25.8 C
Скопје
21 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО ВО ЕВРОИНТЕГРАЦИСКИОТ ПРОЦЕС

Поддршката што ЕУ им ја дава на граѓанските организации во Северна Македонија во последните две децении е непобитна, континуирана и клучна, а, како резултат, дел од граѓанските организации имаат изградено капацитети на задоволително ниво, стекнато експертиза во однос на реформите поврзани со проширување, но и воспоставено канали и мрежи на соработка со институциите на национално, регионално и европско ниво.

Пишува: Катерина Топалова

Учеството на граѓанското општество во формулирањето и спроведувањето на јавните политики се смета за главна карактеристика на политичкиот живот ширум светот, чија основна цел е да овозможи значајно и структурирано учество на граѓанското општество, кое ја изразува перспективата на граѓаните, со цел да се влијае на реформите во клучниот сектор во процесот на пристапување во ЕУ, кога станува збор за Македонија.

Граѓанското општество во Македонија покажува голем интерес за учество во сите процеси на интеграција на С. Македонија во ЕУ. Сепак покрај подготвеноста за учество, важно е да се потенцира дека постојат многу различни практични проблеми, на кои треба да се обрне сериозно внимание, со цел попродуктивен придонес на граѓанскиот сектор во интегративните процеси. Процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ поттикна голем број законодавни и политички реформи кои имаат за цел подобрување на соработката помеѓу владата и граѓанските организации. Стратегиите за Соработка на Владата со граѓанското општество (2007–2011 и 2012–2017) насочува дека е во интерес на владата да го олесни развојот на граѓанското општество и да го зајакне вземното партнерство. Во овој дух, во 2011 г. Владата, усвои Кодекс на добри практики за вклучување на граѓанското општество во креирањето политики, кој ги дефинира средствата преку кои ефективна соработка меѓу владата и граѓанските организации може да биде воспоставена преку информативни сесии, консултации, дијалог и партнерство.

Сите овие напори беа особено охрабрени од ЕУ – интегративниот процес во Македонија, поради што подобрувањето на соработката на владата со граѓанското општество е исто така дел од Националната стратегија за интеграција во ЕУ. Меѓутоа, праксата покажа дека не секогаш граѓанските организации се информирани или  консултации за јавните политики со владата и институциите. Сепак, важно е да се напомене дека недоволните професионални капацитети и експертиза на граѓанскиот сектор е исто така легитимно оправдување за нивното ограничено влијание врз јавната политика.

Главните предизвиците со кои се соочува граѓанскиот сектор како и водечките државни инстутуции (Собрание и Влада) се  зајакнувањето на  Секторските работни групи, Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество и преговарачките тимови како институционални механизми за консултации помеѓу граѓанското општество и владата, со цел да се овозможи ефективно влијание на граѓанското општество врз клучните секторски реформи во пристапот во Евроинтегративниот процес; како и зголемување на влијанието на граѓанското општество врз секторските политики преку обезбедување на придонес за политиките засновани на докази за клучните секторски реформи во процесот на пристапување во ЕУ.

Предизвиците на граѓанскиот сектор, кога станува збор за евроинтегративниот процес се насочени директно кон почитување на принципите на транспарентност, одговорност и активно учество во целосниот процес. Да се отвори широк процес на консултации и дебата, за сите прашања од важност за преговорите, вклучително и прашања кои обично се гледаат како само подготвителни. Иницирање на процес за измена на постоечките закони и политики и нивно прилагодување со ЕУ регулативата како и натамошно врамување во институционална рамка. Користење на капацитетите на граѓанскиот сектор за идентификување и приоретизирање на прашања и области од важност, како и развој на стратешко планирање. Креирање реални и спроведливи акциски планови, како и извештаи за сите важни случувања во врска со преговорите, а следствено и објавување податоци кои ќе овозможат ефективно следење на процесот.

За успешниот евроинтегративен процес, граѓанскиот сектор смета дека исто така важно е континуираното и целосно искористување на постоечките правни механизми за консултации за акти, преку онлајн алатки обезбедени од владата за сите прашања од значење за преговорите со ЕУ, како и повратни информации за консултациите и постојано ажурирање за напредок на преговорите. Известувајњето за исходот од вклученоста во овие процеси, преку достапни печатени и онлајн медиуми, како и преку извештаи и состаноци со меѓународни претставници, вклучително и оние од ЕУ.

За разлика од претходните проширувања на Унијата, овој пат, земјите членки сакаат да се осигураат дека новите членки нема да ги внесат своите нерешени внатрешни „проблеми“ во Унијата, поучени од искуствата поврзани со делумно неуспешната интеграција и реверзибилноста во делот на демократизацијата и владеењето на правото, кај некои од поновите земји членки. Ова е отсликано и во новата методологија за зајакнати пристапни преговори. Оттука, и Скопје и Брисел се исправени пред предизвикот пристапниот процес да биде легитимен, ефикасен, ефективен, успешен и одржлив и по зачленувањето на Северна Македонија во Унијата во догледна иднина. И покрај тоа што преговорите се неформално започнати, извесно е дека Северна Македонија ќе треба да ја усогласи својата постоечка преговарачка структура со новата ревидирана методологија, во која ќе треба да бидат соодветно вклучени и граѓанските организации.

Граѓанските организации се партнер на Унијата во процесот уште од самиот почеток, а Брисел на нив гледа како суштински агенс на европеизација на државата и целиот регион. Доколку и националните институции, пред сè Владата и Собранието, го прифатат истиот пристап и ги препознаат како свои партнери, тогаш значително ќе ги подобрат шансите за вистинска трансформација на општеството. Поддршката што ЕУ им ја дава на граѓанските организации во Северна Македонија во последните две децении е непобитна, континуирана и клучна, а, како резултат, дел од граѓанските организации имаат изградено капацитети на задоволително ниво, стекнато експертиза во однос на реформите поврзани со проширување, но и воспоставено канали и мрежи на соработка со институциите на национално, регионално и европско ниво.

Сепак, дополнителното усогласување и проширување на спектарот на финансиската поддршка на ЕУ со нејзината политичка поддршка е потребно, особено за Северна Македонија (а со тоа и за останатите земји од Западен Балкан кои се во истата фаза во пристапниот процес) која влегува во многу сложен и изискувачки процес на преговори, вели во заклучокот документот за застапување бр.32/2020, Граѓанските организации и европската интеграција на Северна Македонија, изработен од Институтот за демократија и Фондацијата Конрад Аденауер. Како заклучок, овој документ за застапување поддржува стратешко учество на граѓанските организации во пристапните преговори и транспарентност на пристапниот процес издвојувајќи три клучни препораки:

  1. Институционализирана вклученост на граѓанските организации во пристапните преговори и преку нивно учество во работата на Собранието во спроведување на неговата надзорна функција;
  2. Обезбедување транспарентност преку вклучување на јавноста и нејзино навремено информирање;
  3. Проширување и насочување на спектарот инструменти за финансиска поддршка за учеството на граѓанските организации во пристапните преговори од страна на Европската Унија и на Владата.

Граѓанското општество е клучна компонента на секој демократски систем и продолжува да се признава како такво од страна на државните институции. Силно и здраво граѓанско општество го претставува крвотокот на една демократија. Развојот на граѓанското општество е од клучна важност за негување и унапредување на демократските вредности на една земја, како и за поттикнување на граѓанската свест.[46] Во претпристапните преговори со ЕУ, потребно е граѓанските организации и Владата да изградат меѓусебна доверба и соработка каде што заеднички ќе дејствуваат, особено во реформите што се предвидени – токму ова ја претставува основата на процесот на преговори. Активностите за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и за создавање европско демократско општество кои се предвидени во претстојниот период, бараат позасилен ангажман не само од Владата, но и од целокупното општество, бидејќи ова е процес во кој секој граѓанин треба да даде свој придонес.

 

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА, ПУБЛИКАЦИИ И СТУДИИ:

 

  1. УЧЕСТВОТО НА ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО ВО КРЕИРАЊЕТО НА НАЦИОНАЛНИТЕ ПОЛИТИКИ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА.
  2. Civil society organisations and North. Macedonia’sEuropean 
  3. Civil Society in the EU Integration of the Western Balkans
  4. NATIONAL STRATEGY FOR EUROPEAN INTEGRATION OF THE REPUBLIC OF MACEDONIA
  5. Civil Society in Central and Eastern Europe: Challenges and Opportunities

 

Related posts

Дискурсот како моќ и триномот на Хабермас

admin

Владини фелери и опозициски блефери

admin

Дали Курти ќе ги победи политичките партии на Албанците во Македонија?

admin

БАЛКАНОТ КАКО ПОЛЕ НА АБСУРДНОСТА

admin

Европа треба да внимава што сака со Турција

admin

Општетсвото да се бори повеќе за медиумската саморегулација

admin