25.8 C
Скопје
6 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Без ЕУ, С.Македонија ќе се дави во сопствениот корупциски измет

Пишува: Џелал Незири

Без отпочнување на преговорите со Европската унија (ЕУ), без отворање на првиот кластер „Фундаменти“, без отворање на поглавјата од овој кластер што се отвора на почетокот и се затвора на крајот на процесот, што значи радикални реформи во судството, администрацијата, финансиите, полицијата, безбедноста, економијата и секаде каде што би се овозможила функционална демократија, Северна Македонија НИКОГАШ, велам НИКОГАШ, сама не може да ги поправи дефектите кои произведуваат регресија и недостаток на перспектива.

Не се работи за желба, туку за можност. Во нашиот случај можноста значи свест. Нашата колективна свест го возвишува кршењето на законот, недопирливите ги издигнува во култ, го прави системот играчка за мали деца, алатка за исполнување на личните потреби, лек за лекување комплекси поврзани со социјалниот статус. Секоја партија што ќе влезе во централната власт, како прва „честитка“, ги добива списоците за вработување од ограноци и подограноци. Истото, и уште полошо, е присутно на локално ниво. Како да нема работа во приватниот сектор каде што во моментот се бараат над 10.000 работници со различни професии и занаети. Меѓутоа, во приватниот сектор се бара работа, додека во јавниот или државниот сектор – само послушност. Да не зборуваме за денот на изборите, кој личи на општа политичка берза каде партиите ја купуваат секоја можна „акција“.

Така доаѓаме до заклучок дека сите чекаат на ред да ја „молзат“ заедничката владина или општинската каса. Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи… сите без исклучок. Власта стана волшебната врата каде што влегувате како социјален случај и излегувате како бизнисмен. Тоа е најкраткиот пат до првиот милион. Да удриме клоца на сиромаштијата, нели?

Ова е нашата свест. Со оваа свест не се сузбива корупцијата, напротив – се поттикнува. Затоа, мора да дадеме се од себе за да ги започнеме преговорите. Да ги скршиме сите принципи, да ги прекршиме сите вредности, да ги вратиме сите азиланти, да им простиме на сите корумпирани ако треба, но барем да го започнеме процесот на вистинска реформација. Имавме повеќе од 30 години сами да се реформираме и можеме да видиме до каде стигнавме. Земјата не е во состојба сама, без процесот на пристапување во ЕУ, да се реформира, подобри, развива. Тоа не можат да го направат пратениците што се избрани од гласачите, министрите што се избрани од пратениците, судиите и обвинителите што ги избира Собранието. Сè произлегува од гласачите, од нивната свест. Не случајно ги имаме политичарите што ги имаме, судиите што ги имаме, полицијата што ја имаме, наставниците што ги имаме, па дури и медиумите што ги имаме. Се е одраз на мнозинството граѓани. Во Германија, на пример, на историскиот канцелар кој ги обедини двете Германии, Хелмут Кол, не му простија ниту заради непријавена донација за својата партија. Замислете што ќе му се случеше ако злоупотребуваше пари од заедничката државна или општинската каса.

Мора да бидеме утилитарни и да се фокусираме на целта. Доволно се преправавме дека сме деонтолози, водејќи сметка за акцијата и не забележувајќи дека не можеме да ја постигнеме целта. Мора да започнеме преговори со ЕУ, без разлика како ќе дојдеме до уставните измени кои произлегуваат од Францускиот предлог. Во спротивно, Северна Македонија ќе се удави во сопствениот корупциски измет.

Related posts

Tик ток, опасна мрежа или немоќ на системот да едуцира

admin

КОЈ ЈА ПЛАЌА ЦЕНАТА НА МЕДИУМСКАТА ЛАГА?

admin

Да беше Хичкок жив…

admin

ЗИГЗАГ: ОМРАЗАТА КАКО АДУТ ЗА ПОБЕДА НА ИЗБОРИ

admin

За посетата на Курти

admin

ВИСТИНСКО ВРЕМЕ ЗА ПРЕБРОЈУВАЊЕ И ИЗЈАСНУВАЊЕ?

admin