23.8 C
Скопје
27 јули, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

ВИСТИНСКО ВРЕМЕ ЗА ПРЕБРОЈУВАЊЕ И ИЗЈАСНУВАЊЕ?

Пишува: Драган Тилев

 

Живееме во време-невреме, време на војна која се случува до нас и над нас, и никој не може да гарантира дека утре нема да дојде и кај нас. И тоа токму кога помисливме дека ќе има само мир, дека ќе се движиме само напред и ќе имаме се повеќе, реалноста ни ги врати сликите на војната, разурнувања, човечки страдања, не врати наназад и не предупреди дека утре може да имаме многу помалку од колку што се надвеваме и дека иднината е понепредвидлива од било кога до сега.

Ова се времиња кога не можете да стоите на страна и да не се изјасните за што се залагате, за кого сте, за каква иднина се борите. Време е и за рекапитулација, да се препровериме за што сме се вложувале сите изминати години, до каде сме стигнале, што сме постигнале, дали сме можеле повеќе и подобро. Време е да се преслушаме и каде сме погрешиле, оти безгрешни нема, само е прашање колкава е штетата и дали е надоместлива.

Затоа, од мој личен агол, со моите товари и размисли се изјаснувам по неколку прашања кои се дел од мојот секојдневен професионален и личен анагажман.

Триесет и седум години се залагам и се вложувам, најмногу што можам, за правна држава, праведно општество, семејни вредности и почитување на колективни и индивидуални права, и сето тоа вградено во евро-атлантската ориентација на мојата држава. Станавме членка на НАТО, но не успеавме да ги започнеме пристапните преговори за полноправно членство во Европската Унија. Сите успеси се колективни и институционални, оти во вакви масовни и масивни процеси ништо не можете да постигнете сам, но секој мој неуспех како дел од тие процеси е лично мој, оти на крајот секоја одлука ја носи секој сам за себе, добра или лоша, исправна или погрешна.

Дваесет и пет години максимално посветено, ќе додадам, и со големо задоволство, имам привилегија да работам на нашиот евроинтегративен процес, и на национално, и на регионално и на меѓународно ниво. Постигнавме многу во комплексни околности, нема да набројувам, но ќе издвојам, Спогодба за стабилизација и асоцијација од 2001, заедно со Охридскиот договор, земја кандидат за членство од 2005 година, потполно спремни како држава за почеток на пристапните преговори од 2009 година, а конечно од 2020 година имаме и Одлука на Советот на ЕУ (од сите 27 земји членки на ЕУ), за почеток на пристапните преговори. Патот е невообичаено долг, исполнет со според нас неправди, двојни стандарди, меѓународни притисоци, но доколку сме и малку искрени ќе признаеме дека дозволивме и многу наши грешки, со што процесот самите го направивме неодржливо долг и спор, а веќе и многу помалку атрактивен за младите. Тоа мора итно да се промени, бидејќи последиците ќе бидат крајно и трајно негативни и долгорочни. Работа на политичарите е да носат одлуки, затоа се избрани, а проверката дали одлуките се добри или не, се врши на демократски избори.

Често пати истакнувам дека аплициравме за полноправно членство во 2004 година и нагласувам дека никој нема мандат ниту сме му дале право да преговара за било што друго освен полноправно членство во ЕУ. Оној момент кога ЕУ ќе стави јасно до знаење дека не не сака внатре како рамноправен чинител или кога ќе ни понуди официјално поинаква форма на партнерство, тогаш ќе мора да отвориме широка општествена дебата, да се изјасниме како општество во целина (зошто да не, и референдумот е демократско средство на изјаснување) и да се одлучиме што е најдобро за нас и каде се нашите државни интереси најбезбедни и најзаштитени, но и каква форма на соработка преферираме. Партнерството мора да биде фер и двострано, само така може да трае.

Формално правно, според правилата на основачкиот договор на Унијата, Преговарачката рамка како клучен документ за пристапните преговори на Европската Унија со Република Северна Македонија, е унилатерален документ со кој земјите членки на Унијата ги дефинираат условите под кои ќе бидеме примени како полноправни членки во Унијата. Она што ќе биде дефинирано во Рамката, станува дел и од идниот Пристапен Договор, да немаме дилеми околу тоа и да не се надеваме на флексибилност, промени во од и слично на тоа. Тоа едноставно нема да може и ќе биде невозможно. Преговарачката рамка се усвојува со едногласност (не со консензус) од страна на сите земји членки, заедно со Општата позиција со кој се отвора Меѓувладината конференција, а истата ќе се затвори тогаш кога сите услови од Преговарачката рамка ќе ги прифатиме и имплементираме во целост, што ќе биде правно оформено во Пристапниот договор, парафирано од двете страни, ратификувано и поминато на Референдум кај нас (а веројатно и во Франција).

Да не заборавиме дека преговорите треба да се одвиваат според новата Методологија (6 кластери, 33 поглавја), низ Меѓувладината конференција која ќе остане отворена се до затворањето на сите поглавја и кластери.

Иако Преговарачката рамка е унилатерален документ на Унијата, секогаш стои и опцијата доколку процениме дека со условите предвидени во неа за наш прием во ЕУ, се загрозени нашите државни и национални интереси, теоретски да не ја прифатиме и да одбиеме почеток на преговорите. До сега тоа не се случило од страна на апликантот, но не е исклучена и таа можнпст како последица на евентуален револт и израз на незадоволство од наша страна. Постојат примери кога земји се премислуваа (Норвешка) или пак ги прекинуваа веќе започнатите пристапни преговори (Исланд), или пак чии преговори беа замрзнаати од страна на Унијата (Турција), но причините и околностите во овие случаи се сосема ралични од нашиот.

Затоа, лично сметам дека за да влеземе во „нормални“ пристапни преговори, без усилување и без тензии кои за нас може да имаат долгорочни несакани последици, врз основа на моето искуство во процесот и техничкото познавање на неговиот тек, мора да се направи уште еден напор.

Лично сметам, како и низа други екепсрти во оваа област, дека во Преговарачката рамка не смее да прифатиме да се вклучат механизми за мониторинг на имплементација на билатералните договори со Бугарија и со Грција. Такви механизми веќе постојат одделно во секој од билатералните договори (ништо не не попречува да ги активираме, доколку двете страни имаат подеднакво искрени намери). Добрососедските односи и регионалната соработка се предмет на Процесот за стабилизација и асоцијација преку телата на ССА, каде редовно може да се опсервираат и за сите отоворени прашања и пројавени дилеми да се заема став помеѓу двете страни со учество и на сите тела на Унијата,

Исто така, сметам дека Преговарачката рамка не смее да ја менува веќе дефинираната стандардна формулација за превод на европското право на македонски јазик, ниту да упатува на формулацијата од билатералниот договор со Бугарија,бидејќи тоа ќе не однесе во ќорсокак. Воедно, ЕУ да даде појаснување на кој начин во Преговарачката рамка ќе се внесат и поглавјата 34 и 35 (тие не се дел од новата Методологија), а при преговорите на поглавјето 34 (Институции), потребни се гаранции дека македонскиот јазик ќе биде признаен без никакви условувања како еден од официјалните јазици на Унијата.

Сметам дека Унијата, пред се Франција и Германија, има простор и треба да гарантира дека нема да дозволат иницирање на Процедура за корективни мерки (согласно Преговарачката рамка) врз основа на било какви барања поврзани со имплементација на билатералните договори. Не смее да се билатеризира европскиот пристапен процес ниту на овој начин за нас преговорите да се направат практично невозможни.

Сугерирам дека Уставните измени поради барањето на Бугарија за вметнување на Бугарите како дел од преамбулата (со Хрватите и Црногорците) не смее да бидат оптоварени со било кои други барања за отворање на Уставот. Измените на Уставот да се иницираат со првата Меѓувладина Конференрција (МВК), да се реализират во најбрз рок билатералните скрининзи за сите кластери и поглавја, а уставниот процес да се затвори паралелно и во моментот на отворањето на Кластерот Фундаменти/Темели.

Заради заштита на основните индивидуални човекови права, сметам дека Бугарија треба да гарантира почитување и имплементација на важечките пресуди на Судот за човекови права на Советот на Европа, како и насоките на Советот на министерско ниво.

Во контекст на ненагризување на идентитетските темели, неопходно е и тоа да Советот на ЕУ гарантира заштита на ИСО кодот за нашата држава „МК и МКД“, како и негова употреба во секоја ситуација кога се користи акроним за нашата држава, и не само за статистички потреби, како би се избегнала натамошна политизација на нешто што е оддамна постигнат резултат и општоприфатена меѓународна норма.

Би било од огромна корист да добиеме и гаранции од Франција и Германија (придружени од други земји членки кои би можеле да помогнат), дека Комисијата за историски и образовни прашања ќе продолжи со работа без било какво политичко влијание, со вклучување (по потреба) на историчари експерти за дадените временски периоди кои се предмет на работа на комисијата, со споделување на искуства во надминувањето на различните толкувања на исти историски настани или личности за кои двете страни (а некаде и трети страни) имаат свое различно видување или толкување за нивната улога и дејствување. Вклучувањето на на Советот на Европа и неговите специјални комисии и експертиза може да биде исто така од помош.

И на крајот сметам дека работата на Комисијата за историски и образовни прашања не смее да биде поврзана со темпото на пристапните преговори, туку треба да ја следи динамиката, процесот и процедурата на толкување и докажување на факти за настани и личности низ призма на современ научен мултидисциплинарен пристап и при тоа, мора да остане само дел од механизмот за имплементација на Договорот за добрососедство и со тоа и на мониторингот на нивната работа и резултати.

Веројатно времето-невреме е такво да бара изјаснување и појаснување по уште многу други теми и дилеми, но просторот ги ограничува можностите, што не не спречува да ја продолжиме дебатата и дијалогот и на друго место и низ други форми на интеракција.

 

Овој текст е напишан исклучиво за КДПолитик. При секое превземање да се потенцира изворот.

Related posts

Загрижувачкиот тренд на намален кредибилитет кај граѓанското општество во Северна Македонија

admin

Тешка стратешка грешка

admin

Европска бајка

admin

Грција: Нов политички пејзаж

admin

ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО ВО ЕВРОИНТЕГРАЦИСКИОТ ПРОЦЕС

admin

Заострувањето на руските санкции од страна на Западот е знак на неуспех

admin