap report). Во овој извештај Република Македонија е рангирана на 70 место (од вкупно 142 земји) со резултат од 0,694 на скалата од 0 (нееднаквост) до 1 (еднаквост), при што најнизок резултат од 0.174 е добиен за политичко зајакнување.

Истражувањето – студија на проектот спроведен од страна на РЕАКТОР, ги перцепираат многуте родови разлики на патот на жената до политичката кариера, вклучувајќи ги и амбициите, перцепциите и личните ставови. Истражувањето покажува дека четири главни фактори го попречуваат постигнувањето на паритет во политиката во Македонија. Првата од нив е дека политичките партии ги попречуваат и дискриминираат жените, систематски дискриминирајќи ги во рамките на партиите, како и во процесот на регрутирање за општинските совети. И иако начините на кои политичките партии регрутираат и во тој процес ги дискриминираат жените се разликуваат, диксиминацијата е утврдена кај секоја од водечките политички партии. Вториот фактор е ограничениот број на предложени кандидатки и постриктен список на потенцијални кандидатки. Политичките партии регрутираат жени само од мала група на потенцијални кандидати. Најпрво, истражувањето покажува дека мнозинството од советничките (69%) се вработени. Ако се земе предвид дека на пазарот на трудот во Македонија само една третина од работоспособните жени се вработени, ова претставува ограничувачки фактор за жените. Второ, истражувањето покажува дека помеѓу советничките и советниците постои разлика, особено кога станува збор за експертските позиции, при што скоро две третини од жените на политички функции се експерти, научници или едукатори.

Покрај тоа, 70% од жените на функција работат во јавната или пак државната администрација (споредено со 43% на национално ниво). Ова укажува на фактот дека партиите регрутираат жени од само многу мала група на професии. Третиот фактор е жените се се уште тие кои главно се грижат за домашните обврски и децата. Домашните обврски исто така ги попречуваат амбициите на жените да се кандидираат за функција. Истражувањето укажува на тоа дека жените многу повеќе гледаат негативно на тие активностите во споредба со мажите, и наведуваат многу поголеми лични компромиси, како што е отсуствувањето од семејството, споредено со мажите. Четвртиот фактор наведува дека родовата еднаквост се уште исклучиво се смета за „женско прашање“. Мажите, општо земено, не се вклучени во реформите. Постои непропорцијална незастапеност на мажите во локалните комисии за родова еднаквост, како и меѓу координаторите за родова еднаквост во рамките на националните и локалните тела. Ситуацијата е слична и кај политичките партии.

Ако се гледа застапеноста на жените во парламентарните состави од 1990 до 2020 година, Документот за јавна политика бр.31/2020 ни ги нотира следниве заклучоци: Во првите три повеќепартиски избори во државата, во 1990, 1994 и 1998 година, женската застапеност во Парламентот била помеѓу 3 и 8%. Со ваквата поставеност на парламентарните состави, женскиот глас останал надвор од Парламентот. Оваа ниска застапеност се должи пред се на малиот број на предложени кандидатки од политички партии на листите за избор на пратеници. Овој проблем бил адресиран со неколку законски регулативи и измени. Така, со Законот за избор на пратеници од 2002, се воведува квота од најмалку 30% учество на помалку застапениот пол на кандидатските листи за избор на пратеници.

Законската рамка подоцна била прилагодена и со измените во Изборниот Законик од 2006 година, со што била предвидена одредба со која во поднесената листа на кандидати за избор на пратеници на секои три места, едно место му припаѓа на помалку застапениот пол. Изборниот Законик претрпел измени и во 2014, кога согласно измените, доколку на жена избрана од кандидатска листа и престане мандатот, на нејзино место доаѓа следната кандидатка од листата – жена и во 2015, кога квотата за застапеност на жените во кандидатските листи била зголемена на 40%. Воведувањето на овие регулативи, било последица на слабата (непостоечка) волја од страна на политичките партии за вклучување на жените во парламентарните состави. Ваквите измени во нормативната рамка, довеле до зголемување на бројот на пратенички во Собранието. Процентот на избрани пратенички во парламентарниот состав од 2002 изнесува 18%, додека во наредните парламентарни состави, биле избрани од 31 до 33% пратенички.

Поволната законска рамка, која е постојано унапредувана со текот на годините, претставува солидна основа за унапредување на застапеноста на жените во Собранието. Сепак, потребни се дополнителни напори и практики кои ќе ја надополнат регулативата со цел ова унапредување да не биде стерилно, туку суштинско. Зголемување на демократизацијата на политичките партии, со посебен акцент на родово сензибилизирање и вклучување на жените во раководните позиции, значително ќе придонесе кон јакнење на застапеноста на жените во парламентот. Зголемување на бројот на пратенички во Собранието до 50%. На овој начин застапеноста на жените во Собранието ќе ја преслика демографската слика во државата. Зголемувањето на бројот на пратенички во Собранието ќе подразбере и зајакнување на нивната моќ и влијание во креирањето на соодветни регулативи и политики. Друг начин секако би бил повторна интервенција во Законот и зголемување на квотите за минимална застапеност на жените на кандидатските листи на 50%. Воведувањето на отворени партиски листи, со загарантирани квоти, исто така може да придонесе кон зголемување на бројот на пратенички во Собранието.

Од направената анализа може да заклучиме дека постои нагорен тренд во застапеноста на жената во севкупниот политички живот. Во однос на вклученоста во политичките партии, заклучок е дека жените се застапени во рамки на највисоките партиски органи, но недоволно за да може да говориме за целосна родова еднаквост. Особено загрижува податокот што во моментот ниту една жена не извршува некоја од највисоките партиски функции во рамки на најголемите политички партии во државата.

Имајќи го во предвид фактот дека токму политичките партии се појдовна точка од која понатаму се регрутираат кадри кои што ги извршуваат највисоките и најодговорни државни функции, можеме да заклучиме дека учеството на жената во партискиот живот има повеќе симболично значење со цел да се запази потребниот минимум и формалниот аспект на родовата еднаквост, наместо нејзиното реално учество и застапеност на највисоките партиски позиции во чии што рамки се носат партиските одлуки, се вели во заклучоците од анализата „Жените во политиката“објавена од Универзитеот „Гоце Делчев“ во Штип.  Анализата покажува дека постои поголема застапеност на жената во законадавната власт на крајот од мандатниот период отколку на почетокот од мандатот како резултат на изборните резултати. Заклучок е дека оваа зголемување на учеството на жената е резултат на нејзината помала вклученост во извршната власт. Попрецизно кажано, значително помал број на жени преминуваат од законодавната во извршната власт, во споредба со избраните пратеници од машки пол,.

Од анализата на застапеноста на жената во законодавниот дом по политички партии, со мали исклучоци, генерален заклучок е дека во пратеничките групи на политичките партии, односно коалиции, има поголема застапеност на жените кога партијата/коалицијата е на власт отколку што тоа е случај кога партијата е во опозиција. Овој заклучок се однесува на состојбата на крајот од мандатниот период на еден парламентарен состав. На овој начин уште еднаш се потврдува заклучокот дека многу е поголем трансферот на избрани пратеници од законодавната во извршната власт во споредба со избраните пратенички.

Заклучоците и согледувањата за учеството на жените во јавниот и пред се во политичкиот живот во Северна Македонија, генерално се идентични во сите истражувања и студии кои ја обработуваат оваа проблематика. Така и научно истражувачкиот труд/ студија – Политичко учество на жените во Северна Македонија, во издание на Вестминстер фондацијата го заокружува погоре изложеното, осврнувајќи се детално на сите аспекти од темата.

 

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА:

 

  1. ПОЛИТИЧКО УЧЕСТВО НА ЖЕНИТЕ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, Вестминстер Фондација, 2019
  2. ЖЕНИТЕ ВО ПОЛИТИКАТА, Реактор – NDI,
  3. Застапеноста на жените во собраниските состави во Република Македонија (1990 – 2020), Краток документ за јавна политика бр.31/2020.
  4. ЖЕНИТЕ ВО ПОЛИТИКАТА, Годишен зборник, Универзитет Гоце Делчев – Штип, 2019
  5. ЖЕНИТЕ ТОА ГО МОЖАТ, Основни концепти на родовите односи, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во Р.М.

 

Related posts

KРИЗА НА ЛИДЕРСТВО, ВИЗИЈА, МОРАЛ ИЛИ НА СЀ ЗАЕДНО?

ninja

ДРЖАВАТА НЕ СЕ ГРИЖИ ДОМАЌИНСКИ ЗА СВОЈОТ ИМОТ

ninja

ЕУ организира 6 нови хуманитарни летови со воздушен мост за Газа

admin

Србија преку авионски линии ќе се поврзува со САД

admin

Николоски: Курти е најпопуларниот албански политичар, тој е со сите што се против ДУИ и Ахмети

admin

ПРОТЕСНА НОТА ОД БУГАРИЈА ПРИМИЛА МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДОРКА ВО СОФИЈА

ninja