11.8 C
Скопје
4 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Тешка стратешка грешка

Со пречекот на Пендаровски, Вучиќ ја засили перцепцијата на мнозинството етнички Македонци дека „Србија е најголемиот пријател, додека Бугарија е најголемата закана“.

Пишува: Џелал Незири 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера го пречека “како што доликува” својот македонски колега, Стево Пендаровски. Двајцата се сретнаа во манастирот Прохор Пчињски, каде на 2 август 1944 година беа поставени темелите на македонската држава и беше кодифициран македонскиот јазик. Откако го придружуваше таму, Вучиќ заедно со Педаровски отпатува за Врање на заеднички ручек. За да покаже блискост и братство, Вучиќ дури објави фотографија на својот Инстаграм профил на која напиша: „Со Стево Пендаровски на пат за Врање, каде ќе го угостиме како што доликува – српски специјалитети и нашите најдобри вина од државите и нашите братски народи. Да живее пријателството на Република Србија и Северна Македонија“.

Со прекројувањето на границите на југословенските републики, манастирот Прохор Пчињски и припадна на Србија, иако се наоѓа многу блиску до границата со Северна Македонија. Од 2004 година, Српската православна црква (СПЦ)  и забрани на Скопје да организира било какво обележување, со што беше оневозможена посетата на македонските политичко-црковни делегации во местото во кое е родена Републиката. Оваа одлука на СПС имаше поддршка и од политиката во Белград, која сакаше да го задржи своето влијание во РСМ преку неприфаќањето на Македонската православна црква (МПЦ) и формирањето на нова црковна институција, паралелна со МПЦ. Српско-македонскиот црковен спор во голема мера ги загрози односите меѓу народите, бидејќи неприфаќањето на МПЦ подразбираше неприфаќање на македонскиот етнички идентитет. За разлика од идентитетот на Албанците, идентитетот на народите од православна вероисповед како столб ја има и автокефалноста на црквата. Значи црквата, јазикот, историјата, митовите, традициите и другите обележја се компоненти на македонскиот етнички идентитет.

Главниот пресврт се случи во 2020 година, кога Бугарија стави вето на интеграцијата на Северна Македонија во Европската унија (ЕУ). Ова вето, кое доби поддршка од сите бугарски политички партии, беше проследено со зацврстување на тоновите во насока на негирање на јазикот и историјата на Македонците, тврдејќи дека пред 1945 година тие не постоеле како такви. Се чини дека ова беше долгоочекуваниот момент од Белград. Влијанието и контролата врз Македонија е извор на ривалство меѓу Бугарија и Србија од 1878 година, кога двете земји добија автономија од Отоманската империја како резултат на поразот од Русија. Заострувањето на пристапот на Бугарија го поттикна стратешкото омекнување на Србија. Минатата година СПС ја прифати автономијата на МПЦ, со што реши повеќе децениски проблем. Со ова се стави крај на периодот на оспорување на македонскиот етнички идентитет, но во исто време се означи и почетокот на „Српско-Македонското братство“. Овој наратив проникна и на вчерашната средба меѓу Вучиќ и Пендаровски. Во време кога Бугарија во медиумите се претставува како сè понепријателска кон Северна Македонија,  српскиот народ се нуди како брат кој „ги штити загрозените Македонци“.

Овој стратешки пристап на Белград се чини дека ги дава очекуваните резултати. Ова го покажуваат речиси сите кредибилни мерења на јавното мислење. Во истражувањето на тинк-тенкот „Евротинк“ со седиште во Скопје, може да се види дека 70,7 отсто од поддржувачите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицковски сметаат дека Бугарија е најголемата закана за Северна Македонија. Во СДСМ на премиерот Димитар Ковачевски овој процент е уште поголем, односно 80,9%, иако оваа партија промовира уставни измени со цел во Уставот да ги вклучи етничките Бугари. Гласачите на ДУИ на Али Ахмети (58,7%), Алијансата за Албанците на Арбен Таравари (68,2%), БЕСА на Билал Касами (61,4%) ја гледаат Бугарија како закана, додека помал е процентот на симпатизери на ДПА на Мендух Тачи (24%) кои негативно ја перцепираат Бугарија. Генерално, 71,5 отсто од Македонците и 55,6 отсто од етничките Албанци ја гледаат Бугарија како закана.

Што се однесува до тоа која е најпријателската земја за Северна Македонија, на прво место, како што може да се очекува, во последните анкети е Србија. Ова мислење го делат 58,2 отсто од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, 41,9 отсто од СДСМ, 48,9 отсто од Левица на Димитар Апасиев. НАТО, ЕУ, САД, Косово и Турција се сметаат за попријателски настроени кон Македонија кај поддржувачите на албанските партии.

Тоа значи дека промената на курсот на Софија кон Скопје во 2020 година, кога Бугарија од силен поддржувач во процесот на евроатлантските интеграции се претвори во непоколеблив блокатор, беше погрешен стратешки потег кој тешко може да се поправи. Или како што рече тогашниот премиер Зоран Заев, тоа е „тешка стратешка грешка“.

Со пречекот на Пендаровски, Вучиќ ја засили перцепцијата на мнозинството етнички Македонци дека „Србија е најголемиот пријател, додека Бугарија е најголемата закана“.

Related posts

Денес не треба никој пред никого да клечи 

admin

СТРАШНОТО ЛИЦЕ НА ТОТАЛИТАРНАТА ДОГМА

admin

Да се подготвиме за забрзување на историјата

admin

Во 2023 имавме нова епидемија од стар вирус: корупција

admin

Европско државјанство за луѓе од Турција, Украина и Велика Британија? Зошто да не?

admin

ЗИГЗАГ: ОМРАЗАТА КАКО АДУТ ЗА ПОБЕДА НА ИЗБОРИ

admin