Забрзан економски раст, заштита на животната средина на ниво на европскиот просек и редефинирана енергетска политика, забрзување на дигиталната трансформација и промовирање на дигитална економија и образованието, младите и инклузивниот развој, се четирите приоритети на Рамката за развој МКД 2030 . Според претседателот Пендаровски, ова рамка не е кабинетски, туку теренски документ. “Експертите не го пишуваа изолирани во своите канцеларии, туку го создаваа преку широки консултации во инклузивен и транспарентен процес. Некои од нашите најдобри умови ни ја ставија на располагање својата експертиза и искуство. Над 60 организации и поединци од граѓанските здруженија, стопанските комори, академската заедница, медиумските и младинските организации, беа вклучени во различни фази од изработката на овој стратешки документ“, рече тој.
Пишува: Катерина Топалова
До 2030 година, Македонија мора да ги вклучи сите мотори кои ќе и донесат раст и развој, за да може да биде добро место за живеење. Претседателот Стево Пендаровски, истакна неколку приоритети на кои мора многу и забрзано да се работи.
Забрзан економски раст, заштита на животната средина на ниво на европскиот просек и редефинирана енергетска политика, забрзување на дигиталната трансформација и промовирање на дигитална економија и образованието, младите и инклузивниот развој, се четирите приоритети на Рамката за развој МКД 2030 .
– Корупцијата, клиентелизмот и сивата економија нè следат практично од независноста. Сегашниот развој е еколошки неодржлив, социјално неинклузивен, регионално неизбалансиран, енергетски ранлив. Закочените европски интеграции доведуваа до чести политички кризи, поларизација на општеството и партизација на институциите. Скромното државно вложување во истражување и развој ја намали продуктивноста, истакна тој.
Според него, дијагнозата на проблемите со кои со години се соочува земјата е загрижувачка, имаме скромен економски раст, ниско ниво на конкурентност и недоволна вклученост во меѓународните синџири на набавки.
– За да постои реална шанса за подобра иднина, од пресудна важност е клучните фактори во државната и општествена инфраструктура да стојат зад една, единствена визија за долгорочен развој. Токму поради тоа и го иницирав процесот за изработка на Рамката за развој МКД 2030 кој, иако најавен во втората половина на 2019, поради пандемијата дури сега имам задоволство да ви го претставам, рече Пендаровски.
Сето ова, продолжи Пендаровски, директно влијае врз растот на БДП, врз платите и врз животниот стандард на граѓаните, особено младите.
– Од бројните негативни податоци, ќе споделам само еден: во 2020 година околу 21,8 отсто од населението живеело под прагот на сиромаштијата, што е двојно повисоко споредено со просекот на ЕУ. Поради комбинираните ефекти на здравствената, енергетската и економската криза, таа бројка денес е повисока. Младите масовно се иселуваат, граѓаните станаа пасивни и аполитични, а недовербата во институциите хронична. Општеството ни е длабоко поделено, а перцепцијата дека е невозможно да се напредува врз основа на сопствените квалитети и способности е сеприсутна, подвлече претседателот.
Соочени со сите овие сериозни проблеми, додаде Пендаровски, си го поставивме следното прашање: како до крајот на оваа деценија да поттикнеме севкупен економски и општествен развој, да ја зголемиме довербата во институциите и да го намалиме иселувањето на младите и како да ја вратиме надежта кај луѓето?
Тој нагласи дека од остварувањето на оваа голема задача зависи дали ќе исполниме една од клучните цели наведени во преамбулата на Уставот, имено, дека државата се конституира за „да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.“
– МКД 2030 не е кабинетски, туку теренски документ. Експертите не го пишуваа изолирани во своите канцеларии, туку го создаваа преку широки консултации во инклузивен и транспарентен процес. Некои од нашите најдобри умови ни ја ставија на располагање својата експертиза и искуство. Над 60 организации и поединци од граѓанските здруженија, стопанските комори, академската заедница, медиумските и младинските организации, беа вклучени во различни фази од изработката на овој стратешки документ, рече тој.
Пендаровски детално ги образложи приоритетите во Рамката 2030, истакнувајќи оти се водело сметка и за најнегативните сценарија и најпесимистичките прогнози и токму поради тоа, рече тој, и очекувам МКД 2030 да го издржи тестот на времето.
– Од процесот кој траеше со месеци, беа искристализирани четири приоритети, со 166 конкретни препораки, групирани во 24 области. Првиот приоритет е забрзан економски раст. Тоа подразбира зголемување на продуктивноста, подигнување на конкурентноста на економијата, масивно вложување во иновациите и технолошкиот развој, нови домашни и странски инвестиции, намалување на сивата економија и формирање на флексибилен и динамичен пазар на трудот, рече Пендаровски.
Вториот приоритет, кажа претседателот, е заштита на животната средина на ниво на европскиот просек и редефинирана енергетска политика, истакнувајќи дека квалитетот на животот и на здравјето директно зависи од квалитетот на животната средина.
– Во тие рамки зборуваме за квалитетен воздух, развивање на ефективен систем на управување со отпадот и интегрирано управување со водите, заштита на природата и биодиверзитетот. Редефинираната енергетска политика ќе треба да биде долгорочно насочена кон задоволување на внатрешните потреби, пред сѐ, од обновливи извори на енергија, и истовремено да биде отпорна кон надворешните енергетски шокови, истакна Пендаровски.
Третиот приоритет, посочи претседателот, е дигитализацијата, што е истовремено е и цел самата за себе, но, и средство за постигнување на другите развојни приоритети. Оттука, рече Пендаровски, неопходно е забрзување на дигиталната трансформација и промовирање на дигитална економија и образование, целосна дигитализација на јавните услуги, подигнување на дигиталната писменост и форсирање на многу посилен развој на македонскиот ИТ сектор.
– Четвртиот приоритет се образованието, младите и инклузивниот развој, три области кои се органски поврзани. За да излеземе од надолната спирала на сиромаштија, социјална исклученост и масовно иселување, потребно ни е образование адаптирано на потребите на пазарот на трудот. Приоритет е да работиме на намалување на сиромаштијата и на социјалната исклученост, да развиваме современи културни политики, да промовираме почитување на човековите права, и да вложуваме во медиумската писменост неопходна за разликување на вистината од лагата, нагласи претседателот.
Овие четири приоритети, посочи Пендаровски, се меѓузависни и подеднакво важни за развојот на Северна Македонија и затоа треба да се имплементираат, истовремено, без нивно рангирање.
Тој изрази очекување дека како рамка што се фокусира на големата слика, МКД2030 треба да биде вградена во деталната Национална стратегија за развој 2022-2042 што ја изработува Владата и на тој начин, рече Пендаровски, МКД2030 ќе биде гаранција за континуитетот на секторските политики, независно од идните промени на политичките гарнитури на власт.
– Оваа мапа ќе им помогне на сегашните и на идните креатори на политики да не отстапат од дефинираната патека и да не заглават во авторитарни и популистички води што сигурно ќе го компромитираат долгорочниот развој на државата, но, и нејзината стабилност. Како натпартиска платформа, МКД 2030 може да послужи како основа за надминување на длабоките поделби преку симболична обнова на општествениот договор. Развојните приоритети ќе треба да бидат почитувани од секоја идна власт, и да важат за сите, подеднакво. На тој начин, МКД 2030 може да биде продуктивен дел од процесот на граѓанското помирување, порача Пендаровски.
Тој исто така очекува МКД2030 да поттикне и дебата околу понудените предлози и да ни помогне во јавниот дискурс, наместо врз небитни дневнополитички епизоди, енергијата да ја трошиме на размислување и делување за реализација на долгорочните развојни политики. – Ние самите одлучуваме дали ќе стагнираме или ќе напредуваме. И во времиња кога на дневна основа мораме да менаџираме повеќе кризи одеднаш, не смееме да ги изгубиме од предвид виталните национални стратешки приоритети, а, тие се, до крајот на оваа деценија заеднички да посведочиме на севкупен економски и општествен развој, на поголема доверба во институциите и драстично помало иселување на младите, рече тој.
Некогашниот министер за финансии и аналитичар Џевдет Хајредини рече дека Рамката МКД 2030 ќе биде корисна ориентација сите надлежни органи, Владата, па и другите политички субјекти во државава од претседател да се слушне што е тоа што е најбитно во наредните години да се направи во Северна Македонија во областа на економијата.
– Мене ми е најважно ова да го истакнам затоа што тоа е премногу пропуштено досега, а веќе ситуацијата во Македонија била таква да ние сме можеле и повеќе нешто да сториме во тој смисол и овие објективни причини што сега ни дојдоа и ни ја зголеми кризата може ќе беа многу помали во тој однос према овие два столба на економскиот живот и на животот на луѓето – енергијата и храната каде што е можно повеќе државата да биде понезависна од странските интервенции, оцени Хајредини.
Претседателката на МАСИТ Анета Пешева рече дека како Комора МАСИТ дале еден придонес со конкретни мерки што би требало во државата да се направи во однос на дигитализацијата и дигиталната трансформација.
– Денес без таков еден процес не би било возможно да се следат светските трендови. Една од основните работи што ние треба да размислиме и да направиме е да ги внесеме младите во работи во државата каде што е потребна дигитализација. Ние имаме многу добар млад кадар што сега во моментот работи повеќе на систем што е за странски држави наместо тие млади луѓе да ги искористиме во државата. Треба да се потегне една голема иницијатива од сите нас за да можеме да ги задржиме тие млади луѓе и секако да ги употребиме за добро на државата т.е. да се направи една навистински добра дигитална трансформација и дигитализација на сите процеси што сега многу ни недостасува, оцени Пешева.
На промоцијата на Рамката МКД 2030 присуствуваа министри, амбасадори, професори, академици и претставници на невладиниот сектор.